Русија реагира на убиството на амбасадорот Карлов

Ројтерс
По убиството на рускиот амбасадор Андреј Карлов во Анкара на 19 декември, официјалните лица и граѓаните на Русија се во тага, осудувајќи го тероризмот, и се прашуваат како воопшто убиецот можел толку лесно да му пријде на амбасадор на друга држава?

Мевљут Мерт Алтинташ, поранешен офицер на турската полиција (според податоците на турските власти тој добил отказ по обидот за државен удар на 15 јули), го уби Андреј Карлов, амбасадор на Русија во Турција, за време на неговиот говор на 19 декември на отворањето на изложба на фотографии во Анкара.

Русија повеќе од 90 години нема доживеано ваква трагедија. Последното убиство на актуелен амбасадор се случило во 1923 година.

Убиство за време на извршување должност

Набргу по убиството официјална изјава даде Владимир Путин. Тој им изрази сочувство на членовите на семејството на Андреј Карлов, кој според рускиот претседател „го изгубил животот за време на извршувањето на должноста“. Претседателот лично го познавал Карлов и во прошталниот говор го окарактеризира како „извонреден дипломат“ и „добар, мек човек“.

Убиството е извршено наспроти трилатералната средба на шефовите на дипломатиите на Русија, Турција и Иран во Москва. Путин нагласи дека овој терористички напад е провокација со цел да се спречи подобрувањето на руско-турските односи. „Одговор на тоа може да биде само зајакната борба против тероризмот. Бандитите тоа ќе го почувствуваат на своја кожа“, изјави рускиот лидер.

Тага и сочувство

Оваа трагедија особено тешко беше примена во дипломатските кругови. Истата ноќ, по убиството, народот почна да носи цвеќе пред зградата на Министерството за надворешни работи на Смоленскиот плоштад во Москва. Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров рече дека претседателите на Русија и на Турција се договориле за заедничка работа во истрагата за „ѕверското убиство“

Целта на организаторот на злосторството, смета Лавров, била пред сè да се спречи ефикасна борба против тероризмот во Сирија. Тоа нема да им појде од рака, уверен е Лавров. Министерот им се заблагодари на граѓаните на Русија и на странските колеги за солидарност во овој тежок момент.

Министерството за надворешни работи на Русија на Фејсбук направи „виртуелна книга на жалоста“ каде секој може да го изрази своето сочувство. Зборови на тага изразуваат и државјаните на Русија и странци. „Во оваа тешка доба ви посакувам сила и цврстина. Целата земја е во мислите со вас. Примете го моето сочувство“, пишува Ана Мезенцева. „Сиот свет тагува за неговата смрт и се надева дека сеќавањето за него ќе им послужи на другите како стимул за да се борат за планета која е ослободена од политичко насилство“, се придружува Дејвид Лемие од Нов Зеланд.

Прашања за турските специјални служби

Покрај сочувството што го искажуваат на членовите на семејството и на колегите на Андреј Карлов и покрај осудата на терористите, многумина официјални лица си поставуваат прашањето како Мевљут Алтинташ толку лесно влегол во зградата каде се одржувала изложбата и каде присуствувале странски амбасадори.

Така, Константин Косачов, претседател на Комитетот за меѓународни прашања на Советот на федерацијата на Фејсбук напиша: „Убиецот на Андреј Карлов добил отказ во полиција по обидот за државен удар на 15 јули, но ја зачувал службената легитимација. Како е можно тоа?“ Сенаторот смета дека Алтинташ не ја вратил легитимацијата или воопшто не му бил одземен статусот на полицаец. Која било од овие две варијанти укажува на „страшната немарност“ на турската полиција, смета Косачов. Тој пишува дека граѓаните на Русија треба да се воздржат од патување во Турција додека не се расветли убиството.

Слично гледиште има и заменик-министерот за надворешни работи на Русија Олег Сиромолотов. „Мислам дека секој што има намера да патува во Турција треба сериозно да размисли пред да го стори тоа зашто терористички напади се организираат речиси секој ден“, изјавува Сиромолотов.

Да се зајакнат мерките за безбедност

Маријана Бељенкаја, арабиста и уредник на информативната агенција ТАСС, на својот блог на Livejournal пишува дека Турција не е единствената земја која не можела да ја гарантира безбедноста на Андреј Карлов. „Излезе дека ни ние не сме подготвени“, пишува Бељенкаја и додава дека многумина на Блискиот Исток ја мразат Русија поради нејзиното активно учество во Сирија.

Според неа, Русија треба да се угледа на САД кои преземаат „незабележливи“ мерки за обезбедување на своите дипломати на Блискиот Исток, зашто тие „се свесни дека во секој момент некој може да дојде и да ги крене во воздух“. Зголемените мерки за безбедност се цената на активната политика во регионот, смета Бељенкаја, а убиството на Андреј Карлов е знак дека треба тие мерки да се зајакнат.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња