Чекор до војна

Алексеј Иорш
Георгиј Бовт ги оценува границите на понатамошната ескалација на конфликтот помеѓу Русија и Турција и доаѓа до поразителни заклучоци.

Ескалацијата на затегнатоста во руско-турските односи се зголемува. На 30 јануари Турција повторно ги обвини воздушно-космичките сили на Русија за нарушување на нејзиниот воздушен простор – сега стануваше збор за бомбардер Су-34. Како „одговор“ Анкара објави „портокалово ниво на воена готовност“ – тоа значи дозвола на турските воено-воздушни сили да отворат оган за уништување без согласност со командата. Претставник на руската воена команда категорични го демантираше фактот за нарушување.

Ќе соборуваат ли повторно?

Ердоган е политичар кој во сложена ситуација сака да игра со заострување, и секој пат го зголемува влогот во играта. Неговата самостојност во последно време почна забележливо да ги нервира дури и Американците. Но, без оглед на тоа, во последниот инцидент со рускиот авион НАТО дури и изрази солидарност со турската позиција, при што ги повика страните на воздржаност.

Но, што ако не се зачува воздржаноста? Можат ли Турците повторно да соборат руски авион, дејствуваќи во најмала рака во духот на провокација?

Тоа ќе биде малку потешко да се направи одошто во ноември минатата година, кога беше соборен бомбардерот Су-24. Околу руската авионска база во Латакија веќе се поставени комплекси за ПВО С-400. Со тоа за турските воено-воздушни сили е воведена таканаречена „зона на забранети летови“ на северот на Сирија: секој оној што ќе влезе во неа без покана и предупредување, ризикува да биде соборен.

Турските интереси во Сирија

Ситуацијата се усложнува и со тоа што турските единици, изгледа решиле да го активираат учеството во сирискиот конфликт во форма на спроведување копнени операции. Изгледа главната цел на присуството „на земја“ не е толку борба против ИДИЛ, колку минимизирање на успесите на курдските бунтовници на северот од земјата. Ќе се помират ли Турците со тоа што се принудени да водат операција на земја во услови на „зона на забранети летови“? Тешко.

Доколку интеракцијата со американската авијација над Сирија Москва ја има постигнато на почетокот на операцијата, со турскиот воен ресор сите контакти се прекинати по инцидентот со соборениот руски Су-24 во ноември минатата година. Со тоа опасноста од воен судир, па нека е и случаен, повеќекратно се зголемува.

Секако, Анкара смета на солидарност од страна НАТО во своето спротиставување на Русија. Сепак, тоа не значи дека во Алијансата сите ќе бидат восхитени од перспективата да станат заложници на рискантните игри на Ердоган. Неговите стратешки цели не сосема се совпаѓаат со целите на САД и на нивните западни партнери. Игрите на турските специјални служби и политичари со ИДИЛ, сериозните несогласувања на Турците со истите Американци во поглед на улогата на курдите во борбата со исламистите.

Анкара речиси отворено ја рекетира ЕУ со тоа дека може во Европа да пушти стотици илјади бегалци, доколку таа не сака да направи отстапки. Дури и ветените 3 милијарди евра од страна на Меркел за тоа сириските бегалци да се држат во Турција (таму веќе се имаат насобрано повеќе од два милиони) се малку за Анкара. Таа алудира на обновување на преговорите за влез на Турција во ЕУ, плус безвизен режим веќе оваа година. Безвизен режим со 80-милионска огромна муслиманска земја, каде се собрани стотици илјади бегалци – тоа е она за кое Европа сега „мечтае“.

Деновиве анонимен извор во руските специјални служби за новинарите изјави дека трагите за организација на терористички напад против рускиот патнички авион над Египет есента 2015 година водат кон Турција. Конкретно, кон терористичката организација „Сиви волци“ (таа е прогласена за терористичка и во Европа).

Со тоа за Турција, засега неофицијално, е покренато обвинение, најмалку, за прикривање на меѓународни терористи. Доколку овие обвинувања бидат поткрепени со нови докази, позициите на Ердоган на запад ќе бидат уште поразнишани.

Сево ова може и да не го запре турскиот претседател во намерата да се впушти во понатамошни ризични операции, меѓу кои и воени, потпирајќи се на силата на турската армија. Сепак, тоа не значи дека руските воено-космички сили сега ќе си ги соберат своите работи од Сирија и ќе избегаат, плашејќи се од турските закани. Тие таму ја немаат завршено својата работа. Згора на тоа Путин не е од оние политичари, кои се повлекуваат под притисок.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња