Хемиски напад во Сирија: Што се случува во СБ?

Ројтерс
Русија повторно стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН во Сирија. Овој пат резолуцијата се однесуваше на обвинувањата упатени кон сириските власти на чело со Башар ал Асад и примената на хемиско оружје против сопствениот народ што им се припишува. Разгледувањето на документот е обновено по американското бомбардирање на Сирија на 7 април и средбата на шефовите на дипломатиите на Русија и на САД. Сергеј Лавров и Рекс Тилерсон изјавија дека постигнале договор за заедничко разгледување на ситуацијата, но на седницата на ОН, благо речено, повторно дојде до конфронтација.

Која е суштината на резолуцијата?

Документот до Советот за безбедност на ОН го поднесоа три земји: САД, Франција и Велика Британија. Тој се однесува на примена на хемиско оружје на 4 април во Сирија во Кан Шејкун (јужна провинција Идлиб). Како што се наведува во извештајот на властите на САД, единиците на Башар ал Асад користеле сарин „против опозицијата со цел да спречат губење на териториите што ги сметаат за критични за својот опстанок“. Така, според тврдењата на американските социјални служби, на удар се нашле локалните жители. Загинаа помеѓу 50 и 100 луѓе. САД се убедени дека опозицијата не можела да го фабрикува инцидентот.

Во нацрт-резолуцијата се бара властите на Сирија да ги стават на располагање сите податоци за воздушните операции на денот на нападот врз Кан Шејкун. Меѓу другото, Дамаск би морал да ги наведе имињата на „сите капетани на секое летало, да организира средба со нив, а исто така да овозможи и пристап до воените бази од кои би можело да биде извршен нападот“. Доколку се потврдат сомнежите, на Сирија ѝ се закануваат санкции и примена на воена сила против неа.

Зошто не е прифатена резолуцијата?

Во средата, на 12 април, за документот гласаа 10 членови на Советот за безбедност. Против беа Русија и Боливија, а воздржани останаа три члена на Советот за безбедност: Кина, Етиопија и Казахстан. Со оглед на тоа дека нацрт-резолуцијата немаше мнозинство гласови неопходно за нејзиното усвојување, Руската Федерација како постојан член го искористи своето право за вето.

Британскиот постојан претставник во ОН Метју Рајкрофт изјави дека Русија го „злоупотребува“ своето право за вето, бранејќи ги властите на Сирија. Заменикот на постојаниот претставник на Русија во ОН Владимир Сафронков одговори дека Лондон ги „опслужува интересите на вооружените формации од кои голем дел ги колат христијаните и останатите малцинства на Блискиот Исток“.

Што мисли Русија за резолуцијата?

Русија смета дека резолуцијата е „нецелесообразна“ и затоа е против неа. Доколку резолуцијата би била усвоена тоа „фактички би значело легитимизирање“ на ракетниот напад врз Сирија што САД го извршија без почитување на меѓународното право, односно пред спроведувањето истрага и без дозвола на Советот за безбедност на ОН, го објасни ставот на Москва рускиот претставник во ОН Владимир Сафронков.

Неговиот говор на седницата на Советот за безбедност беше доста впечатлив. Тој остро реагираше на зборовите на Рајкрофт за тоа дека Москва дава „нечесна поддршка“ на сириските власти на чело со Ал Асад „кој е убиец и злосторник“, и дека „Москва ја изгубила довербата“, иако сè уште не е доцна Кремљ да се премисли.

„Работата е во тоа, и тоа многумина во ОН го знаат, што се исплашивте дека не можете мирно да спиете, стравувајќи дека ние ќе соработуваме со Соединетите Американски Држави. Вие се плашите од тоа и правите сè за нашата соработка да биде разнишана“, изјави Сафроников, обраќајќи му се на британскиот дипломат на „ти“. Потоа од британскиот колега побара внимателно да го слуша и му рече: „Гледај во мене, не спуштај го погледот! Зошто го спушташ погледот?“

Подоцна од Кремљ беше соопштено дека излагањето на Сафроников не се третира како недозволено. „Не е кажано ништо навредливо. <...> Доколку бидеме млитави, подоцна последиците би биле трагични“, коментираше портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

На Русија не ѝ се допадна резолуцијата на „тројката“. Има ли таа своја варијанта?

Покрај резолуцијата на „тројката“ до Советот за безбедност беа поднесени уште два нацрта. Еден од нив беше „компромисна“ верзија на она што на крајот го предложија САД, Велика Британија и Франција. Во него барањето на располагање да се стават сите податоци за летовите и да се овозможи пристап до воените бази би било заменето со барање да се „соработува во целост“ со групата иследници и со ОН.

Третиот нацрт го поднесе Русија. Неговата суштина е во спроведувањето на истрагата, „а, не во именување виновник пред да бидат утврдени фактите“. Руската Федерација предлагаше на лице место во Кан Шејкун да заминат претставници на ОН и на Организацијата за забрана на хемиското оружје.

Какви последици може да се очекуваат сега?

По сè изгледа никакви. Русија веќе осми пат ја блокира резолуцијата поврзана со сирискиот конфликт, и ниту еднаш немало значајни последици. „Обединетите Нации веќе одамна претставуваат еден голем форум за изнесување на своите размислувања, своевиден меѓународен Хајд парк“, вели за „Руска реч на македонски“ директорот на Меѓународниот институт за политичка експертиза Евгениј Минченко. Според него, колку што одминува времето во Обединетите Нации сè помалку се носат вистински одлуки, иако и тој формат е потребен.

„Ние однапред знаевме дека на неа (нацрт-резолуцијата) ќе биде ставено вето. Се поставува прашањето колку сето тоа има смисла“, рече на седницата дипломатот од Боливија, претпоставувајќи дека е тоа начин на кој Западот се обидува да влијае на преговорите помеѓу САД и Русија. Но, сето тоа е всушност „голема илузија“, дури и иако некој меѓу западните партнери смета дека може да врши притисок врз Русија со тоа што ја остава сама во ОН, смета Андреј Суздаљцев, продекан на Факултетот за светска економија и меѓународна политика при Националниот истражувачки универзитет „Висока школа за економија“.

„Советот за безбедност денес е единствен постојан формат во системот за меѓународни односи каде земјите можат да ги изнесуваат своите забелешки една кон друга и да ги аргументираат. Патем, добро е што сите таму зборуваат отворено. Нашите партнери исто така не се воздржуваат многу. Дипломатијата понекогаш го отстапува местото на полемиката. Понекогаш тоа е корисно“, вели тој за „Руска реч на македонски“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња