Министерството за одбрана на Русија ја обвини Турција за подготовка на воена интервенција во Сирија. „Имаме сериозни основи за сомнеж дека Турција врши интензивни подготовки за воена интервенција на територијата на суверена Сирија“, се вели во изјавата од министерството од 4 февруари.
Официјален претставник на Министерството за одбрана обелодени снимки на кои е забележана активност на турските вооружени сили на границите со Сирија. „Во воено време на овој начин се подготвува транспортната инфраструктура наспроти воена интервенција. А, слични полигони се користат со цел да се обезбеди брзо движење на воените колони со муниција и оружје на подрачјата на борбените дејствија, како и за оперативно префрлање и евакуација на луѓе“, истакна претставникот на Министерството за одбрана.
Анкара ги офрли обвинувањата, изјавувајќи дека „Русија сака да ги скрие своите злосторства во Сирија“ и дека „Турција има право да ги преземе сите мерки за заштита на својата безбедност“.
Масло на огнот е изјавата на Саудиска Арабија за можното испраќање копнени сили во Сирија.
Сево ова покрена нов бран шпекулации за тоа што може да се очекува и дали ќе бидат избегнати директни судири помеѓу Москва и Анката, или сепак војната е неизбежна.
Директорот на Центарот за ориенталистички истражувања Владимир Аватков ја оценува ситуацијата како мошне сложена. Според него, конфронтацијата помеѓу Русија и Турција е неизбежна, а веројатноста од избувнување вооружен конфликт е голема.
„Турција имаше сериозни планови поврзани со Сирија, но руската воена операција ги спречи. Анкара сега има неколку варијанти на располагање. Прво, таа може да воведи копнени трупи на територијата на Сирија во склоп на коалицијата. Второ, може да почне да дава активна помош на сириската екстремна опозиција. Секако, таа може и ништо да не презема, односно само да набљудува како се одвиваат настаните, но тоа е малку веројатно. Мислам дека Анкара активно ќе бара патишта за реализација на првите две сценарија“.
Керим Хас, турски политиколог и експерт на аналитичкиот центар USAKм со повеќе оптимизам ја анализира ситуацијата. СПоред него, веројатноста од избувнување војна не е голема. „Постојат две причини за тоа. Едната се регионалните ризици на кои би биле изложени обете земји, а другата е членството на Турција во НАТО. Русија нема да сака поради Сирија да влезе во војна со НАТО“, истакнува Хас.
Сепак, експертите со кои се консултираше „Руска реч на македонски“ се сложуваат во врска со едно прашање: ако војната помеѓу Русија и Турција е неизбежна, тогаш таа може да избувне само на сириска територија.
Генерал-мајорот во пензија Александар Костјухин, кој долго време има работено во Турција и одлично ја познава воената ситуација во оваа земја, смета дека во случај на провокација од турска страна, Русија нема да извршува напади на турска територија, ами своите дејствија ќе ги ограничи на територијата на Сирија. „Доколку Турција ги нападне руските сили во Сирија, тогаш Русија може да одговори само во Сирија, но не и во Турција. Но, регуларната сириска армија може да возврати на турската армија и да влезе на турска територија. Ваква веројатност постои. Понатамошниот развој на настаните е тешко да се предвиди, зашто тие зависат од степенот на учество на другите земји. Конкретно, зависи од тоа во која мера НАТО ќе ја поддржи својата членка“.
Виктор Надеин-Раевски, експерт на Институтот за меѓународна економија и меѓународни односи (ИМЕМО) при Руската академија на науките, поставува поинакво прашање: „Во случај Турција да започне копнена операција во Сирија, ќе можат ли Турците да ги покријат своите сили од воздух?“. Според мислењето на рускиот експерт, тешко е дека Анкара ќе може да го направи тоа, а без покривање од воздух, воена интервенција во Сирија не е возможна.
Турскиот политиколог Керим Хас од своја страна смета дека турската армија не е заинтересирана за копнена операција во Сирија. „Анкара стравува дека на северот од Сирија ќе биде создаден курдски коридор, што го загрозува територијалниот интегритет на Турција“, вели Хас. „За да го спречат тоа, турските специјални служби на ова подрачје вршат селективни операции. Но, не станува збор за некаква крупна воена интервенција во Сирија“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче