Вова, Владимир, Владимир Владимирович: што значат руските имиња?

Илустрација: Нијаз Карим

Илустрација: Нијаз Карим

Многумина мислат дека човековото име влијае на неговата судбина. Кои имиња им ги даваат руските родители на своите деца и како со помош на имињата може да се изрази односот кон некого?

Странците сметаат дека Иван е најтипично руско име. Тоа со векови било популарно во сите слоеви на општеството, од обичните селани до царското семејство (треба само да се сетиме на Иван Грозни). Од друга страна, ова име заради својата распространетост има стекнато малку негативна репутација. На пример, главниот јунак во народните сказни, најмладиот и најнеспособен син во семејството, обично се нарекува „Иванче будалчето“(на руски: „Иванушка-дурачок“, деминутив од „Иван-дурак“), кој во македонскиот јазик е познат како Јовче будалчето. За волја на вистината тој само на почетокот на сказната изгледа како будалче, а на крајот излегува дека поминал најдобро.  

Полното име се користи во документите и во официјалното обраќање, а во семејството и меѓу пријателите се користи деминутив.

Во дваесеттиот век името Иван ја изгубило својата популарност и почнало да се асоцира пред сè со недостигот на образование, со кус ум и со мрзеливост. На пример, еден од деминутивите на името Иван е Вања или Вањка, а рускиот идиом „ваньку валять“ значи „да се прават глупости“, „да не се прави ништо“). Но, кон крајот на советскиот период во круговите на интелигенцијата станало модерно на децата да им се даваат народски имиња, така што меѓу денешните триесетгодишници има многу што се викаат Иван (на пример, моментално најпопуларниот руски водител се вика Иван Ургант, што претставува интересна комбинација на типично руско име и „космополитско“ презиме). Од друга страна определени „западни“ имиња (Роберт, Алберт, Едуард, Елвира, Кристина) се многу убави за руското уво, но денес се популарни само во провинција или меѓу новопечените богаташи, додека денешната интелигенција ги доживува како евтин кич. 

Статистичките податоци велат дека во 2012-2013 година момчињата во Русија најчесто ги добивале имињата Александар, Максим, Дмитриј, Артјом, Никита и Иван, а девојчињата Анастасија, Марија, Дарја, Софија, Елисавета и Ана. Интересно е што претходно меѓу најпопуларните женски имиња биле три со „возвишено“ значење: Вера, Љубов и Надежда, а сега повеќе не се на врвот на „топ-листата“. 

Имиња и нивните деминутиви

Поголемиот број имиња имаат деминутив. Ретки исклучоци во овој поглед се, на пример, Максим, Никита, Вера, Нина. Деминутив најчесто се добива со додавање на наставката „-ша“ на основата на името. Михаил е Миша, Павел е Паша, Марија е Маша, Дарја е Даша итн. Се користат и други зборообразувачки модели. Петар е, на пример, Петjа, Љубов е Љуба, Надежда е Надја. Понекогаш кај деминутивите наместо крајот се отфрла почетокот на името (па така Иван станува Вања), а понекогаш останува само „средината“ (Александар е Саша). Од едно име понекогаш можат да се направат и два деминутиви (Дмитриј може да биде Дима, а може и Митја). Популарните имиња и нивните деминутиви можат и понатаму да се трансформираат. Така, да кажеме, од Александар се добива Саша, од него Сашура, а оттука Шура, со што последново име со првото на прв поглед нема ништо заедничко, но сепак сите Руси знаат дека Шура е скратено од Александар. 

Полното име се користи во документите и во официјалното обраќање, а во семејството и меѓу пријателите се користи деминутив. Голем степен на блискост со некој човек се означува со емоционално обоени деминутиви: во тој случај Вања е Вањечка, Саша е Сашењка, Маша е Машењка итн. Овој облик изразува нежни и позитивни чувства кон оној што го ословуваме. Така луѓето го викаат саканите, а родителите своите деца. Но, ако се исфрли „-ењ“ и остане само „-к“, тогаш тоа е фамилијарно, па дури и малку грубо обраќање: Сашка, Машка, Вањка.

Статистичките податоци велат дека во 2012-2013 година момчињата во Русија најчесто ги добивале имињата Александар, Максим, Дмитриј, Артјом, Никита и Иван, а девојчињата Анастасија, Марија, Дарја, Софија, Елисавета и Ана.

„Советски" имиња

Во првите години од советската власт комунистите интензивно пропагирале нови имиња во кои се одразувала новата епоха. Обично тоа биле скратени комбинации од имињата на водачите на револуцијата (Вилен од „Владимир Илич Ленин“, Мелор од „Маркс, Енгелс, Ленин, Октомвриска револуција“, женското име Нинел е Ленин читано одзади). Најголем „бисер“ било името Даздраперма од изразот „Да живее Први мај“ (на руски: „Да здравствует Первое мая“). Имало и екстравагантни имиња поврзани со научниот прогрес, на пример имињата Индустриј или Електрон, додека, пак, сосема „индустриското име“ Домна (за кое се смета дека доаѓа од „доменная печь“ – „висока печка“ – заб. прев.) е всушност старо римско име. 

Интересно е како странците доживуваат определени имиња. Некои од нив во различни средини стануваат номинални именки. На пример, секој Русин на Запад е Иван, а секој Германец во Русија е Фриц, додека во Турција секоја млада Русинка ја викаат Наташа. Тања е деминутив од руското име Татјана, но тоа звучи мошне необично во Полска, зашто на полски „tanya“ значи „евтина“. Од друга страна, името на актуелниот американски претседател на руски значи „барака“. 

Патем, кога станува збор за претседателите, староруското име Владимир потекнува од два збора и буквално значи „оној што владее со светот“. Деминутивот Вова е карактеристичен за фамилијарниот стил, додека Вовочка е инаку популарен лик од вицовите, за момче-хулиган. Од друга страна, Владимир Владимирович, исто така асоцира и на познатиот поет Мајаковски.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња