Ќе ја запре ли новиот договор на РФ и САД сириската војна?

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров и Државниот секретар на САД Џон Кери пред почетокот на преговорите за Сирија во Женева, Швајцарија.

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров и Државниот секретар на САД Џон Кери пред почетокот на преговорите за Сирија во Женева, Швајцарија.

Ројтерс
На последните преговори во Женева на 10 септември Сергеј Лавров и Џон Кери постигнаа договор за прекин на огнот помеѓу сириската регуларна армија и опозицијата. Договорот е претставен како голем успех, но засега не е јасно дали договорот помеѓу двете светски сили ќе може да ја измени ситуацијата „на терен“.

Преговорите помеѓу министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров и државниот секретар на САД Џон Кери траеја 14 часа. На крајот и едниот и другиот дадоа изјави дека Москва и Вашингтон конечно дошле до консензус околу сирискиот проблем.

Лавров и Кери најавија нов прекин на огнот кој започна на 12 септември и важи за сите, освен за терористите. Освен тоа, двете држави ќе основаат заеднички центар за прашањата за разграничување на терористите и умерената опозиција во кој ќе се координира испораката на хуманитарна помош и да ги усогласуваат нападите врз терористите.

Неочекувана доверба

Русија во сириската граѓанска војна го поддржува претседателот Башар ал Асад, а САД се залагаат за негово заминување, така што на страните не им беше лесно да постигнат договор. Ова беше петта средба на Лавров и Кери во Женева од почетокот на летото годинава и секој пат министрите посветуваа големо внимание на сирискиот проблем. Резултатот што е постигнат по долгите и сложени преговори медиумите го карактеризираат како голем успех.

Сергеј Караганов, декан на Факултетот за светска економија и меѓународна политика при Националниот истражувачки универзитет „Висока школа за економија“, исто така смета дека овој договор е важна пресвртница во сириската криза. „Русија повеќе пати предлагаше да се координираат дејствијата во Сирија, но САД ја отфрлаа таквата можност. Немаше дури ни размена на информации“, вели Караганов за „Руска реч на македонски“. „А, сега за првпат се зборува за заедничка тесна координација во различни сфери, вклучувајќи ја и војната“.

Според мислењето на овој политиколог, Москва и Вашингтон во моментов се посериозни од кога и да било, орни се за соработка, а тоа значи дека договорот од 12 септември има поголеми изгледи да се реализира и навистина да обезбеди прекин на војната, одошто тоа беше случај во претходните руско-американски обиди (претходниот прекин на огнот беше објавен на 27 февруари 2016 година, но ситуацијата набргу потоа ескалираше и воените дејствија беа обновени).

Успехот не е на повидок

Експертите нагласуваат дека договорот помеѓу Русија и САД, и покрај неговата голема важност, не може да гарантираат прекин на огнот во сириската граѓанска војна, во која во различни облици учествуваат многу актери: Турција, Иран, Саудиска Арабија, курдските одреди итн. „Засега не постојат документирани договори со спротивставаните страни во кои тие би гарантирале дека се подготвени да го прифатат она за кое Русите се имаат договорено со Американците“, потсетува арабистот Владимир Ахмедов, постар научен соработник на Институтот за ориенталистика при Руската академија на науките.

Ахмедов смета дека следниот неопходен чекор е потврдување на договорот помеѓу Москва и Вашингтон со усвојување на резолуција во Советот за безбедност на ОН, со тоа што таа резолуција треба да ја поддржат и блискоисточните држави кои учествуваат во конфликтот. „Доколку дејствуваат само Русија и САД, тогаш процесот за помирување може да потрае“, смета Ахмедов. Според него, би било погрешно да се смета дека Москва и Вашингтон можат да го решат сирискиот проблем сами, без учество на регионалните актери во блискоисточниот судир.

Непредвидлива војна

Од друга страна, Сергеј Караганов смета дека преговорите меѓу учесниците во конфликтот ќе бидат долги и тешки. „Во секој момент може да се случи нешто непредвидливо“, истакнува експертот.

Владимир Ахмедов во разговор со новинарот на „Руска реч на македонски“ спомена дополнителни тешкотии во сирискиот конфликт внесува воената интервенција на Турција на северот од Сирија, како и ангажираноста на иранските трупи, на Хезболах и на други странски одреди. Според него, руско-американските напори не треба да бидат насочени само на уништување на терористите, туку и на повлекување на странските трупи од Сирија.

Во очекување на наследникот на Обама

Уште еден фактор кој може да влијае на исходот на сирискиот конфликт е промената на администрацијата на САД по истекувањето на претседателскиот мандат на Барак Обама. Сергеј Караганов истакнува дека новата администрација ќе дојде по изборната кампања која за првпат во 21 век во голема мера се засновуваше на конфронтација со Русија. Тоа може да биде отежнувачка околност во дијалогот помеѓу Москва и Вашингтон во врска со сириското прашање. „Не е исклучено дека на ставот на новата американска администрација за сириското прашање ќе влијае ова доста чудна борба околу рускиот фактор“, вели Караганов.

Со него се сложува и Владимир Ахмедов. Според него, надворешната политика на САД по изборите може да биде изменета, така што договорот за Сирија во одреден момент може да биде „заборавен“ доколку не биде фиксиран во соодветни документи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња