Цар-топот во Московскиот кремљ е запишан во Гинисовата книга на рекорди како најголемо оружје на светот кое испукува топовско ѓуле. Секое ѓуле било тешко 800 килограми, топот е тежок 40 тони, а за да се премести од едно место на друго морале да го влечат 200 коњи.
Овој топ има калибар од 890 милиметри. На светот постои артилериско оружје со поголем калибар, како што е на пример мерзерот во Велика Британија и „Литл Дејвид“ во САД – овие две оружја имаат калибар од 914 милиметри, но тие се минофрлачи, а не топови, што значи дека Цар-топот во Кремљ е ненадминато артилериско оружје од овој вид.
Освен тоа треба да се има предвид дека споменатите минофрлачи се произведени во 19 и во 20 век кога се користени (релативно) модерни технологии, додека Цар-топот е излиен од бронза во 1586 година. Го направил Андреј Чохов во Москва со руска техника на лиење.
Топот е направен за време на владеењето на царот Фјодор Иванович, син на Иван Грозни. На топовската цевка е прикажан царот како седи на коњ, со круна на главата и со жезол во раката. Над царот е излиен натписот: „Со божја милост царот и велики кнез Фјодор Иванович, владетел и самодржец на цела Велика Русија“. Има уште два натписа. На едниот е наведено кој го направил топот, а на другиот дека е направен на барање на царот.
Постои мислење дека топот го добил својот назив зашто на него е прикажан царот, но сепак е попопуларно толкувањето дека е така нарречен поради огромните размери, што било сосема необично за тоа време.
Се пукало ли некогаш од Цар-топот?
Поединци тврделе дека Чохов го направил својот топ како средство со чија помош странците би можеле да добијат впечаток за московската држава, а не за примена во борбени дејствија. Според оваа теорија, топот не бил предвиден за користење и никогаш од него не се пукало. Но, за време на реставрацијата во 1980 година топот го прегледале стручњаци од Артилериската академија и нашле во него остатоци од барут. Така дошле до заклучок дека од овој топ се пукало барем еднаш.
Според нашите сознанија Цар-топот не е направен исклучиво за пропаганда. Тој бил поставен на специјален постамент на Црвениот плоштад и требало да се користи за одбрана на Кремљ од исток, но никогаш не бил применет во реални борбени дејствија. Топот во 18 век е преместен во Арсеналот од Кремљ.
За време на походот на Наполеон во 1812 година во Москва избил пожар кога бил уништен дрвениот носач. Подоцна бил направен железен. Тогаш биле направени и топовските ѓулиња кои сега стојат пред топот. Тие имаат декоративна намена и се премногу големи дури и за Цар-топот.
Покрај Цар-топот постои и Цар-камбана.