Може ли Русија да се откаже од соработката со Ал Асад?

12 април 2017 Олег Егоров
По хемискиот напад во Сирија и нападот на САД по сириската авиобаза што следуваше потоа, западните земји и некои земји од Блискиот Исток апелираат до Русија да престане да го поддржува претседателот на Сирија Башар Ал Асад. Руските експерти сметаат дека Москва би се откажала од поддржувањето на Ал Асад само во краен случај.
A Syrian army soldier stands guard as a poster depicting Syria's President Bashar al-Assad
Извор: Ројтерс

Ситуацијата околу Сирија повторно се вжешти. По хемискиот напад во провинцијата Идлиб на 4 април, за која САД и други земји од Западот ја обвинуваат владата на Башар Ал Асад (сириските власти и Москва негираат дека режимот има вина), во светот се издигна нов бран на изјави на западни дипломати дека Ал Асад треба да си замине, проследени со обвинувања на адреса на Русија дека го поддржува неговиот режим.

На пример, претставникот на САД во ОН Ники Хејли истакна дека Ал Асад не може да биде дел од евентуално идно политичко решение на кризата во Сирија, а државниот секретар Рекс Тилерсон, во пресрет на посетата на Русија, префрли дел од одговорноста за сириското крвопролевање на Русија: „Русите веќе извесно време ја играат улогата на покритие за однесувањето на Башар Ал Асад“.

Во исто време, според Ники Хејли, земјите од Западот размислуваат за евентуални нови санкции против Русија поради поддршката за Ал Асад. Во моментов Западот и неговите сојузници во регионот се ограничуваат на апели до Москва да престане да го поддржува Ал Асад – според информациите во медиумите токму ваквата опција ќе ја предложи Тилерсон за време на преговорите во Москва. Но, колку е реален тој?

Официјална позиција

Москва традиционално е внимателна во реториката за Сирија, нагласувајќи дека ја поддржува легитимната власт во арапската земја, а не се задржува на конкретни личности - било да е тоа Ал Асад или некој друг. Така на 6 април портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во коментар за хемискиот напад во Идлиб, рече дека поддршката на Русија за Ал Асад не е безусловна. Во исто време тој истакна дека Русија и Дамаск „целосно се поддржуваат меѓусебно“.

На фонот на острите критики против режимот на Ал Асад од страна на Западот и голем број земји од регионот (Турција, Израел, арапските држави од Персискиот залив), Русија и Иран се залагаат за него. Претседателите на двете земји Владимир Путин и Хасан Рухани ги опишаа како недозволени „агресивните дејствија на САД против една суверена држава“, мислејќи на ракетниот напад на САД врз сириските воздухопловни сили во Сирија.

„Позицијата на Кремљ е следнава: за судбината на Ал Асад треба да реши сирискиот народ, а не Доналд Трамп“, изјави за „Руска реч на македонски“ Виктор Надеин-Раевски, виш научен соработник на Институтот за светска економија и меѓународни односи при Руската академија на науките . Според него Русија нема да ја промени гледната точка за сирискиот конфликт и ќе продолжи да се обидува да го усогласи под заеднички именител режимот и опозицијата на преговорите во Женева и Астана - иако по неодамнешното заострување тоа ќе биде многу тешко.

Проблеми со Ал Асад

Влијанието на Русија врз Дамаск, без разлика колку е важна воената поддршка на руските ВКС, воопшто не е безгранична, потсетува професорот од катедрата за Современ Исток при Рускиот државен хуманистички универзитет Григориј Косач. „Ал Асад никогаш не бил пион во рацете на Русија; неговите активности, постапки, изјави често спротивни на официјалната гледна точка на Руската Федерација“, смета експертот. На пример, Ал Асад повеќепати има изјавувано дека на политичкото решавање и реформите треба да им претходи „целосна победа над терористите“, додека Русија е за итен старт на политичкиот процес.

Во исто време на Москва не ѝ е лесно да влијае на Дамаск, забележува Григориј Косач: Ал Асад е главниот нејзин партнер во Сирија. „Откажувањето од поддршка за Ал Асад може да доведе до ситуација во која Русија ќе изгуби сè што е постигнато во Сирија, бидејќи таа нема односи со опозицијата и можностите за развивање на контакти се многу ограничени“, вели Косач. Русија практично нема простор за маневри во односите со Ал Асад, забележува експертот.

Граница на поддршката

Во исто време, експертите сугерираат дека партнерството со Дамаск си има граници – Русија тешко дека ќе се одлучи на директен воен конфликт со САД во име на заштитата на сирискиот режим. Во коментар на прашањето зошто Русија не се обидела да ги собори ракетите „Томахавк“, со кои САД ги нападнаа воздушните бази на сириските воздухопловни сили во провинцијата Хомс на 7 април, извор близок до Министерството за одбрана за „Комерсант“ изјави: „Руските системи за ПВО во Сирија пред сè ја штитат руската воена инфраструктура; немаме за задача да го чуваме целото небо на Сирија“.

Русија нема обврска да го брани режимот на Ал Асад, потсетува и политикологот Алексеј Арбатов во разговор за радиото „Комерсант FM“.

Григориј Косач исто така смета дека Русија нема да оди во војна со САД во име на заштитата на сирискиот претседател. „Доколку конфронтацијата се развие дотаму што ќе се јави опасност од директен судир, тогаш Русија природно ќе мора да најде друга опција за решавање на сирискиот проблем“, вели тој. Од друга страна, според Косачов, ситуацијата сè уште е далеку од изборот „или откажување од Асад, или војна“, па затоа во блиска иднина Русија сигурно нема да ја промени својата политика.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.