Руско-американскиот „луд воз“

Ројтерс
Аналитичарот Фјодор Лукјанов со свое гледиште за цикличноста во односите меѓу Вашингтон и Москва.

Не е првпат Москва и Вашингтон да разговараат едни со други со повишен тон. Сегашниот тон нѐ принудува да се потсетиме на навистина мрачните периоди во нивните односи. Портпаролот на Стејт департментот ѝ се заканува на Русија со нови загуби во Сирија, а руското Министерство за одбрана ги потсетува американските „стратези“ за радиусот на пораз на системите С-300 и С-400 распоредени во регионот на базата Хмејмим.

Вкупната информациска атмосфера се доближува до најлошите примери од почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, а во извесна смисла оди уште подалеку.

Тогаш барем тие не се задеваа меѓусебно, а сега не можеш да разбереш каде завршува тролањето и каде започнуваат заканите и обратно. Што е следно?

Стабилни циклуси

За да не паднеме во целосен очај, треба да се истакне дека траекторијата на односите меѓу Русија и САД по Студената војна како целина е вонредно стабилна. Ова се должи на изборните циклуси, во кои може да има флуктуации во едната или во другата насока, но на крајот на последното движење задолжително настапува заострување.

„Бил Клинтон си дозволи да изврши притисок врз Русија. Тој очигледно за секунда, минута, за половина минута заборави што е Русија, дека Русија поседува целосен арсенал на нуклеарно оружје. Клинтон одлучи да покажува мускули. Сакам преку вас да му кажам на Клинтон: ајде да не заборавиме во каков свет живее. Не можело и нема да може еден да му диктира на целиот свет како да живее. Мултиполарен свет е основата на сето тоа. Односно, како што се договоривме со претседателот на НР Кина Џијанг Ѕеминем: ние ќе му диктираме на светот, а не тој самиот нам“.

Овие зборови на Борис Елцин прозвучеа при неговата посета на Пекинг во почетокот на декември 1999 година. До неговата оставка имаше малку повеќе од три недели и оваа изјава, во суштина, беше потсетување на заситените односи меѓу двете земји и меѓу двајцата претседатели (кои официјално се нарекуваа еден со друг – пријатели) во деведесеттите години од минатиот век.

Драстичната реакција на Елцин беше одговор на забелешката на Клинтон дека Русија „скапо ќе плати“ за активностите во Чеченија – Западот подготвува санкции.

Интересно е дека тогаш на премиерот Владимир Путин му беше наложено да го среди ефектот.

РојтерсРојтерс

Изјавата на Елцин не беше насочена кон заладување на односите меѓу Москва и Вашингтон. Притоа, има и нешто уште пофасцинантно. Путин истакна дека критичките изјавите на Бил Клинтон во врска со чеченската кампања се поставени повеќе од загриженоста Русија да не се соочи со дополнителни проблеми. Американците – и самиот Клинтон, и неговиот портпарол – одговорија покровителски: не треба да се обрнува внимание на зборовите на претседателот на Русија.

Историјата се повторува?

Во оваа епизода има сè што гледаме сега, макар и во поблага варијанта. Предупредување до Русија за крахот на „несоодветното“ однесување, крајно вознемирен одговор со потсетување за воениот потенцијал, неподготвеност од страна на САД да гледаат сериозно. Симболично е дека Елцин ги кажа страшните зборови во Кина, повикувајќи го моќниот сосед за влијание – едноставно тоа е праобразот на сегашната „срдечна согласност“ меѓу Москва и Пекинг.

А, нели од 1993 до 1998 година Вашингтон, и лично Бил Клинтон во својство на главен покровител на „младоруската демократија“, божем вложија многу напор за засилување на односите. Сепак, меѓусебната иритација се трупа. Во август 1998 година настапи дефолтот во кој странските берзански играчи загубија не помалку пари и многу се потрошија. Во зимата и пролетта 1999 година се случи првото проширување на НАТО и почнаа бомбардирањето врз Југославија. Одговорот на крахот на пирамидата наречена „краткорочни државни обврзници“ беше моќна кампања во западниот печат против „кремљската клептократија“ (случајот „Банк оф Њујорк“ /Bank of New York/ и наводното перењето пари на руската мафија). А, војната против Југославија, која Москва не беше во состојба ниту да ја спречи, ниту да ја запре, доведе до стратегиски бесмислен, но светол потег со демаршот на руските десантни сили на аеродромот во Приштина. Значи, Пекиншката инвектива стана венец на цела серија настани.

Џорџ Буш влезе во Белата куќа како антипод на Клинтон, исто како што и Владимир Путин се доживуваше како спротивност на Елцин. Сепак, шемата се повтори, само со уште поголема амплитуда на флуктуации. Започна со меѓусебна симпатија на првата средба во Љубљана, а потоа дојде до остар пораст од септември 2001 година, кога Русија и САД се претставуваа небаре се сојузници во војната против тероризмот. Следуваа интензивни контакти со длабоки падови: Чеченија, излегувањето на Вашингтон од договорот за противракетна одбрана, советот Русија – НАТО, Ирак, „Револуцијата на розите“ во Грузија, првиот „Мајдан“ во Украина, одлуката за изградба на противракетна одбрана во Источна Европа, Косово...

Атмосферата стануваше погуста, довербата се топеше, но во април 2008 година, на крајот на вториот мандат на Владимир Путин, се случи средбата во Сочи и потпишувањето на Декларацијата за стратегиски рамки на односите. Во овој документ страните се обидоа мирно да состават цела листа со теми што претставуваат заеднички интерес (таму, во суштина, беше содржана целата програма на идното рестартирање, чии лаворики потоа отидоа кај Барак Обама и кај Дмитриј Медведев). Се збогуваа пријателски, дури и топло.

Четири месеци подоцна (Буш сѐ уште е во Белата куќа, Путин, пак, веќе е премиер) настапува руско-грузиската војна, односите меѓу Русија и САД се уриваат до најниската точка по Студената војна.

Лудите глави во Вашингтон инсистираат да се бомбардира Рокскиот тунел (тој ги поврзува Северна Осетија во Русија со Јужна Осетија во Грузија – заб. прев.), а во Москва се убедени дека во реалноста не војуваат со Саакашвили, ами со Буш.

Како да е дојден крајот, и како претседател на САД каде и да е ќе стане симболот на јастребскиот приод Џон Меккејн. Но, пропаѓа банката „Леман брадрс“, избувнува светската финансиска криза и на сите повторно не им е дојдено до Русија.

На ист пат

За време на Обама се прави нов круг по истата маршрута. Прогласувањето помирување во односите со Русија (сега гафот од пролетта 2009 година со згрешениот збор на симболичното копче – „преоптоварување“ („перегрузка“) наместо „рестартирање“ („перезагрузка“) – изгледа сосема пророчки), меѓусебната симпатија меѓу Медведев и Обама, активната работа врз договорот за намалување на стратегиското оружје, запирање на противракетната одбрана, преговорите за Иран, членството на Русија во Светската трговска организација. Сето ова на фонот на „арапската пролет“, Либија, засилувањето на контроверзностите околу Сирија, враќањето на Владимир Путин на функцијата шеф на државата, неочекуваните настани, како што е феноменот Едвард Сноуден, Украина, повторно Сирија – тоа е директен судир...

Не е тешко да се забележи дека крајот на секој нареден циклус е поостар и поопасен.

Во 1999 година – усно потсетување за тоа „што е Русија“. Во 2008 година – за првпат се проговара за индиректно воено спротивставување и се покажуваат мускули во Црното Море. Во 2016 година – двете воено-воздушни армади се наоѓаат во непосредна близина една до друга со ризик од директен судир и непредвидена ескалација.

Информацискиот фон е таков што разобличувањата од 1999 година за „руска мафија“ изгледаат како детско брборење – нивото на „империјата на злото“ уште не е достигната, но, сепак, „императорот на Злото“ веќе е прогласен.

Руско-американските односи, се разбира, носат личен белег. Фактот дека тие го достигнаа најдлабокото дно кај Обама може да се објасни. Актуелниот претседател на САД секогаш се става себеси во центарот (оттука и склоноста кон надворешни ефекти и јарки искази зад кои не стои ништо) и не мисли дека е потребно да гради односи со луѓето, без разлика дали се противници или сојузници. Американците, исто така, ја гледаат причината во конкретен човек, припишувајќи му на рускиот претседател квалитети на демон од вселенски размери.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња