МЛИТАВКА – АНТОН ПАВЛОВИЧ ЧЕХОВ
Пред неколку дена ја повикав во мојот кабинет гувернантата на моите деца Јулија Васиљевна. Требаше да ја исплатам.
- Седнете, Јулија Васиљевна! – ѝ реков. – Ајде да пресметаме колку ви должам. Вам ви се потребни пари, а вие сте толку церемонијална што сама нема да си побарате… Па… Се договоривме за триесет рубли месечно…
- За четириесет…
- Не, за триесет… Така сум запишал… Јас на сите гувернанти им плаќам по триесет… Кај нас бевте два месеци…
- Два месеци и пет дена…
- Точно два месеци… Така сум запишал. Значи, ви следуваат шеесет рубли… Ако одземеме девет недели… нели, во неделите не работевте со Коља, ами само се шетавте… Па три празника…
Јулија Васиљевна се вцрви и почна да го дрпа карнерот, но… ни збор!
- Три празника… Настрана, значи, дванаесет рубли… Коља беше болен четири дена и немаше часови… Ја учевте само Варја… Три дена ве болеа забите, така што жена ми ви дозволи да немате часови попладне… Дванаесет и седум – деветнаесет. Одземаме… останува… хм… четириесет и една рубља. Така?
Левото око на Јулија Васиљевна поцрвене и ѝ се навлажни. Брадата почна да ѝ се тресе. Таа нервозно се накашла, шмркна, но – ни збор!
- За Нова година скршивте шолја со тацна. Минус две рубли… Шолјата е поскапа, таа ни е семејна, но… Бог нека е со вас! Што ли не сме изгубиле! Потоа, поради ваше невнимание Коља се качи на дрво и си го скина палтото… Минус десет… Чистачката, исто така поради ваше невнимание, ѝ ги украде на Варја чевлите. Треба на сè да внимавате. За тоа примате плата. Па, значи минус пет… На десетти јануари зедовте од мене десет рубли…
- Не сум зела, – шепна Јулија Васиљевна.
- Така сум запишал.
- Ајде, во ред.
- Четириесет и еден минус дваесет и седум – остануваат четиринаесет…
И двете очи ѝ се наполнија со солзи… На долгиот, убав нос се појави пот. Кутрата девојка!
- Само еднаш позајмив, – рече таа со растреперен глас. – Од жена ви зедов три рубли… Повеќе не сум зела…
- Навистина? Ете, а јас не сум запишал! Четиринаесет минус три, остануваат единаесет… Еве ви ги парите, госпоѓице! Три… три, три… една и една… Повелете!
Јас ѝ подадов единаесет рубли… Таа ги зеде со растреперените прсти и ги пикна в џеб.
- Merci, – прошепоте таа.
Јас скокнав и почнав да шетам по собата. Ме фати бес.
- За што merci? – прашав.
- За парите…
- Ама, јас ве искрадов, по ѓаволите, ве ограбив! Украдов од вас! За што merci?
- На други места воопшто и не ми плаќаа…
- Не ви плаќаа? Тешко вам! Јас се пошегував со вас, ви одржав добра лекција… Ќе ви ги дадам сите осумдесет рубли! Ене се, во пликот, подготвени се за вас! Зошто сте толку апатична? Зошто не се буните? Зошто молчите? Зошто не покажете заби? Зарем е можно да сте таква млитавка?
Таа се насмевна кисело, а јас на нејзиното лице прочитав: “Можно е!”
Ја замолив да ми прости за жестоката лекција што и ја одржав и ѝ дадов осумдесет рубли, иако таа се чудеше. Таа срамежливо ми се заблагодари и излезе… Ја погледнав и си помислив: лесно е да се биде силен!
1883
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче