Федералната служба за безбедност на Русија на 18 февруари соопшти дека во Подмосковје биле уапсени 14 членови на „меѓународна група“ поради фалсификување документи за борците на ИДИЛ, кои, пак, се подготвувале да заминат во Сирија. Десет дена претходно во Екатеринбург, беа уапсени седуммина државјани на РФ и на ЗНД под сомневање дека подготвувале терористички напади во Русија. Кај нив се пронајдени оружје и експлозив.
Експертите со кои се консултираше „Руска реч“ сметаат дека спроведените операции се пред сè доказ за одличното функционирање на руските безбедносни служби.
Според Иван Коновалов, директор на Центарот за проучување на стратешката ситуација, во текот на изминатите години стекнато е „огромно искуство кое овозможува да се спротивставиме на ИДИЛ“. „По распадот на Советскиот Сојуз нашата земја, поточно речено нашите безбедносни структури, фактички постојано беа во воена состојба, зашто мораа да извршуваат борбени или специјални задачи“, вели експертот во интервју за „Руска реч“, мислејќи пред сè на борбата против екстремистите од севернокавкаските републики на Русија.
Од друга страна, операциите на безбедносните служби говорат за активностите на припадниците на ИДИЛ во Русија. Според Сергеј Гончаров, претседател на Асоцијацијата на ветераните на антитерористичката единица „Алфа“, овие апсења потврдуваат дека ИДИЛ сега е мошне активна на територијата на Русија. Како што истакнува Александар Михајлов, кој во деведесеттите години од минатиот век беше на чело на информативната служба на Федералната служба за безбедност, „мрежата на поврзани ќелии на ИДИЛ секако е присутна во РФ“, но е тешко да се претпостави во колкава мера. Експертите се повикуваат на бројките што ги објавија руските власти
Кон средината на декември минатата година Федералната служба за безбедност соопшти дека 2.900 државјани на Русија се осомничени за поврзаност со ИДИЛ. Од нив речиси 200 загинале во борбени дејствија, а 214 се вратиле во Русија. Против 1.000 државјани на РФ се поднесени тужби поради сомнеж дека учествувале во борбени дејствија во странство.
Како што истакнуваат експертите, главниот метод кој засега овозможува ефикасно спротивставување на ИДИЛ е оперативната работа на агентите на терен. Специјалните служби на различни начини се трудат да дојдат до припадниците на ИДИЛ во Русија, користејќи ја секоја информација што им е достапна.
Покрај работата на агентите, руските специјални служби се обидуваат да ги прекинат каналите преку кои се финансираат структурите на ИДИЛ во РФ. Како што велат од Федералната служба за безбедност, се проверува учеството на над 1.600 приватни и правни лица во Русија за давање материјална поддршка на ИДИЛ.
Во операциите кои ги спроведоа безбедносните служби вниманието на експертите го привлекоа два важни моменти. Како што истакнува Александар Михајлов, во случајот со фалсификуваните документи не е исклучено дека се вмешани и корумпирани службеници од државниот апарат и од правосудните органи. Луѓето што ја покривале оваа група исто така можат да бидат уапсени. Според него, извршен е „селективен напад на најранливото место“. Имено, пронајдени се списоци на луѓе на кои фалсификуваните документи им се веќе врачени, или на кои требало да им бидат врачени.
Кога станува збор за операцијата во Екатеринбург, Иван Коновалов обрна внимание на самиот факт дека екстремистите избрале град на границата на европскиот и азискиот дел на Русија. Тој претходно не фигурираше во соопштенијата за припадниците на ИДИЛ и изборот на Екатеринбург покажува дека терористите „можат да се појават на секое место“. Според него, тие на овој начин се обидуваат да ја пронајдат „слабата точка“ на руските безбедносни служби.
Според Сергеј Голованов, откако Русија влезе во отворена војна против ИДИЛ во Сирија, оваа терористичка организација главното внимание го насочува кон нашата земја. Како што претходно соопшти Националниот антитерористички комитет на Русија, ИДИЛ има специјална единица која подготвува терористички напади во Руската Федерација и во Европа.
Оваа единица е главно составена од луѓе кои потекнуваат од Северен Кавказ. На нејзино чело е извесен Ахмед Четаев, со прекар Еднорак. Како што нагласува Коновалов, создавањето вакви одреди е „методика на секоја нормална армија или на секоја нормална безбедносна служба“. На ИДИЛ ѝ се потребни луѓе што го знаат јазикот и теренот. „Ние војуваме против мошне силен и подмолен непријател“, истакнува експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче