Осип Мандељштам (умрел од глад во логор)
Осип Мандељштам (1891-1938), славен поет од Сребрениот век на руската книжевност, во извесна смисла својот живот го завршил уште во 1933 година откако ја напишал и наглас ја прочитал песната против Сталин во која ја опишал страшната советска реалност. Скептичен кон советските власти, Мандељштам продолжил да го чита памфлетот, иако неговиот пријател Борис Пастернак го предупредил дека тоа е самоубиство.
Не чекал долго за да биде уапсен. Пет години тој и неговата сопруга живееле во оддалечени краишта во егзил и во сиромаштија. Поетот дури и скокнал низ прозорец, но преживеал. Во 1938 година бил повторно уапсен и испратен на Далечниот Исток, на пет години робија.
Умрел од исцрпеност и од глад во Владивосток на 27 декември. Неговото тело е погребано во заедничка гробница.
Всеволод Гаршин (скокнал на плочник од петтиот кат)
Познат по неколку кратки раскази (особено по приказната за деца „Жабата-патувачка“), Всеволод Гаршин (1855-1888) без сомнение бил талентиран, но слабо читан писател. Неговата ненадејна морничава смрт на 33 години, ги прекинала сите надежи за подобра иднина.
Животот на Гаршин бил трагичен уште од детството – страдал од душевна болест, страдал од долготрајни тешки депресии. Во последните години од животот неговата состојба се влошила и неколку месеци во 1880 година минал во психијатриска болница. Тоа му дало само краткотрајно олеснување. Во 1888 година Гаршин му рекол на својот пријател, познатиот руски сликар Репин дека се плаши оти повторно ќе го изгуби разумот: „Кога само би имал пријател кој би ми ги олеснил маките кога ќе дојде до тоа!“
На крајот тоа го сторил сам, зашто повеќе не можел да ги поднесува стравот и лудилото. Се фрлил на плочник од петтиот кат. Поради релативно малата висина неговата смрт била бавна и се мачел уште пет дена.
Даниил Хармс (умрел од глад во лудница за време на блокадата на Ленинград)
За разлика од Гаршин, Даниил Хармс (1905-1942) познат по своите песни и приказни на апсурдите, како и по духовитите јазични експерименти, немал психички проблеми. Но, бил пацифист. Се правел дека страда од шизофренија за да не го испратат на фронт за време на Втората светска војна. Не можел да ја прифати помислата дека може да пука во човек, а имал и германски корени.
Сепак, за Хармс работите не завршиле добро – бил испратен во психијатриска клиника во Ленинград, а умрел од глад за време на блокадата која траела 900 дена, кога немало доволно храна за пациентите.
Сергеј Есенин (се обесил како алкохоличар во длабока депресија)
Кога се обидов да го наговорам да не пие толку и повеќе да се грижи за себе, стана многу нервозен: 'Како не можеш да сфатиш дека не можам да не пијам... Како би го преживеал сево ова...'“, тоа бил последниот разговор помеѓу Владимир Черњавски и Сергеј Есенин.
Еден од најголемите литерати на рускиот Сребрен век на почетокот на 1925 година бил сам, очаен и тежок алкохоличар. Не е јасно дали алкохолизмот го довел до депресија или обратно, но дефинитивно тоа довело до смртта на поетот.
„Сите мисли на болниот човек пролетуваат како да се обоени во црно“, така Матвеј Ројзман, еден друг пријател на Есенин, ја опишувал состојбата на поетот. Тој исто така потсетува дека Есенин доброволно се пријавил во психијатриска клиника во март 1924 година, но веднаш избегал, а Ројзман го нашол во кафеана.
Кон крајот на 1925 година на пријателите им се чинело дека Есенин е очаен. На 28 декември неговото обесено тело е пронајдено во соба во хотелот „Англетер“ во Ленинград. Пред смртта со крв (во собата немало мастило) ги напишал следниве зборови: „Да се умре не е ништо ново на овој свет, но и да се живее не е баш најново“.
Сепак, постои уште една верзија на која се придржуваат многумина, а тоа е дека го убиле чекистите.
Владимир Мајаковски (самоубиство)
Владимир Мајаковски (1893-1930) бил еден од најголемите советски поети, а се занимавал и со драматургија, пишувал сценарија, се пробал и како филмски режисер и глумец.
Неочекуваното самоубиство на Мајаковски на 14 април 1930 година во 36 година од животот и денес предизвикува многу прашања. „Го мрзам сето она каде што се појавува и се мушка смртта! Го обожавам животот, каков и да е“, напишал Мајаковски, осудувајќи го самоубиството на Есенин. Но, ги напишал и следниве зборови во своето проштално писмо: „Ова не е начин (на други не го препорачувам), но јас немам излез“.