Режимот на прекин на огнот во Сирија, кој по долги месеци на преговори успеаја да го договорат руските и американските дипломати, пропаднаа само по неколку дена.
На 19 септември објект на напад стана колона со хуманитарна помош на ОН, кој патуваше кон жителите на окупираниот од терористите Алепо. Според првичните податоци, како резултат на нападот загинале 12 лица.
Неколку дена претходно американските воздухопловни сили по грешка ги нападнаа позициите на владината армија во Дејр-ез-Зор, при што загинаа 62 лица, а над 100 беа повредени.
Во коментар за инцидентот во реонот кај Дејр-ез-Зор портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече: „По ударите по сириската армија дојдовме до заклучок кој е навистина страшен за целиот свет: Белата куќа ја брани Исламската држава“. Објаснувањата на Вашингтон дека стрелале по терористите и божем случајно убиле претставници на владините трупи, не беа доволни за Москва.
Во понеделникот (19 септември) вечерта американската страна упати повратни обвиненија за воени злосторства. Американскиот Стејт департмент остави на „листата на осомничените“ по инцидентот со хуманитарната мисија на ОН во Сирија само двајца играчи на сцената на блискоисточниот конфликт: Москва и Дамаск. Притоа дипломатите не дадоа никакви разузнавачки или други докази кои го потврдуваат учеството на кого и да било во инцидентот.
„За маршрутата на колоната знаеја владата на Асад и Руската Федерација. Соработниците на мисијата на ОН беа убиени во обид да му помогнат на сирискиот народ“, истакна дипломатот. Според него, по овој инцидент САД ќе ги преиспитаат односите со Русија.
Руското Министерство за одбрана ги отфрла тврдењата дека авијацијата има каква и да е врска со нападот врз колоната на ОН. Според податоците на воздушнoто разузнавање во понеделникот во областа во која се движела мисијата на ОН, голема офанзива кон Алепо започнале борците на Џебхат ан-Нусра.
„Внимателно ги разгледавме видеоснимките на т. н. „активисти “ од местото на настанот и не најдовме знаци дека кон конвојот има насочено оружје... Сè што се гледа на кадрите, е директна последица од пожар на производите, кој некако чудно започнува истовремено со одржувањето на обемната офанзива на борците кон Алепо “, изјави портпаролот на руското воено министерство генерал-мајор Игор Конашенков. Сега, според воените лица и политиколозите со кои стапи во контакт „Руска реч на македонски“, Русија и САД ќе тргнат секоја по свој пат во Сирија.
Соработката меѓу Русија и САД во Сирија првично се градеше врз мошне длабоката меѓусебна недоверба, забележува главниот уредник на списанието „Русија во глобалната политика“ (Россия во глобальной политике) Фјодор Лукјанов.
„За да се постигнат резултати во овие услови, потребно е фактички да се склучи договор. Во него треба јасно да се наведат активностите на учесниците, да им се дадат гаранции за исполнување на нивните обврски, како и да се покажуваат последиците од евентуалното неисполнување на активностите. Москва и Вашингтон не го направија тоа“, тврди експертот.
Според него сега може да се очекува продолжување на воените дејствија во регионот, а настаните ќе се одвиваат по неколку сценарија.
„Русија и САД ќе се обидат повторно да најдат допирни точки и да седнат на преговарачка маса. Сепак, ова е малку веројатно по инцидентот со конвојот на ОН. Или пак настаните, за наша несреќа, можат да прераснат во посредничка војна (proxy war) во Сирија“, дополнува Лукјанов.
Тој смета дека Русија и САД можат да почнат да се спротивстават преку поддржување на единиците во земјата. Тоа е минимумот. Во најлош случај страните можат да преминат кон директни активности насочени една против друга.
Воениот експерт и заменик-директор на Институтот за ЗНД Владимир Евсеев смета дека понатамошните активности на Москва во регионот ќе бидат утврдени од линијата на воената соработка со Турција.
По посетата на началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов во Турција на 15 септември, Анкара најави дека ќе го активира учеството во сирискиот конфликт.
„Станува збор за заедничка координација на воените дејствија. Таа започна со интеракција меѓу тајни служби и ќе „се пренесе“ на бојното поле. Понатаму е можна интеракција и во борбите за Алепо“, забележува Евсеев.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче