Хемиски напад во Сирија: кој е виновен и што понатаму?

07 април 2017 Олег Егоров
Како резултат на нападот со примена на хемиско оружје во сириската провинција Идлиб загинаа минимум 72 лица. Сириската опозиција и Западот за злосторството го обвинуваат режимот на Башар ал Асад, додека официјална Дамаск и Москва опозицијата. Експертите сметаат дека инцидентот ги подрива перспективите за мирно решавање на конфликтот во Сирија.
Khan Sheikhoun
Извор: Ројтерс

Првата информација за тоа дека хемискиот напад од 4 април однел минимум 72 човечки животи во градот Хан-Шејхун (провинција Идлиб, север на Сирија) беше објавена од организацијата Syrian Observatory for Human Rights. „Една од населбите во градот Хан-Шејхун беше нападнат со материја за која се верува дека е гас кој предизвикува гушење“, се вели на сајтот на организацијата.

Кадрите на кои мирни жители, меѓу кои и деца, се задушуваат и умираат од отровниот гас брзо се проширија по светските медиуми. Во соопштението на организацијата „Лекари без граници“ се вели дека настраданите можеби се жртви на примена на сарин и хлор.

Обвинувања на адреса на Дамаск

Провинцијата Идлиб и, конкретно Хан-Шејхун се наоѓаат под контрола на групите на сириската опозиција. Претставниците на бунтовниците, а исто така земјите од Западот го обвинија режимот на Башар ал Асад. „Брутално и нескриено варварство“, го карактеризираше државниот секретар на САД Рекс Тилерсон настанот, повикувајќи ги Русија и Иран, кои го поддржуваат Ал Асад, да влијаат на својот сојузник.

РојтерсРојтерс

Со обвинувања исто така настапи Велика Британија: премиерката Тереза Меј изјави дека е недозволиво Асад да остане на чело на Сирија. Властите на Турција исто така го обвинија Дамаск, предупредувајќи ја Русија дека ваквите инциденти се закануваат да ја урнат перспективата за мировни преговори во Женева и во Астана.

Друга гледна точка

Сириската влада, пак, негира вмешаност во нападот на Хан-Шејхун. „Дури и во најлошите денови сириските војници никогаш не употребиле вакво оружје“, се вели во постот на Фејсбук на официјалната страница на Сириската арапска армија. Дамаск смета дека нападот е фабрикуван и дека загинатите се жртви на провокациите на опозицијата.

Москва ја поддржува гледната точка на Дамаск. Официјалниот претставник на руското МНР Марија Захарова ги нарече медиумите што го проширија мислењето дека за нападот е одговорна сириската влада, „ангажирани“ и ги обвини за обид за префрлање на одговорноста на Русија. Согласно верзијата на Русија на 4 април сириските ВВС навистина извршиле напад во реонот Хан-Шејхун, но не врз станбените населби, ами врз халите во кои бунтовниците произведувале оружје со отровни материи.

РојтерсРојтерс

ОН и Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЗХО) започнаа своја истрага за инцидентот. Според информацијата на организацијата, засега е невозможно да се установи кој и како ги нападнал мирните жители со користење на отровни материи.

Кому му е од полза ова?

Мислењата на експертите за тоа дали сириската армија можела да го нападне Хан-Шејхун се разидуваат. Така, постариот аналитичар на Центарот за проучување на кризните општества Сергеј Балмасов смета дека сега на Башар Ал Асад не му е од полза уште посилно да ја подрива својата репутација, напаѓајќи ја провинцијата Идлиб и дека нападот навистина бил фабрикуван. „Може да се смета дека Ал Асад е тиранин. Но, тој не е глупав за сега да бомбардира (по опозицијата) со хемиско оружје без очекуван воен ефект“, го цитира Балмасов изданието Yenicag.ru.

Од друга страна, началникот на Центарот за исламски истражувања при Институтот за иновациски развој Кирил Семјонов смета дека Дамаск може да ја нападне опозицијата без знаење на Русија, со оглед на тоа дека, за разлика од Москва, тој е заинтересиран за продолжување на војната. „Целта на ваквите акции можеби е да се стави точка на сирискиот мировен процес. Притоа формалната вина за подривањето на мировниот процес може да се префрли на опозицијата која ќе се откаже од учество во преговорите“, вели Семјонов.

Прекин на преговорите

Кој и да користел хемиско оружје во Сирија, се чини, дека мировниот процес во земјата ќе биде конечно прекинат, смета Владимир Ахмедов, постар научен соработник на Институтот за ориенталистика при Руската академија на науките. „Уште сега е јасно дека опозицијата ќе го обвинува режимот, а режимот ќе ги отфрла обвинувањата и како одговор ќе зборува за провокација на бунтовниците“, вели Ахмедов за „Руска реч на македонски“. „Но, во секој случај, можноста за заеднички компромис си заминува“.

РојтерсРојтерс

Според експертот, режимот на прекин на огнот помеѓу владата и опозицијата во Сирија (кој официјално беше воспоставен на 30 декември 2016 година) сега останува само на хартија: секоја недела расте бројот на нарушување и интензитетот на нападите. Преговорите во Женева замираат (последниот круг се одржа 23-31 март), а по ваков голем инцидент како што е хемискиот напад можат сосема и да не се одржат, претпоставува Ахмедов.

Со него се согласува Григориј Косач, професор на катедрата за современ Исток при Рускиот државен хуманистички универзитет. „На преговорите во Женева засега е невозможно да се приближат позициите на режимот и на неговите противници“, вели Косач за „Руска реч на македонски“. „А, сега, кога повторно започнуваат борбените дејствија, па згора на тоа по примената на хемиско оружје, можноста за спроведување преговори ќе биде поставена под голем знак прашалник“.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.