Марш во спомен на Немцов: Хероите не умираат

Извор: AP

Извор: AP

Во неделата во центарот на Москва, според различни проценки, се собраа помеѓу 16.5 до 70 илјади луѓе на траурен марш по повод смртта на опозиционерот Борис Немцов. Многу од учесниците во поворката велат дека неговото убиство го доживеале како лична трагедија, а за опозицијата ова претставува ненадоместлива загуба. Политиколозите, пак, сметаат дека сега без Немцов опозицијата уште потешко ќе се консолидира.

Во неделата на 1 март во центарот на Москва беше организиран марш во знак на сеќавање на Борис Немцов, лидер на опозицијата и поранешен прв вицепремиер на владата на Русија, кој беше убиен ноќта на 28 февруари. Оваа трагедија ги измени плановите на опозицијата. Антикризниот марш „Пролет“ беше откажан, а наместо него со властите беше усогласена нова маршрута во центарот на градот. Според податоците на руското МВР во маршот учество зеле 16.5 илјади лица, а според оценката на организаторите станува збор за најмалку 70 илјади. 

Трагедијата на Борис Немцов е моја трагедија 

Уште на почетокот на маршот се направи редица пред цвеќарницата покрај Смоленскиот плоштад. На самиот плоштад, пак, имаше многу детектори за метал. Контролата на влезот беше мошне детална, но затоа подоцна на патот по кој се движеше поворката полицајците не беа воопшто воочливи.

Ова не беше политичка акција. Луѓето се движеа полека во целосна тишина, над главата носеа руски знамиња со црни ленти и плакати со пароли: „Тој загина за иднината на Русија“, „Тие ти се плашеа, Борис“, „Пропагандата убива“ и „Јас не се плашам“. 

„Мене многу тешко ми паѓа оваа смрт“, вели пензионерката Евгенија Ипатова. „Русија ги губи најдобрите синови. Тој ќе беше голем научник (Немцов има напишано над 60 научни трудови од областа на физиката), но реши да му се посвети на народот. Но, народот не го сфати“. 

„Сакам да живеам во слободна земја, не сакам никој да пука во нас, да нè крева во воздух. Сакам јавно да кажувам што ми се допаѓа, а што не ми се допаѓа. Поради тоа трагедијата на Борис Немцов е и моја трагедија“, вели Виктор Артамонов, кој со Немцов работеше од 1992 година. 

Верзии 

Меѓу учесниците во поворката главно доминираат две верзии за тоа кој го убил Немцов: некој од владејачките кругови или трета сила, која сака раскол во земјата. Значително повеќе приврзаници има за првата верзија. Меѓутоа, сите се сложуваат за тоа дека станува збор за нарачано убиство. 

Се појавија првите верзии за убиството на Борис Немцов
Додека трае официјалната истрага, во медиумите и на социјалните мрежи се појавуваат различни верзии кои зборуваат за убиството на Борис Немцов. Официјална Москва, пак, повикува да внимателна и детална истрага, додека жителите на Москва му оддаваат почит на Немцов на местото на кое вчера беше извршено убиството.

„Борис Немцов беше незгоден за нашата власт. Сепак тој ги тресеше темелите во таа смисла што имаше интеракција со активностите на граѓаните. Ги нишаше корупциските шеми, подготвуваше извештај за вмешаноста на руското раководство во украинскиот конфликт. Ова сигурно не го направиле некои 'левичари'“, смета претприемачот Људмила Кох. 

„Некому во нашето вооружени структури не му се допаѓа тоа што Путин реши малку да запре во врска со украинското прашање. Убиството е извршено за да не се допушти понатамошно регулирање на кризата“ вели 56-годишниот Виталиј Горки. „Уверен сум дека ова за Путин е голем проблем. Ваквото дрско убиство пред ѕидините на Кремљ. Ова значи дека некој се обидува мошне силно да манипулира“, се сложува со него Виктор Артамонов. 

Смрт што обединува? 

Одненадеж во толпата се слушнаа одделни извици „Русија без Путин“. „Кој вика, тоа е провокација!“, реагира некој. Галамџиите беа пронајдени некаде во првите редови од поворката каде беа опозициските активисти на чело со Михаил Касјанов. Набрзо беше најавена минута молк, а потоа првата колона тргна на мостот кон конечната цел на процесијата. Потоа опозиционерите добија можност слободно да се движат. 

Иљја Јашин, близок пријател и соработник на Борис Немцов, на новинарите им раскажа како опозицијата го доживува ова убиство. „За руското општество и за опозицијата ова е пресуден настан од кој тешко ќе се закрепне. <...> Многу би сакал да верувам дека ќе дојде до обединување на демократските сили и дека оваа смрт ќе ги обедини лидерите на опозицијата, кои пред ова дури и не разговараа еден со друг“, рече тој. 

Внатрешни конфликти 

Од друга страна, пак, политиколозите со кои контактираше „Руска реч на македонски“ се скептични кога станува збор за можноста за консолидирање на опозицијата. Александар Пожалов, заменик-директор на Институтот за социјално-економски и политички истражувања, кој е близок на Кремљ, смета дека токму Немцов бил човекот што ги „нивелираше внатрешните конфликти во разнородното протесно движење, и кој ја формулираше стратегијата на опозицијата“. Политикологот потсетува дека Немцов кон крајот на 2014 година ја истакна потребата за обединување на целата опозиција во коалицијата „За европски избор“. „Очигледно дека сега во опозициското движење сè поголема ќе биде улогата на Алексеј Наваљни и на неговите најблиски соработници. Тие ќе почнат да влечат на своја страна, а тоа може да предизвика нови внатрешни конфликти кај опозицијата“, смета Пожалов. 

„Нашата опозиција може да се консолидира само врз основа на вакви тажни настани“, смета Константин Калачов, раководител на независната Политичка експертска група. „Ова е сериозен проблем: околу кого и околу што да се консолидираат?“ Според него, опозицијата е мошне слаба во организациски поглед и во таа смисла што нема морален лидер. „Не треба да се очекува дека по еден месец од зачнувањето ќе се роди детето. Во Русија може да се појави нова опозиција, но само кога во земјата ќе настапи вистинска и сериозна економска криза. И тоа ќе биде опозиција која ќе почне да ја засновува својата програма пред сè на социјално-економски темели“, вели Калачов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња