46-годишната самохрана мајка Екатерина Вологженова на една социјална мрежа направила репост на карикатура на која човек кој е сличен на Путин е наведнат над картата на Донбас. На 20 февруари таа беше осудена на 320 часа општественокорисна работа, а лаптопот што го користела беше уништен. Во последно време ваквите приказни стануваат почести во Русија.
Во земјата постои цел пакет закони против распламтување омраза или непријателство, а овие случаи се само еден од тие закони – екстремизам на Интернет. Но, имено делата за екстремизам на Интернет најмногу ја брануваат јавноста и либералниот печат. Лајковите и ретвитирањата повеќе не се невини, за нив може да се оди во затвор. И одат. Иако најчесто казнуваат парично.
Во последниве 5 години за екстремизам на Интернет се осудени четири и пол пати повеќе. Доколку во 2011 година според овој закон беа покренати 82 кривични дела, во 2015 веќе се 369, пресметале специјалистите од Центарот за економски и политички реформи. На младите до 25 години отпаѓаат повеќе од половината злосторства, а голем дел од осудените се обични граѓани, за кои медиумите не се заинтересирале.
„Во основа станува збор за расистички нешта. На пример, видеа со повик за напад на мигранти“, вели за „Руска реч на македонски“ директорот на информациско-аналитичкиот центар „Сова“ Александар Верховски.
Втори злосторства по популарност се повиците за џихад или за приклучување кон организациите кои се забранети во Русија, како што е ИДИЛ. По нив, со голема разлика, се изјавите за нетолеранција, но без какви и да се повици.
Од пролетта 2014 година се создаде и одделна група „сепаратистички“ дела, поврзани со настаните во Украина. Споровите за територијалната припадност на Крим завршуваат со обвинение. Во мај годинава на 2 години и 3 месеци затвор беше осуден инженерот од Твер Андреј Бубеев за два репоста. Едена статија со наслов „Крим е Украина“, а вториот слика на која е прикажана туба од паста за заби и натпис „Исфрли ја Русија од себе“.
Преобјавувањето на некоја изјава може да го видат сосема малку луѓе. Осудениот Бубеев во „ВКонтакте“ (најпопуларната социјална мрежа во Русија) имал 12 пријатели, девет вљубеници во аниме, а останатите членови на семејството.
Но, рускиот судски систем, според Верховски, не се потпира на тоа.
„Каја е разликата колку луѓе ќе го видат? Доволно е да го види еден човек кој е психички нестабилен, па може да оди и да убие, како што беше случајот со дадилката која му ја отсече главата на детето“, парира првиот човек на Националниот антикорупциски комитет, постариот поручник на ФСБ во пензија Кирил Кабанов. Според него и делото што е извршено еднаш не ги ублажува околностите. „А, доколку стане збор за еднократно убиство? Тоа е еднократно! Тоа може да биде и случајно. Ајде и за него да не судиме“, вели Кабанов.
Според податоците на „Сова“ околу 10% се осудени незаконски. „Останатите 90% се во согласност со законот. Проблемот е во тоа што доколку ние не се наоѓаме во Русија, туку во Франција или во Германија, тогаш најголемиот дел од овие дела и не се случиле“. Кривична одговорност во Европа е предвидена за поопасни дејствија со екстремистичка насоченост; во Русија опасна станува самата интенција“, вели Верховски.
Сепак, главниот казус на рускиот систем е што тој казнува за распространување на екстремистичка содржина, а не за нејзино создавање. „Едноставно не постои таков член за создавање. Доколку некој човек напише текст со повик за геноцид и расизам и го нарече 'Мојата борба', а потоа го замоли пријателот да го шерува, тогаш според законите на РФ ќе биде казнет неговиот пријател“, објаснува адвокатот Матвеј Ѕен, специјалист по екстремистичко законодавство.
Во основа статистиката расте поради потребата за квота. Оттука и парадоксот: репости или ретвит на екстремистичка содржина можат да направат десетици и стотици луѓе, а ќе биде казнет само еден.
„Оддели на Центарот за борба со екстремизмот постојат во секој регион, а во Москва во секој округ. Соработниците имаат план колку екстремисти треба да се фатат месечно“, објаснува Ѕен.
Се земаат предвид само престапите извршени на територијата на соодветен округ. „Но, реалните податоци за дестабилизација на ситуацијата и репостите се сметаат исто, така што истражните органи ги бараат луѓето од својот округ во ВКонтакте“, додава адвокатот.
Но сите одеднаш нема да бидат обвинети, зашто постои ризик од одделување. Доколку има многу осудени за екстремизам во однос на соседниот регион, тоа ќе биде сигнал за лоша работа – таква е бирократската логика, смета Ѕен.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче