Турски војници го блокираат мостот на Босфорот кој го поврзува европскиот и азискиот дел на Истанбул
APНоќта на 16 јули во Турција се случи обид за воен удар. Група воени бунтовници грабнаа хеликоптер и извршија неколку напади над државните згради во Анкара. Во Истанбул учесниците во ударот ги затворија премините преку мостовите на Босфор, дојдоа до зградите на водечките турски медиуми телевизискиот канал TRT и медиумскиот центар Dogan Media Group, кој му припаѓа на телевизискиот канал CNN Turk и водечкиот опозициски весник Hurriyet. Како резултат на ударот загинаа повеќе од 160 лица, а стотици се ранети.
Иницијатори на ударот се група воени лица од воената полиција и од воено-воздушните сили на земјата, за што информираше вршителот на должноста прв човек на Генералштабот Умут Диндар. Повеќе од 2.800 лица се уапсени под сомнение за учество во обидот за државен удар.
Во меѓувреме меѓународната заедница излезе со осуда за обидот за удар во Турција. Москва се воздржа од реакции. Осуда на обидот за удар немаше.
Портпаролот на претседателот Путин, Дмитриј Песков, изрази загриженост за настаните во Турција. „Заинтересирани сме за она што сега се случува во Турција и сакаме колку што е можно побрзо да заврши на легитимен начин, со што земјата би се вратила на патот на стабилноста, предвидливоста и правниот поредок“, изјави Песков. Тој исто така забележа дека претседателот Путин не контактирал со ниту една од страните во настаните во Турција. Додека беше пишуван текстов реакции од Путин немаше.
Премиерот на Русија Дмитриј Медведев ја повика Анкара поскоро да го врати уставниот поредок, а исто така изјави: „Она што се случи покажува дека во општеството, во армијата на Република Турција постојат моќни и длабоки спротивставености, кои и се изразија преку овие настани“.
Кон крајот на јуни претседателот на Турција Ердоган ѝ се извини на Русија за инцидентот со соборениот руски бомбардер на 24 ноември 2015 година, што беше и причината за седуммесечната криза во билатералните односи.
Беше започнат процесот на нормализација на односите – за првпат по инцидентот телефонски разговараа Путин и Ердоган и се договорија за лична средба во блиска иднина, а исто така беа прекинати и туристичките ограничувања.
„Во целост ситуацијата не треба да се одрази негативно на односите помеѓу Русија и Турција. Таму на власт има лидер кој јасно ја изрази намерата за обновување на врските. Сепак, општата нестабилност во Турција – терористички напади, обиди за државен удар, поларизација на општеството итн. – секако не одат во полза на односите помеѓу двете земји. Концентрацијата на власта во рацете на турскиот претседател ги зголемува ризиците за непромислени одлуки, а руските власти го имаат тоа предвид“, смета Иљшат Сатев, експерт за Турција, директор на Центарот за проучување на современа Турција.
Со него се согласува и Јуриј Мавашев од Кавкаскиот геополитички клуб. „Руско-турската криза од последниве седум месеци не можеше, а да не се одрази врз оценките на некои делови од руското општество. Така, во првите часови од обидот за државен удар низа претставници на руската експертска заедница имаа позитивна оценка за настаните. Се даваа претпоставки дека ударот има длабоки корени, одразувајќи ги проблемите на турското општество Ваквите оценки покажуваат дека руското општество засега не е во целост уверени дека раководството на земјата навистина се стреми да ги искачи односите на потребното ниво, земајќи ги предвид претходните грешки“, забележува експертот.
Оптимистичка оценка дава Керим Хас, експерт за евроазиска политика на независниот аналитички центар „Меѓународна организација за стратешки истражувања“ од Анкара.
Според него, настаните ќе дадат импулс за нормализација на односите со Москва.
„Раководството на земјата ќе почне да спроведува понезависна политика, насочена кон зајакнување на безбедноста во земјата. Негативен момент ќе биде намалувањето на руските туристи и одложувањето на симнувањето на економските санкции“, претпоставува Хас.
Хасан Октај, турски аналитичар и шеф на Кавкаскиот центар за стратешки студии од Анкара, од своја страна смета дека настаните нема негативно да се одразат во односите со Москва. „Обидот за државен удар не успеа. Иницијаторите се уапсени. Победи демократијата“, заклучува експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче