Русија во Сирија префрли системи за противвоздушна одбрана С-300В4 Антеј 2500 (или SA-23 Gladiator според квалификацијата на НАТО), соопшти телевизијата Фокс њуз, повикувајќи се на свои извори во разузнувачката служба на САД.
Како што наведува соименатиот медиум, американските разузнавачи неколку недели го следеле движењето на овој систем и констатирале дека неговите елементи се испорачани на руската воено-поморска база во Тартус.
Системот С-300В4 засега не е поставен. Според изворот на телевизијата Фокс њус тој сè уште се наоѓа во контејнери.
Портпаролот на Министерството за одбрана на Русија Игор Конашенков во вторникот на 4 октомври изјави дека во Сирија се наоѓа батерија С-300, соопштува Интерфакс. За волја на вистината, во Сирија е испорачана батерија зенитно-ракетен систем С-300“, потврдува тој.
Според него, не е јасно зошто оваа информација „предизвикала толкава мешаница кај нашите западни колеги“. Конашенков потсети дека претходно во регионот веќе се наоѓал сличен систем на поморско базирање. Станува збор за комплексот Форт со кој е опремен гардискиот ракетен крстосувач на Црноморската флота „Москва“.
Од есента 2015 година за одбрана на руската воена база Хмејмим во Сирија се користат противвоздушен ракетен систем С-400 Триумф.
Според мислењето на извор на „Руска реч на македонски“ од военоиндустрискиот сектор, поставувањето нова техника е одговор на изјавата на САД дека преминува на план Б во Сирија, односно дека ќе го зголеми бројот на борбени летови, на префрлање на специјални единици во регионот и нови испораки на оружје за таканаречената умерена опозиција.
„Новите системи за противвоздушна и противракетна одбрана во зоната на борбените дејствија ќе помогнат да се избегнат инциденти како оној во Деир ел Зор, каде американската авијација по грешка ракетираше точки на сириската армија“, вели соговорникот на „Руска реч на македонски“.
Во овој напад загинаа 62 сириски војници, а над сто беа ранети.
Станува збор за модификација на системот за противвоздушна и противракетна одбрана С-300.
За разлика од својот „побратим“ овој систем е сместен на шасијата со гасеници, а не на тркалата, и е наменет за покривање на единиците во борбена положба.
„Тој е прилагоден на движењето по тешкопрооден терен во колона на оклопна техника, односно тенкови, оклопни транспортери итн. Негова задача е да ги покрива копнените единици во зоната на борбените дејствија и да ги заштити од ракетни и од авионски напади“, вели за „Руска реч на македонски“ воениот експерт на агенцијата ТАСС Виктор Литовкин.
Според него, не е случајност што системот С-300В4 уште се нарекува и Антеј 2500 зашто само тој може да ги уништува непријателските балистички ракети што летаат кон целта со брзина од 2.5 километри во секунда и кои имаат дострел од 150 километри.
Според соопштенијата на низа руски медиуми неколку дена претходно Русија во Сирија префрлила и тактички бомбардери Су-24 и Су-34.
За префрлање се подготвуваат и офанзивни авиони Су-25. И оваа вест Министерството за одбрана на РФ сè уште ја нема коментирано.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче