„Одиме во Рио”: Русите ќе учествуваат на Олимпијадата

AP
Меѓународниот олимписки комитет не ѝ забрани на репрезентацијата на РФ да учествува на Олимпијадата во Рио де Женеиро и покрај таквите очекувања. „Триумф на рускиот спорт“, „оптимално решение за нас“ и „сепак не е најлошата можна варијанта“ – се само некои од реакциите на руските јавни личности за расплетот на оваа голема перипетија.

И покрај крајно песимистичките очекувања на руската јавност, Меѓународниот олимписки комитет во неделата на 24 јули сепак ѝ дозволи на репрезентацијата на Руската Федерација да учествува на Олимпијадата во Бразил. По одлуката на Арбитражниот спортски суд во Лозана (САЅ) која не им оди во прилог на руските атлетичари (со што на сите ним, фактички, им е забрането учество на Олимпијадата), постоеше определена надеж во МОК, но мошне слаба, со оглед на тоа дека овој комитет во повеќе наврати најавуваше дека ќе се потпира на одлуката на судот.

„Создаден е крајно опасен преседан, и од овој момент светскиот спорт ќе живее според нови закони“, беше кажано во Олимпискиот комитет на Русија (ОКР). Рускиот министер за спорт Виталиј Мутко упати лути коментари до Арбитражниот спортски суд и до неговиот претседавач. Почесниот претседател на ОКР Леонид Тјагачов смета дека одговорност носат министерот за спорт Виталиј Мутко и актуелниот прв човек на ОКР Александар Жуков, а спортистите многу зборуваа за тоа дека Западот ја плетка својата политика во спортот и дека на овој начин на спортот му е зададен смртоносен удар. Многумина го очекуваа најлошото, но тоа не се случи. „Одиме!“, кусо рече Жуков пред официјалното соопштение на МОК.

Сепак, на рускиот спорт не му е нанесена најавената неправда. Извршниот комитет на МОК речиси едногласно одби во целост да ѝ забрани на руската репрезентација да учествува на Олимпијадата, но постави услов на натпреварувањето да учествуваат само „чистите“ спортисти, односно оние кои претходно немале проблеми со допинг. А, кој е „чист“ меѓу нив, тоа прашање во следниве денови ќе го решаваат меѓународните спортски федерации.

Компромис

Очекувањата на поединци навистина беа мрачни. Постојат такви кои многу не веруваа во позитивен исход од оваа грандиозна олимписка афера зашто таа од месец во месец сè повеќе растеше. Сето ова почна во декември 2014 годна кога германската телевизија ARD го прикажа документарниот филм со наслов „Таен допинг: Како Русија ги подготвува своите шампиони“. Потоа Меѓународната антидопинг агенција (WADA) соопшти дека отпочнала истрага, за потоа наспроти Олимпијадата во Рио де Женеиро  сите руски атлетичари да бидат дисквалификувани, додека на руската антидопинг агенција ѝ беше одземена лиценцата, а за антидопоинг контрола Русија мораше секој месец да ѝ плаќа по 32.000 фунти стерлинзи на британската агенција UKADA.

 На крајот допингот почна да се поврзува и со руската фудбалска репрезентација, која непосредно пред тоа доживеа неуспех на европското првенство, а исто така во приказната беа вмешани и руските параолимпијци. МОК закажа седница за 24 јули на која беше планирано да се решава прашањето за учеството на целата руска репрезентација на Олимпијадата. Тој ден британските медиуми рано изутрината објавија „инсајдерски“ текстови. The Times пишуваше за позитивни допинг тестови, кои наводно биле утврдени за време на повторната проверка на допинг-примероци на руските спортисти кои учествувале на олимпијадите во 2008 и во 2013 година, додека Daily Mail најави дека МОК може да им забрани на руските спортисти да учествуваат и во Рио 2016, и во Пјонгјанг 2018 година. Истовремено руските медиуми објавија вест дека домаќините на Олимпијадата во Рио одбиваат да ги сместат руските гимнастичари во олимпиското село (подоцна излезе дека дел од спортистите допатувале порано).

Накратко, атмосферата беше вжештена. Одлуката на МОК беше дочекана како правда која конечно (макар и делумно) триумфираше, односно како компромисно и не претерано неправедно решение. „Одлуката на МОК за нас е оптимална. <...> Можеше да биде и подобро, но таа анализа треба да биде направена во нашите редови“, ја коментираше одлуката рускиот член на МОК Шамил Трапишчев.

Министерството за спорт му е благодарно на МОК за оваа одлука, рече Виталиј Мутко. „Критериумите што му се поставени на националниот тим се мошне строги, но 80% од спортистите се вклопуваат во нив“, додаде министерот.

Одговорноста префрлена на спортската федерација

Во многу поголема мера кон МОК беа критички расположени лидерите на парламентарните партии на Русија. „Сето тоа е одвратна и мачна непријатност, но ова решение барем не е најлошото можно“, изјави за „Лајф“ лидерот на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ) Генадиј Зјуганов.

Според лидерот на Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР) Владимир Жириновски, повторно до последен момент ќе се одолговлекува со одлуката за дозвола за учество: „А, потоа ќе се задоцнува со регистрацијата, ќе започнат проблеми со сместувањето, со исхраната... Ќе ги шиканираат нашите спортисти до крајности, со цел да се намали бројот на медалите... Од морален аспект тие сакаат да ја понижат Русија пред целата планета“.

„Ете, тоа е триумф на рускиот спорт: на определени наши спортисти, навредувани и исплукани, ќе им биде дозволено да заминат во Рио. Навистина имавме среќа“, напиша на својот Твитер-профил главниот уредник на радиостаницата „Говорит Москва“ Сергеј Доренко.

Сепак, малкумина заборавија дека дисквалификацијата на руските атлетичари останува на сила (ги отстрани токму Меѓународната атлетска федерација (IAAF) ).

Освен тоа, од дневен ред не е конечно симнато прашањето за политичката заднина на целава оваа „антидопинг епопеја“. Во Русија има многу приврзаници на оваа верзија. МОК едноставно ја префрли одговорноста на федерацијата поради политички притисок, рече народниот пратеник Павел Крашениников. „Тоа е чиста политика. Сите аргументи се насочени против Руската атлетска федерација, и ништо конкретно не е речено против самите спортисти, што е очигледна 'политичка нарачка'“, изјави двократната олимписка шампионка во скок со стап Елена Исинбаева, на која оваа Олимпијада требаше да ѝ биде последна во кариерата.

Меѓутоа постојат и такви кои сметаат дека обвинувањата за употреба на допинг не се во целост неосновани. Така, потпретседателот на Тениската федерација на Русија и олимписки шампион Евгениј Кафељников на својот Твитер-акаунт напиша дека WADA „неосновано не би упатувала вакви обвинувања.

Сега се очекува дека Русија во целост да го реконструира антидопинг системот, што ОКР му го вети на МОК на седницата. „Но, само заедно со МОК и со Меѓународната антидопинг агенција“, нагласи Мутко. „Допингот е меѓународен проблем“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња