Во Русија е пуштена во работа платформата-навигатор за странците кои сакаат да студираат на руските универзитети бесплатно: „Најдобрите универзитети во Русија. Избери го својот“ (http://russia.study). Навигаторот им помага на странците да изберат руски универзитет и веднаш да поднесат пријава за запишување.
Во базата на навигаторот се избрани 207 од околу 900 високообразовни институции на територијата на Русија. Како што изјави за „Руска реч на македонски“ заменик-раководителот на „Россотрудничество“ Дмитриј Гужеља, критерумите за избор биле строги: универзитетот да има центар за меѓународна соработка, студентски дом, веб-сајт на англиски јазик, социјални мрежи.
Новиот навигатор им дава на странците пристап до информации за руските универзитети на едно место, а процесот за аплицирање е минимизиран. Претходниот систем подразбираше лично присуство или испраќање на документите по обична пошта.
Во навигаторот се собрани практични информации: образовната насока на универзитетот, позицијата на меѓународните ранг-листи, предностите на универзитетот за здобивање со високо образование, можност за бесплатно студирање, цената на студирањето и трошоците за престој и исхрана.
Наскоро во навигаторот ќе се појави информација за тоа дали универзитетите имаат студентски домови, програми за подготовка, број на запишани странски државјани, рокови за поднесување на документите, дали универзитетите располагаат со спортска инфраструктура.
1. Кандидатот си отвора личен профил во навигаторот. http://russia.study/registration
2. Ги внесува своите лични податоци, закачува документи за завршено образование.
3. Избира до 6 руски универзитети по приоритет.
4. Испраќа пријава.
5. На својот профил кандидатот го следи патувањето на својата пријава до универзитетите што ги избрал, добивајќи одговори од универзитетите.
Што се случува со пријавата на кандидатот?
Во разговорот со „Руска реч на македонски“ Дмитриј Гужеља објасни дека и универзитетите си избираат кандидати.
Секоја година Русија повикува околу 15 илјади странски студенти бесплатно да се здобијат со високо образование. Штом кандидатот ќе поднесе пријава, пријавата оди на разгледување во претставништвото на „Россотрудничество“ во соодветната земја и потоа „Россотрудничество“ ги испраќа пријавите во руското Министерство за образование.
„Откако пријавата ќе дојде на разгледување во комисијата на руското Министерство за образование, комисијата им ги праќа пријавите на универзитетите кои имаат можност да си изберат кандидати, затоа што корисникот наведува 6 универзитет според степенот на приоритет“, коментира Гужеља.
Доколку еден универзитет ја одбие пријавата на кандидатот, тогаш пријавата оди во следниот универзитет од списокот што го направил кандидатот. На профилот на кандидатот се означува кој универзитет ја разгледал неговата пријава, ја одбил и причината за одбивањето. Исто така, доколку кандидатот не го познава рускиот јазик, тогаш му се нуди факултет за подготовка на странски студенти.
Што се случува ако сите шест универзитети ја одбијат пријавата? – „Тогаш пријавата на кандидатот се испраќа до некој седми универзитет кој не бил пријавен од кандидатот, но кој има недоволно запишани студенти“, одговара Дмитриј Гужеља.
Навигаторот работи на 12 јазици на платформата на МИА „Русија денес“ (Россия сегодня) и „Спутник“ а исто така функционира и веб-сајт на два јазика http://russia.study/. Проектот е резултат на заедничката работа на Министерството за надворешни работи на РФ, Министерството за образование и наука на РФ и „Россотрудничество“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче