- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Замрзнатите наноси на брановите на Бајкалското езеро на островот Ољхон во зима достигнуваат висина од неколку метри и добиваат необични форми. Што ќе препознаете во нив зависи од вашата фантазија. Го посетивме неверојатниот Olkhon Ice Fest, каде мајсторите на ледената скулптура создаваат дела во соработка со природата.
Да не ја разбудите рибата!
Најдобро време за обиколка на фигурите е зајдисонцето, велат овие уметници. Руменилото на небото на специфичен начин ги осветлува скулптурите, правејќи ги уште помистериозни.
Во бајката „Малиот грбав коњ“ се појавува риба-кит со цело село на грбот? Се чини дека тоа денес живее на една карпа на Ољхон, додека на нејзиниот грб е сместено селото Хужир, каде што се наоѓаме и ние.
„На Ољхон се прераскажува старата легенда за прарибата која спие во длабочините на Бајкалското езеро“, објаснува уметникот Иван Локтјухин од Кировск (Мурманска област). „Ако луѓето направат нешто погрешно, таа може да се разбуди, да исплива и тогаш ќе го видиме господ. Таква малку апокалиптична риба е добра додека спие. Треба да се живее како што треба. Да не ја разбудите рибата!“
И еве уште едно фантазмагорично суштество. Го направија уметниците од Хабаровск Данил Цој и Иљја Тјокин. Тоа е длабоководна риба наречена морски ѓавол, која свети одвнатре, а другите риби се собираат на нејзината светлина. Таа едноставно ја отвора устата и ги пушта да влезат. Нема потреба да ѝ подавате прст на оваа риба!
Чудесии на карпи од мраз
„Оваа година темата гласи: Универзумот на Бајкалот“, вели организаторот на фестивалот Семјон Мајор. „Зошто универзум? Затоа што за локалните жители Бајкалот не е само езеро, туку цел универзум кој влијае на сите животни процеси“.
Кога човек ќе се најде во ледениот парк на замрзнато езеро, навистина се чувствува како да се нашол во друг свет. Бајките, легендите и мистицизмот се провлекуваат низ секој сантиметар на бајкалскиот мраз.
„Природата сама ни дава патокази: тука беа маската на шаманот и неговата рака со стап, а до него ледените наноси создадоа шума“, вели скулпторот Александар Парфенов од Барнаул (Алтајски крај). „Се сеќавате? „На половина од нашите животи се најдов среде некоја шума темна“. Ова е патот на животот, по него се движат човечиња. Младиот чекори бодро, а овој веќе навлегува во сенката на дрвјата, во друга реалност, во мистериозна шума. А еве уште еден човек се моли за оној, обраќајќи му се на шаманот“.
Александар вели дека според легендите, шаманот поседува два стапа со коњски глави. И тие му помагаат да се врати од царството на сенките. Додека луѓето имаат ограничени способности во тој поглед.
Шаманот има и други помошници - змиите. Се сокриле на друга карпа. „Кога едно семејство се моли за својот роднина, шаманот, согласувајќи се да им помогне, оди во темниот свет за да ја извлече неговата душа“, вели Александар. „А бегајќи од таму, ги фрла своите змии врз духовите на темнината. Поради некоја причина темните суштества се плашат од овие змии. Тие се сметаат за чувари на преминот меѓу световите“.
„Издувување“ на универзумот
Уралските скулптори Алексеј Васјукин (попознат како Алексеј Јагел) од Краснокамск во Пермскиот крај и Матвеј Ваваев од Екатеринбург ја видоа на голема широка карпа сцената на создавање на нов универзум. Небаре некои повисоки сили ги „издувуваат световите“ овде низ сламка.
„Тука здогледавме ѕвездени јата, галаксии“, вели Алексеј. „Еве рака, еве лице. Добивме божество што создава универзум. А ако се оддалечите малку, сето тоа се претвора во голема риба“. И навистина е така!
„Има еден збор - пареидолија. Тоа е кога, на пример, луѓето гледаат во облаците желка или различни лица. А ние се занимаваме со тоа во мразот“, вели уметникот.
За да ги видите останатите нивни дела, ќе мора да се загледате во пештерата во карпата. Внатре во оваа мала вдлабнатина, тие „однегуваа“ проѕирни капки-сталагмити. Алексеј ги нарече „замрзнат момент“. „Размислувавме што да направиме а да не ја оштетиме природната убавина на пештерата. Таа е сама по себе прекрасна. Решивме да естетски да ја осветлиме и да додадеме музика“.
Покрај тоа, во ледениот парк има и скулптури направени од коцки мраз проѕирен како Бајкалското езеро. Змеј - симбол на тековната година според лунарниот календар, две шармантни бајкалски фоки, столбови наречени „серги“ посветени на божествата на бурјатскиот народ кои претставуваат копии на такви дрвени столбови на ‘ртот Бурхан зад нив.
Се смета дека Бајкалскиот мраз има специфични особини: тој е особено кршлив благодарение на составот на водата. „Како да е жив, има бројни пукнатини, непредвидлив е. Тоа не е лесен материјал за обработка, со него мора да се договорите“, смета Алексеј.
И Иван Локтјухин тврди дека мразот на Бајкалското езеро е посебен: „На овој брег има многу ветер и песок, а на ледените наноси може да се видат темни подливи. Затоа мразот е волшебен! Додека чекорите по него, испушта звуци како да е жив. Иако е дебел преку еден метар“.
Ремек-дела кои ќе исчезнат за еден месец
Фестивалот на мразот се одржува на Ољхон од 2020 година и секој пат привлекува десетици илјади туристи. Според основачот на Olkhon Ice Fest, првично фестивалот имал натпреварувачки формат, но од минатата година тие се откажале од овој концепт. Денеска фестивалот има форма на симпозиум, а скулпторите работат заедно. Годинава ледениот парк го креираат десет уметници на скулптури од мраз од Русија, тројца од Монголија, како и уште петнаесетина луѓе кои им помагаат околу светлосните и техничките решенија.
„Тука се случува чиста креативност. Уметниците доаѓаат без скици. Не знаеме што ќе направат!“ - вели Семјон. „Кога ќе дојдат, поминуваат неколку дена во набљудување, го обиколуваат просторот, го посетуваат музејот, се запознаваат со локалните обичаи, можат да посетат и шаман и да се запознаат со локалните жители. Дури потоа го смислуваат проектот“.
Паркот на ледени скулптури ќе биде отворен до 15 март. Само еден месец. Потоа на Бајкалското езеро ќе пристигне пролетта, мразот ќе се стопи и овие бајковити фигури ќе останат зачувани само на фотографии.
„Доаѓам овде веќе неколку години и секој пат гледам нешто различно“, вели Александар. „Тоа е како да креираме нов универзум. И иако сите овие скулптури ќе се стопат на пролет, тие вечно ќе постојат, бидејќи водата вечно памети. Природата е материјализиран бог. Ниту еден мајстор за ниедни пари нема да може да ги повтори нашите дела“.