Толстој, Достоевски и другите: колку заработувале руските писатели?

Александар Сергеевич Пушкин.

Александар Сергеевич Пушкин.

РИА Новости
Што можеше да си купат со своите хонорари за познатите дела прочуените руски писатели.

Порталот Arzamas неодамна пресмета, што можеле да си купат руските писатели со хонорарите за своите познатите дела. Излегува дека едни од првите професионални писатели во Русија добивале добри пари.

Модерна облека и живеалиште со поглед кон Кремљ

Пример за тоа е првото целосно издание на романот во стихови „Евгениј Онегин“ (1833). Познатиот поет Александар Пушкин добил хонорар од 12.000 рубли (пресметано во сегашни пари тоа се 10.5 милиони рубли, односно 166.000 американски долари). Со нив тој можел да купи 100 модерни кошули, 200 пара модерни ракавици, 200 фунти цветен чај, да изнајми една година еднокатна дрвена куќа во центарот на Москва, а исто така да плати обука на две деца во пансион.

Впрочем, Пушкин имал четири деца, па парите немале да стигнат за сите. Поетот целиот живот бил во долгови, кои ги оставил во наследство на жена си откако загинува на дуел токму поради неа. Патем, сите долгови ги покрил царот Николај I. Александар Пушкин навистина се облекувал по мода.

Крзно и бадемово брашно

За својот славни роман „Обломов“ (1859) Иван Гончаров добил 10.000 рубли (при грубо повторно пресметување тоа се околу 10 милиони рубли, или 158.000 американски долари), а тоа значи дека можел да купи 10 дивани од црвено дрво, 10 пара градски санки, 2 брички со ресори, 19 бироа со црна кожа, крзно од енот, 1.200 порцелански чаши, 200 фунти анасонов сапун, 17 лименки бадемово брашно за чисти и меки раце, 100 големи лубеници, 10 големи есетри, а исто така да најми за една година стан со 12 соби во Петербург.

Гончаров, за разлика од својот лик Обломов, не сакал да се излежува на каучот, тој бил активен човек, патник и чиновник, дури направил патување околу светот во рамките на дипломатска мисија. Не чувствувал потреба од пари и најверојатно би ги потрошил за нешто друго. Пример за тоа е експедицијата со фрегатата „Палада“.

Уште анасонов сапун!

За романот „Идиот“ (1868) Фјодор Достоевски добил само 7.000 рубли (во денешни пари тоа се 7 милиони, или повеќе од 100.000 долари). Да потсетиме дека неговата хероина Настасија Филиповна фрла во оган 100.000 рубли.

Со таков скромен хонорар можел да се купи дабова шума во Рјазањ, кочија со 4 седишта, 10 комоди, 10 огледала во рамки од црвено дрво, 400 фунти анасонов сапун (за што им е толку сапун, Arzamas?), 2 дабови бочви, 30 шишиња американски рум, 400 фунти англиско сирење, кожна торба од мароканска коза, шише црно мастило.

Замислете, Достоевски требал да го поседува сето тоа, доколку ја немало неговата страст кон коцката. Писателот не би се восхитил ниту со увоз сирење - тој често патувал во странство.

Дињи и фотелји „Волтер“

Излегува дека најбогат, но и прилежен, бил Лев Толстој. За „Ана Каренина“ (1875-77) тој добил 20.000 рубли (во денешен еквивалент околу 20 милиони рубли, или 300.000 американски долари). За овие пари Arzamas нуди долг список со најразлични купувања - од куќа во Москва, карета и скапи пури до чизми, кожни чанти, порцелан и дињи.

Но, Толстој бил аскет и не сакал да се протега на широко. Чизми си правел сам, во куќата Јасна Полјана во Тулската Област не може да се сместат 30 фотелји „Волтер“, а куќа во Москва тој и онака си имал.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња