Русија стекна право да не спроведува одлуки на меѓународни судови

Државната дума на РФ го одобри нацрт-законот кој овозможува на барање на претседателот или владата да се признаваат некои одлуки на меѓународните судови за неспроведливи. Соговорник на „Руска реч на македонски“ е убеден дека на тој начин државата го штити својот суверенитет и се осигурува од проблематични работи.

Државната дума го одобри нацрт-законот кој овозможува во некои случаи да не се спроведуваат одлуките на меѓународните судови, на прво место, на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Според нацрт-законот, на барање на претседателот или на владата, Уставниот суд (УС) на Руската Федерација има право да ги признае таквите одлуки за неспроведливи.

Притоа во Државната дума сметаат дека случаите со такви барања „ќе имаат единечен карактер“, а самиот нацрт-закон не нанесува никаква штета на „инвестициската активност или заштитата на приватната сопственост“ во Русија. Пратениците исто така истакнуваат дека тоа не се коси со меѓународната пракса и слични преседани веќе постојат во европските земји (на пример, во Германија и Велика Британија).

Прашањето за првенството на меѓународното право во однос на националното пратениците го покренаа уште во текот на летото 2015 година. Тогаш тие побараа од Уставниот суд да даде свое објаснување, а судот изјави дека Русија има право да не спроведува некои од одлуките на ЕСЧП.

Појавата на овој предлог-закон, главно, е поврзана со сложената ситуација во земјата и во странство, објасни во интервју за „Руска реч на македонски“ адвокатот (кој застапува случаи пред Европскиот суд), доцент на Московскиот државен правен универзитет Александар Манов. „За жал, правната политика кај нас во моментов е премногу политизирана. Мислам дека пратениците се осигуруваат во случај на обиди за притисок однадвор врз нашата земја, за што постои основа“, смета тој.

ЕСЧП нема извршно тело, тој дејствува преку комитетот на министри на Советот на Европа со кој  Русија сега има мошне затегнати односи. Покрај тоа, постојат случаи кои се реален проблем за Русија.

„Да, човековите права се суверени, но и државата е суверена. Тоа е осигурување од такви барања кои би можеле да ја поткопаат благосостојбата на другиот дел од населението. Особено тоа се однесува на одлуката која ја обврзува Русија да им исплати на акционерите на нафтената компанија „ЈУКОС“  1,87 милијарди евра“, вели Манов.

Адвокатот е убеден дека ова нема да се однесува на типични ситуации и на обичните луѓе. Меѓутоа, таквата позиција на Државната дума не ветува многу: еден ден односите ќе се нормализираат и Русија ќе ја потсетат на неспроведувањето на европското право.  

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња