Медиум: На Балканот почна нова рунда конфликт меѓу Русија и Западот

На Балканот започна „нова рунда на борбата за сфери на влијание“, пишува австриски „Дер Стандард“. Вовлекувајќи ја Црна Гора во својот сојуз, НАТО се обидува да го затвори геополитичкиот јаз меѓу Албанија и Хрватска. A Русија го гледа ова како „конфронтирачки чекор“ што ќе доведе до зголемување на тензиите.

Во Црна Гора се одржуваат вежби за цивилна одбрана под водство на НАТО, пишува „Дер Стандард“. Во нив учествуваат 32 земји. Локалните власти сакаат да покажат дека се подготвени да ѝ се приклучат на Алијансата. Исто така тоа е сигнал до Москва, зашто на Балканот започна „нова рунда на борбата за сфери на влијание“, објаснува авторот на статијата Аделхајд Волфл. Владејачката Демократска партија на социјалистите и обвинителството на земјата тврдат дека група проруски Срби планирала да изврши државен удар на денот на одржувањето на парламентарните избори (16 октомври). Во исто време тие ја обвинија Москва за вмешаност.

Малку е веројатно дека ќе биде можно да се разјасни ситуацијата, со оглед на тоа што има многу малку факти, премногу теории на заговор, а судовите се политички пристрасни, признава изданието. Некои дури сметаат дека премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и неговите поддржувачи самите го организирале пучот за да го заплашат населението, да ја покажат опозицијата како криминалци и да победат на изборите.

Ѓукановиќ, пак, вели дека во планирањето на државниот удар учествувала проруската партија „Демократски фронт“. „Една работа е јасна: со помош на Запад Ѓукановиќ сака да остане на власт“, се вели во статијата. НАТО пак е заинтересиран да се затвори јазот на брегот на Јадранското Море меѓу двете земји-членки на НАТО Албанија и Хрватска. 250 километри од таа територија ѝ припаѓаат на Црна Гора, објаснува авторот.

„Русија е многу лута поради ова. Министерството за надворешни работи во Москва го нарече пристапување на Црна Гора во НАТО „конфронтирачки чекор“ кој ќе доведе до натамошно зголемување на тензиите“, пишува австриската новинарка.

Поради слабоста на ЕУ, недефинираната позиција на САД, засиленото присуство во регионот на земјите од Персискиот залив, аспирациите на Турција и геополитичките игри на Русија на Балканот се води жестока борба што најсилно се чувствува во Македонија и во Босна и Херцеговина. Само Албанија и Косово имаат отворено прозападен курс. Покрај тоа, крајно нетранспарентната природа на последните случувања во Црна Гора потсетува на престрелката во македонскиот град Куманово, истакнува авторката на статијата што ја пренесува „ИноТВ“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња