- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Савинско подворје
Ова здание со необична убавина во стилот на Арт Нуво е скриенo од очите на минувачите - во дворот на зграда на улицата „Тверскаја“. Изградена е на почетокот на XX век според проектот на Иван Кузнецов. Зградата е покриена со абрамцевски керамички плочи со прикази на жар-птици, чудесни цвеќиња и овошки, па наликува на огромен дворец од руска бајка. Порано тука имало подворје, односно претставништво на Савино-Сторжевскиот манастир. На почетокот на минатиот век беа урнати старите објекти, а на нивно место беше изградена зграда за издавање станови. Во тоа време тоа беше најголемата зграда во соседството, но кон крајот на триесеттите беше „скриена“. За време на реконструкцијата на улицата „Тверскаја“, главната улица во Москва, зградата беше преместена во длабочина од 50 метри, а на нејзиното поранешно место беше подигната друга зграда.
2. Павилјон „Космос“
Еден од најубавите павилјони на изложбениот комплекс ВДНХ е посветен на историјата и иднината на освојувањето на вселената. Изграден е кон крајот на триесеттите години според проектот на Виктор Андреев, Надежда Бикова и Иван Таранов. А по Втората светска војна, додадена му е сала со величествена стаклена купола. Тука можете да видите повеќе од сто модели на вселенска и воздухопловна техника, вклучително и макета на орбиталната станица „Мир“ во природна големина и ракета-носач Н-1, а во кино салата во 5Д техника посетителите можат да дознаат повеќе за тоа како човекот во различни епохите сонувала за освојување на вселената.
3. Ростокински аквадукт
Живописниот мост кој се протега на висина од 15 метри порано се викал: „Милионски“. И не без причина: Екатерина II потрошила над милион рубли за изградба на Митишчкинскиот водовод, чиј дел е и аквадуктот! Од овој систем на водоснабдување до наше време преживеал само аквадуктот околу кој е уреден живописен парк. Низ него минува дел од патеката на аџилакот до Троице-Сергиевската Лавра.
4. Јапонскиот парк во реонот Куркино
Традиционални јапонски куќи „минка“, пагоди, лавови, самурај на коњ - каде е ова место, во Токио? Грешите, ова е Куркино! Пред неколку години во овој реон на Москва беше отворен парк во јапонски стил, како и пазар, каде што можете да каснете нешто и да купите земјоделски производи. Дури и ако не планирате да пазарите, треба да ѕирнете внатре во павилјонот за да ги видите прекрасните бонсаи дрвја и веселите фигури на мачкини „манеки-неко“ кои ви мавтаат од тезгите со своите мали шепи.
5. Најстарата трамвајска станица во Москва
На крајот на XIX век од плоштадот Бутирска караула (Бутырская застава) до Петровската земјоделска академија сообраќал парен трамвај. Патниците го чекале превозот во шармантни павилјони проектирани од архитектот Франц Когновицки. Еден од павилјоните преживеал до денес. Се наоѓа на трамвајската станица во Красностудентскиот сокак, која е позната како најстарата трамвајска станица во градот. Беше реновирана пред неколку години. Додека го чекате трамвајот, можете да уживате во пријатното опкружување и да пиете кафе во минијатурната кафетерија.
6. Зградата на Народниот комесаријат за финансии
Зграда од соништата или зграда-експеримент. Уникатниот проект на конструктивизмот, конципиран од Мојсеј Гинзбург, Игнатиус Милинис и Сергеј Прохоров во доцните дваесетти години, беше замислен како зграда за новите советски луѓе на кои ништо не треба да им го одвлекува вниманието од изградбата на светлата иднина. Како дел од зградата наменета за вработените во Народниот комесаријат за финансии, освен станови на две нивоа, проектирани се и посебни објекти за трпезарии, градинка, перална и гаража. Во 2020 година зградата беше реконструирана: денес тоа е станбена зграда и во исто време споменик посветен на сонот за комуната на иднината. Тука се организираат тури за сите заинтересирани, а во внатрешноста на објектот е отворен и изложбен простор на Музејот на современа уметност „Гаража“.
7. Подморницата во паркот „Северно Тушино“
Еден од најнеобичните објекти на Химкинското вештачко езеро е дизел-подморницата Б-396. Во осумдесеттите и деведесеттите, таа беше во составот на Северната флота и патролираше долж границата во Баренцовото море. Откако подморницата беше расходувана, му беше предадена на Музејот на Воената морнарица и веќе дваесет години се наоѓа во паркот „Северно Тушино“. Можете да ѕирнете и во нејзината внатрешност.
8. Сиромјатнически хидројазол
Од каде во Москва медитеранска вила? А грчки храм? Иако, ако погледнете внимателно, наместо каријатиди и богови, ќе видите фигури на работници. Тоа не е халуцинација. Токму вака изгледа зградата на Сиромјатничесјкиот хидројазол, изградена по проектот на Георг Гољц. Во 1930-тите се појави идеја реката Јаузе да се направи пловна. Поради оваа причина беше планирана изградба на систем на преводници, како и поврзување на Јауза со рекичката Лихоборка и Химкинското вештачко езеро. Идејата беше напуштена, но пред тоа беше изградена една бродска преводница. Хидројазолот е опкружен со овоштарник со јаболка. Овој мал парк е скриен недалеку од Центарот за дизајн Artplay.
9. Гостини двор
Во близина на Кремљ се наоѓа импозантната зграда Гостини двор. На ова место од XVI век се одвивала трговија. Зградата била неколкупати реконструирана врз основа на проектите на познатите архитекти Џакомо Кваренги и Осип Бове, а на почетокот на XIX век Карл Гопиус делумно ја преработил во неокласичен стил. Тука треба да наминете поради необичната атмосфера што владее: огромен простор покриен со стаклена купола низ која влегува сончева светлина. Можеби да ви се стори дека не сте во Москва, туку некаде во париската Голема палата (Grand Palais). Или пак во огромна сала за бал каде што штотуку почнуваат да се собираат гостите.
10. Метро-станицата „Комсомолскаја“
Ова место се смета за една од „портите“ на Москва, со оглед на тоа што се наоѓа на плоштад со три железнички станици. Покрај тоа, во метро системот на главниот град таа е и најбогато „нагиздена“. Нејзиното раскошно уредување е посветено на победата во Втората светска војна. Украсена е со мозаици од Павел Корин со претстави на Александар Невски, Дмитриј Донски, Михаил Кутузов, Александар Суворов, Кузма Минин и Дмитриј Пожарски, како и на советски војници во близина на Рајхстагот. Мермерот, гранитот, големиот број бронзени лустери, столбови - сето тоа создава свечено, празнично расположение.