Демонот седи. Михаил Врубељ
Поемата „Демон“, над која Михаил Лермонтов работел од младоста до последните години, не била издадена додека бил жив поетот поради изобилство на „ѓаволштина“. Оваа година „Демон“ е издадена во Москва во превод на 13 европски јазици.
Поемата е базирана на библискиот мит за паднатиот ангел кој се кренал против Бога. На овој лик се навраќале многумина европски поети: Џон Милтон, Џорџ Бајрон, Јохан Волфганг Гете и други. Но, Лермонтов ја решил темата на свој начин, со тоа што ја опишал љубовта на Демонот спрема земската убавица Тамара, љубов која ќе стане фатална за неа: допирот со Демонот носи смрт.
Од Шпанија до Грузија
Посебен е односот спрема Лермонтов во Македонија, каде многу го сакаат и ценат, и за нашата книга беше испратен најдобриот од постојните преводи на „Демон“ на македонски јазик.
Јуриј Фридштејн
одговорен уредник на изданието
Почнал да ја пишува поемата уште на 14 години. Во првата верзија се раскажувало за демон и ангел вљубени во една монахиња; потоа поетот ја променил замислата – сега демонот се вљубува во монахињата и ја убива од љубомора спрема ангелот-чувар. Според непишаните правила, сижето на „Демон“, како романтична поема, требало да се одвива во далечни земји и отпрвин Лермонтов го сместил дејството во Шпанија – во младоста имал голем интерес за шпански мотиви, затоа што си замислувал дека потекнува од стариот шпански војвода Лерм. За своето вистинско потекло од шкотскиот род Лермонт поетот дознал дури после многу години.
Работата над раните редакции на „Демон“ била завршена до 1834 година, меѓутоа Лермонтов сметал дека делото не е спремно за објавување. Пресвртот во работата над поемата настанал по првото прогонство на Кавказ (1837-1838) поради песната „Смртта на поетот“ напишана по загинувањето на Александар Пушкин и во која се осудуваат највисоките кругови на општеството.
„Демонот“ за првпат е преведен на македонски јазик во 1960 година. На ваков предизвик се нафатил Георги Сталев, кој и го напишал предговорот. Поемата е застапена и во тритомното издание на Лермонтов на македонски јазик. Сталев неколку пати го доработувал препевот на „Демонот“, со што го довел до границата на совршенството.
Оние неколку месеци служење во полк на Кавказ силно влијаеле врз Лермонтов. По враќањето во Петербург тој повторно се зафатил со препишување на „Демон“, со тоа што ги заменил очигледно слабите „шпански мотиви“ со слики од Кавказ, додавајќи силни описи на дивата природа и претстави за грузискиот феудален бит. Во првата „кавкаска“ редакција завршена во 1838 година, поемата се ширела во мноштво ракописни копии и првпат станала позната во високите кругови на општеството на двете руски престолнини. Меѓутоа, за да може поемата да ја помине цензурата, авторот го сменил крајот – во новата редакција Тамара не загинала, туку била спасена од ангелот. Во таа редакција поемата ја читала дури и царицата, меѓутоа, и покрај тоа што во март 1839 година поемата добила дозвола за публикација од страна на цензурата, таа не ја видела светлината на денот. „Ѓаволската“ тематика ја одиграла улогата: во времето кога православието било државна идеологија, таков текст предизвикувал премногу прашања. Важна била и личноста на авторот – дуелистот и слободоумник Лермонтов бил на лош глас кај властите.
Во рима и со фотокопии
Првпат „Демон“ била отпечатена во 1856 година во странство – во Карлсруе, во тираж од 28 примероци кој бил наменет првенствено за членовите на влијателното руско семејство Столипин – роднини на Лермонтов по мајчина линија. Веројатно, благодарение на нивното залагање, во 1860 година поемата најпосле излегла во Русија. Класичната верзија на „Демон“ – таканаречената 6 редакција е создадена уште на крајот на 1838 година и го сочувала оригиналниот, а не „цензурираниот“ крај напишан за царицата.
Врубељ: раздолжување за демонизмот Ликовниот уметник Михаил Александрович Врубељ (1856-1910), автор на ремек-делата „Демон“ и „Принцезата-Лебед“ е една од најтрагичните фигури во руското сликарство. |
Денес „Демон“ се смета за класика. За двестегодишнината на поетот, московската издавачка куќа „Рудомино“ при Серуската државна библиотека за странска литература подготви уникатно издание – освен оригиналниот текст, тоа содржи и римувани преводи на поемата на 13 јазици: англиски, бугарски, унгарски, грчки, шпански, италијански, летонски, македонски, германски, полски, словенечки, француски и шведски. Изданието е илустрирано со делата на Михаил Врубељ од циклусот слики „Демон“ и со фотокопии од ракописот на поемата.
„Денес творештвото на Лермонтов е прилично познато во Европа, изјави одговорниот уредник на изданието Јуриј Фридштејн. – Во Британија го знаат како руски поет со шкотско потекло. А првото издание на „Демон“ излегло во Германија.“
Го знаат Лермонтов и во Франција – огромен број негови песни се преведени на француски. Во 2012 година, уште во предвечерјето на 200-годишниот јубилеј на поетот, во издавачката куќа „Рудомино“ излезе тритомната збирка дела на Лермонтов во превод на три европски јазици: француски, англиски и германски. Посебен дел од книгите е посветен на преводите на Лермонтов на француски што ги направила големата поетеса Марина Цветаева.
„Посебен е односот спрема Лермонтов во Македонија, каде многу го сакаат и ценат, и за нашата книга беше испратен најдобриот од постојните преводи на „Демон“ на македонски јазик, - изјави Јуриј Фридштејн.
Ова издание не е единственото со кое „Рудомино“ го одбележува јубилејот на поетот. Исто така, во 2014 година излезе новото издание на драмата на Лермонтов „Маскарада“ во дизајн на современиот руски сликар-реалист Михаил Фјодоров. „Во најскоро време го очекуваме двојазичното издание на Лермонтов на руски и на италијански јазик кое ќе излезе под редакција и со предговор на Стефано Гарѕонио“, изјави Фридштејн.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче