Кој стои зад убиството на рускиот амбасадор во Турција?

21 декември 2016 Геогриј Бовт
Москва и Анкара го делат ставот дека убиството на амбасадорот на Русија во Турција Андреј Карлов е терористички напад. Доколку целта на тој напад била да се спречи зближувањето на Русија и на Турција, тогаш може да се каже дека засега е постигнат само обратен ефект зашто двете земји станаа посолидарни во борбата против тероризмот како заеднички непријател, како и во понатамошната потрага за решавање на сириската криза.
ПОГЛЕДИ
Flag-wrapped coffin
Извор: Ројтерс

Атентаторот е убиен, што може да ја отежне истрагата. Убиецот има само 22 години. Претходно служел во турската полиција, но во моментот на нападот не бил на должност. Кој стои зад ова убиство? Постојат неколку верзии.

Прва верзија: Фејтула Ѓулен

Во Турција, благодарение на власта, голема популарност може да има верзијата според која зад убиецот стојат сили блиски на проповедникот Фејтула Ѓулен. Тој сега се наоѓа во САД.

Ѓулен се третира како инспиратор на неуспешниот обид за државен удар и за симнување на претседателот Ердоган. Тој е главен „непријател на народот“ и со него се поврзуваат многу непријатности што ги доживува турската власт. По неуспешниот пуч, Ердоган спроведе сеопфатни чистки и репресии во земјата, особено во безбедносните структури. Но, како што е познато, ниту една чистка не може да биде сосема ефикасна, зашто не може да се „исчисти“ сè. Меѓу организаторите на превратот навистина имаше приврзаници на „поцврстата линија“ на Анкара во Сирија против Ал Асад, а со самото тоа и против Русија која го поддржува сирискиот претседател. На овие луѓе навистина не им се допадна руско-турското зближување, и тие можеле да преземат ваков чекор за да го спречат тоа. А, уште помалку можела да им се допадне реакцијата на Турција на целосното преземање на контролата над Алепо од страна на регуларната сириска војска.

Постои основа за претпоставка дека помеѓу Москва и Анкара има воспоставено барем неформално „разбирање“ во поглед на „разграничувањето“ на сферата на одговорност во Сирија. Во рамките на ваквото неформално „разбирање“ Турција можеше да ја намали поддршката на своите „клиенти“ во сириската опозиција кои се борат против владината сириска армија во источно Алепо. Ова можеше да придонесе за успешно завршување на операцијата за ослободување на градот, а припадниците на „Сириската слободна армија“ (главен „клиент“ на Турција во Сирија) успешно го напуштија градот преку хуманитарниот коридор, како што може да се претпостави, направен со посредство на Анкара. На Турција не ѝ беше потребно целосно разбивање на „Сириската слободна армија“ зашто овие луѓе ќе ѝ затребаат на Анкара како оружје за спроведување на нејзините интереси во Сирија „по Ал Асад“.

Втора верзија: Исламисти

Оваа засега неформална соработка на Анкара и Москва можеше веќе да прерасне во далеку посеопфатна конструктивна соработка во повоеното уредување на Сирија. Но, ваквото сценарио не би им се допаднало на исламистите, па и на оние кои се поврзани со „Сириската слободна армија“.

Инаку Турција одамна има навлезено во блиските односи со исламистите и сега само ги собира плодовите од таа блискост, односно сè почесто е подвргната на терористички напади. Еден дел од овие исламистички сили можеше да ги доживее потезите на Турција како „предавство“ и истовремено да зададе удар на Русија и на руско-турското зближување.

Зад убиството можат да стојат и силите блиски на ИДИЛ. Турските специјални служби своевремено беа блиски и со оваа терористичка организација, со тоа што не беа спроведувани чистки „во врска со ИДИЛ“ зашто тие врски во еден момент едноставно беа „ставени под тепих“. Но, можно е да се останати некакви контакти и да постои такво расположение помеѓу определени припадници на безбедносните служби.

Трета верзија: Самостоен терорист

Постои и поедноставна верзија. Можеби убиството го има извршено самостоен терорист или некоја самостојна група исламисти.

Ваквите „структури“ се составени од најмногу тројца (тоа се всушност бомбаши-самоубијци, индоктринирани со исламистичка идеологија). Во последно време вакви самостојни групи се активираа во многу земји. Ова може да биде токму таков случај.

Еден 22-годишен човек кој бил припадник на безбедносните структури можел да биде поттикнат на терористички напад хистеријата што еден дел од светските медиуми ја започна во врска со дејствувањето на Русија и на регуларната сириска војска во источно Алепо. Во таа кампања нити турските медиуми не останаа настрана. Згора на тоа, кампањата уште повеќе зајакна во контекст на сеопфатните воени операции за ослободување на ирачкиот Мосул од ИДИЛ што ги спроведува ирачката армија заедно со шиитските и со курдските одреди. Во вториов случај медиумите кои трубат за „варварско бомбардирање“ на источно Алепо и за наводни „масовни“ жртви кај цивилите воочливо не споменуваат ништо кога станува збор за Мосул, каде има повеќе цивили, каде операцијата е сеопфатна, каде меѓуетничките судири се поизразени, а дејствијата на ИДИЛ се посвирепи. Ваквата хистерија можела да остави силен впечаток врз убиецот и тој да донел одлука да се „одмазди за Алепо“.

Четврта верзија: Курдите

Теоретски гледано, можна е и „курдска верзија“. На пример, можно е Курдите да ѝ се одмаздуваат на Анкара за сето она што го прави на северот од Сирија, каде направи „санитарна зона“ на териториите што се ослободени од ИДИЛ благодарение на напорите на курдските одреди.

Сепак, оваа верзија е малку веројатна. Тешко е да се замисли во турската полиција да работи полицаец кој има врска со Курдите. Етничкиот принцип таму има неверојатно големо значење.

Петта верзија: Операција на НАТО

На крајот, постои и „конспиролошка“ верзија. Некои руски политичари тврдат дека убиството на амбасадорот е резултат на „тајна операција на НАТО“.

Оваа верзија е добра за правење детективски приказни, исто како и верзијата за „одмаздата на Путин од Обама“. Но, во овој случај би требало да се одговори на едно едноставно прашање: зошто на НАТО му е потребен casus belli со Русија? Зашто во тој случај ова е токму casus belli.

И самиот факт дека слични верзии можат да се слушнат од определени политичари зборува за тоа колку се сега лоши односите помеѓу Русија и Западот, и особено Америка. Во ваква ситуација сепак е подобро да не се препуштаме на претерана медиумско-пропагандистичка хистерија.

Веќе се гледа како тоа може да се заврши зашто токму во контекст на таква хистерија околу Алепо и дојде до убиството на амбасадорот Карлов. Оваа околност има принципиелна важност, независно од конкретните верзии за убиството.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.