1. Изграден на местото на стар трговски
Трговијата покрај Кремљ цутела многу пред изградбата на ГУМ. Порано на ова место својата стока ја нуделе уличните продавачи, а потоа се појавиле покриени тезги. За подигнувањето на зградата на трговскиот придонел пожар. За време на Иван Трети изградена е зграда од дрво, а за време на Борис Годунов од камен. Постепено целиот простор меѓу улиците Илинка и Никољскаја го заземал ѕидан трговски, кој го добил името Горен. Додека Средниот и Долниот се наоѓале помеѓу Илинка и Варварка и помеѓу Варварка и Митниот двор (поранешната царинска управа).
Трговскиот кварт неколку пати го менувал изгледот. За време на Екатерина Велика е уреден според проектот на Џакомо Карнеги, авторот на петербуршкиот Ермитажен театар и московскиот Гостини двор (градби за трговија, сместување трговци и стока). По војната од 1812 година реконструкцијата ја презел уште еден познат архитект – Осип Бове, авторот на Московската градина (која денес се нарекува Александровска градина) покрај ѕидините на Кремљ и Манеж. Во 19 век покривот на ова здание се наоѓале шест стотини трговски продавници, од кои речиси секоја имала друг сопственик. Кога зградата пропаднала, сопствениците не презеле ништо за да ја реновираат. Продажбата на ова место станала не само скапа, туку и опасна: купувачите ризикувале на глава да им падне малтер, а една дама минала навистина лошо кога за време на пробата кај кројачот пропаднала низ подот.
На крајот градските власти одлучиле старата зграда да ја затворат и да изѕидаат нова.
2. Најголем трговски центар во XIX век
Новата зграда на Горниот трговски е подигната во руски стил, првите посетители ги примила во декември 1893 година. Архитектот Александар Померанцев го проектирал најголемиот трговски центар во Европа. Под ист покрив поврзал 16 згради коишто ги уредил во три пасажа на три нивоа. Во нив се наоѓале над илјади продавници и салони, при што пасажите биле поврзани со премини и со лакови. Од Црвениот плоштад изгледало како тука да никнал огромен дворец од скаските со кули, порти и свечен влез.
3. Проектиран е во согласност со последниот крик на техниката
Горниот трговски центар бил сосема автономен. Имал сопствена железничка пруга по која се довезувала стоката, електрана, артески бунар, посебна банка и телеграф и бројни ресторани. Во подрумот се наоѓале претставништва на компанијата. Тоа бил и јавен музеј во кој се изложувале слики на европските мајстори од колекцијата на сопственикот на парфимерии Генрих Брокар, каде што се одржувале изложби и музички вечери.
4. Уникатен стаклен покрив
Во новиот трговски центар, за разлика од претходниот во кој не се палеле свеќи поради опасност од пожар, не само што имало струја, туку тој поседувал и суперсовремен стаклен покрив. За неговата изградба биле потребни 60 илјади стакла коишто биле прицврстени на челичните конструкции, покривајќи ја така големата површина.
Така дење трговијата се одвивала под природна светлина, а навечер посетителите уживале во погледот на ноќното небо над Москва.
Се смета дека овој систем на лачен таван го осмислил директорот на Петербуршкиот металуршки завод инженерот Ото Крељ.
5. Вовел трговија по фиксни цени
Посетителите не ги импресионирала само архитектурата на трговскиот центар, туку и начинот на формирање цени. На ова место во Русија, имено, за првпат е воведена трговија по фиксни цени. Исто така незадоволните купувачи можеле да остават коментари во специјалната книга за жалби и предлози.
6. Називот ГУМ го смислил Ленин
Владимир Ленин во 1921 година го објавил почетокот на Новата економска политика (НЕП) и потпишал уредба за Државна универзална продавница (ГУМ). Логотипот со скратеницата ГУМ го направил уметникот Александар Родченко, а рекламниот слоган го смислил поетот Владимир Мајаковски. „Фатете се за овој појас за спасување! Квалитетно, евтино, од прва рука!“ – повикувал тој. Сталин во 1930 година го затворил трговскиот центар и тука ги сместил министерствата, како и кабинетот на Лаврентиј Берија. Трговијата замрела, работело само одделението на Торгсин (организација за трговија со странци), каде што стоката се продавала за девизи.
Во 1932 година во првиот пасаж (каде што се наоѓал Сесојузниот Централен извршен комитет) одржана е прошталната церемонија со починатата Надежда Алилуева, сопругата на Јосиф Сталин.
Во текот на неколку децении на највисокиот кат на ова здание се наоѓале заеднички станови. Во нив живееле над 20 семејства. Притоа становите немале ниту кујни, ниту тоалети. Луѓето готвеле на плински боци, а се миеле во јавните тоалети.
ГУМ продолжил да работи како трговски центар во декември 1954 година. Во продажба се појавиле над 30 илјади производи од детски играчки до бунди и теписи.
7. На ова место е одржана првата фотосесија на модната куќа Dior во СССР
Во Москва во 1959 година одржана е првата ревија на колекцијата на модната куќа Диор. Заедно со манекенките во престолнината стасал и Ив Сен Лоран. Тогаш списанието „Лајф“ направило фотосесија во ГУМ. Елегантно облечените девојки прошетале по пасажите, позирале пред главниот влез, опкружени со фасцинираните советски посетители.
8. Неколку пати властите сакаа да го урнат
Повеќе пати ГУМ се најде на чекор до уривање. Кон средината на триесеттите години на негово место сакаа да подигнат зграда на Народниот комесаријат за тешка индустрија. Архитектот Алексеј Шчусев, автор на Мавзолејот, запишал дека „Црвениот плоштад е премногу тесен и дека треба да биде проширен за сметка на ГУМ за да можат да се одржуваат јавни манифестации и паради“. Во 1947 година предложено е наместо ГУМ да се подигне споменик во чест на победата во Втората светска војна. На почетокот на седумдесеттите години од минатиот век уште еднаш се појави идеја за уривање на трговскиот центар. Според една верзија за тоа дознала сопругата на Леонид Брежњев Викторија и се пожалила на својот сопруг. Тој веднаш интервенирал против оваа идеја.
9. Фонтаната работи цела година
Некои обичаи поврзани со ГУМ останале непроменети со децении. На пример, покрај фонтаната во зградата луѓето често договараат средби, а тоа е, инаку, единствената фонтана во Москва којашто работи цела година. Често таа е централен објект во рамките на разни фестивали и прослави. На пример, кон крајот на летото фонтаната се полни со зрели лубеници, а во 2003 година по повод 110-годишнината на ГУМ беше сервирана огромна торта којашто можеа да ја пробаат сите посетители. Уште еден задолжителен дел од прошетката по ГУМ е сладолед во чашки од корнет, којшто се продава на ова место од советско време.
10. Повеќе од трговски центар
ГУМ не е само еден од најголемите трговски центри, туку и центар за забава. Тука има кино и галерија на современата уметност ГУМ-Red-Line, додека назима на Црвениот плоштад се отвораат лизгалиштето и панаѓурот во организација на ГУМ.