Феноменот наречен Калашников

Михаил Калашников на прославата на 60-годишнината од постоењето на АК-47. Извор: РИА Новости

Михаил Калашников на прославата на 60-годишнината од постоењето на АК-47. Извор: РИА Новости

„Калашников“ со право се смета за најдобар автомат на светот, а тоа го потврдува и фактот дека тој се вбројува меѓу најзначајните пронајдоци на 20 век. Во што е тајната на неговиот неверојатен успех и на кој начин неговиот творец Михаил Калашников еднаш засекогаш ја измени состојбата на светскиот пазар за малокалибарско оружје?

Автоматот „Калашников“(AK-47) заедно со авионот на браќата Рајт („Wright Flyer“) и со автомобилот на Форд („Model T“) еднаш беше вброен во трите најголеми пронајдоци на 20 век кои значајно влијаеле на човештвото. Слободно може да се каже дека автоматите од серијата АК се најраспространето оружје на светот. По долга низа години и бројни варијанти тие денес ја сочинуваат основата на стрелечкото вооружување во армиите на повеќе десетици земји. За ваквото масовно производство и за широката примена на оваа автоматска пушка заслужни се пред сѐ нејзините ненадминливи борбени карактеристики.

Едноставност и сигурност 

Михаил Калашников во развојот на својот автомат постигнал совршен спој на извонредни особини кои се пресудни за неговата исклучителна ефикасност и за сигурноста во текот на борбата. Меѓу нив пред сѐ треба да се истакне едноставноста и механизмот кој лесно се расклопува и кој практично нема завртни врски или навојни споеви, потоа генијалниот и крајно едноставен принцип на затворачот на цевката, подвижноста на гилзата по испукувањето за да не дојде до застој за време на исфрлувањето на испуканата гилза, а тука е и отпорноста од валкање и исклучителната сигурност за време на примената во сите климатски услови.

Почина конструкторот на легендарниот автомат АК-47 Михаил Калашников
Во понеделникот, 23 декември, на 94-годишна возраст почина прославениот конструктор на стрелечкото оружје Михаил Калашников.

Познат е случај кога нa eдeн меѓународен саем по долго стрелање со „Калашников“ било забележано дека нешто тропка во автоматот. Кога го отвориле, нашле откинат долен дел од гилза. Но, тоа не го спречило да работи како часовник. Калашников често се шегувал: „За да се пука од АК, потребни се око и показалец.“ 

Во сите светски воени кругови за „Калашников“, попознат како АК-47, се зборува само најдобро. Како што неговиот творец, Михаил Калашников, во повеќе наврати истакнуваше, тој во 1947 година ја решил задачата која му била доверена: требало да се развие оружје кое би било едноставно за ракување за обичен војник. Според зборовите на конструкторот, на неговиот автомат нема ништо излишно – секој детаљ „како самиот да си го пронашол местото“.

„На еден симпозиум беше изнесен податок дека Американците во Виетнам околу 30% од своите загуби во луѓе ги претрпеле поради откажување на оружјето што го користеле“, си спомнуваше Калашников и потоа додаде: „Кога станува збор за АК, ваква статистика не постои. Едноставно, нашиот автомат не дава повод за тоа. Дури ни кога се користи во најтешки можни услови, кога има многу прав, кога е валкано и влажно, и при високи температури, автоматот доследно го исполнува она што се очекува од него во реална борба.“

Освојување на светскиот пазар 

Кога на картата на светот со иста боја би се означиле сите земји кои го имаат користено и кои го користеле АК, речиси сиот свет би бил обоен во таа боја. Според различни извори, за 60 години произведени се над 100 милиони „Калашников“ во различни изведби, АК е дел од вооружувањата на над 100 земји. Тој се произведуваше или се произведува во Бугарија, Унгарија, Источна Германија, Египет, Ирак, Кина, Полска, Романија, Северна Кореја, Југославија.  

Автоматот „Калашников“(AK-47) заедно со авионот на браќата Рајт („Wright Flyer“) и со автомобилот на Форд („Model T“) еднаш беше вброен во трите најголеми пронајдоци на 20 век кои значајно влијаеле на човештвото.

Калашников со задоволство се сеќаваше на уште една анегдота: „Еднаш за време на Вишите офицерски курсеви 'Вистрел' ('Истрел') во Подмосковје заедно со други истакнати конструктори на стрелечко оружје настапував пред гости од социјалистичките и од земјите во развој, тоа всушност беше воената елита од нашите пријателски земји од Азија и од Африка. Пред да завршам стана еден крупен Африканец со мало знаменце во раката – министерот за одбрана на Мозамбик – и рече: 'Би сакал со благодарност кон уважениот конструктор да истакнам дека неговиот прочуен автомат се наоѓа на знамето на нашата млада република. Тој стана симбол на нашата борба за слобода против јаремот на империјализмот на странските сили. Покрај него на нашето знаме се прикажани и отворена книга – симбол на борбата против неписменоста и мотика – симбол на слободата на трудот.'“

Недостижно совршенство 

Со успехот и со популарноста на „Калашников“ единствено може да се спореди белгиската автоматска пушка FN FAL, која се појави четири години по АК-47. FN FAL се наоѓа во вооружувањето на 55 армии и се произведува во 13 земји на секој континент. Додека во споредба со американската јуришна пушка М16, „Калашников“ е многу поуспешен. М16 во сите свои верзии достигна вкупен број од околу 10 милиони примероци, а се користи во 27 земји, со тоа што некои армии истовремено користат и М16 и „Калашников“. 

Во март 2001 година во САД беше основана Асоцијацијата на колекционери на „Калашников“(KCA – Kalashnikov Collectors Association). Претседателот на ова здружение Џо Анкона од Аризона кон крајот на деведесеттите години од минатиот век решил на едно место да ги собере сите оние кои се сериозно посветени на колекционирање на ова оружје. Здружението има свои претставници во САД, Јапонија, Швајцарија, Англија, Германија и во Русија со вкупен број од над 60 члена. Сите тие се согласни во тоа дека АК е генијален автомат кој нема свој соперник. И секој колекционер сонува да создаде нешто свое, па дури и да го надмине прочуениот руски конструктор на оружје. 

Калашников еднаш изјави дека би му подал рака на оној кој би успеал да направи подобар автомат. „Но, јас и понатаму стојам со испружена рака!“, велеше легендарниот конструктор. 

За жал, честа да го почувствува тој искрен стисок на раката повеќе никој нема да ја има.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња