10 најпопуларни скијачки центри во Русија (ФОТО)

Патувања
АНА СОРОКИНА
Практично секој регион на Русија нуди можност за скијање, но најбогатата понуда на скијачки патеки ќе ја најдете на Кавказ и во Сибир.

Во Русија, изградбата на модерни ски-центри започна уште кон средината на ХХ век, а многу од нив функционираат и денес. Додека најновите скијачки центри беа изградени на бранот интерес за Зимската олимпијада 2014 година во Сочи.

Според податоците на швајцарската консултантска групација „Лоран Ванат“, Русија во моментов има 354 скијачки центри, во кои, за волја на вистината, спаѓаат и сосем мали со само една жичарница или патека пократка од еден километар. Додека рускиот државен регистар евидентира 445 скијачки патеки во 58 скијачки центри на кои може да се одржуваат официјални натпреварувања. За вас го избравме најдоброто.

1. Краснаја Пољана, Краснодарски крај

Најпопуларното место за скијање во Русија се наоѓа недалеку од Сочи, во планините што му претходат на главниот планински синџир на Кавказот. Сезоната трае од средината на декември до средината на април.

Тука е сместена најголемата скијачка зона во земјата со над 170 километри патеки со различна тежина. Поделена е на три дела (Роза ХуторКраснаја Пољана и Гаспром). Ски-пас може да се купи и заеднички, и за секој дел посебно.  

2. Шерегеш, Кемеровска област

Вториот најпосетуван ски-центар во Русија е Шерегеш во Сибир, отворен во 1981 година.

Во овие региони рано паѓа снег, така што скијачката сезона започнува уште на почетокот на октомври. Во средината на април овде се одржува фестивалот „Грелка фест“ со масовно скијање во костими за капење.

Вкупно овој зимски центар располага со 16 патеки со различно ниво и дваесетина жичарници. Има неколку барови и кафулиња за одмор и забава после скијање. Во наредните години се планира проширување на овој зимски комплекс, како и изградба на аеродром во негова близина.

3. Домбај, Карачаево-Черкесија

Во подножјето на Кавказ во живописната Домбајска долина се наоѓа најстариот руски скијачки центар. Уште во дваесеттите години на ХХ век на тоа место се изработени алпинистички туристички маршрути, а во шеесетите започна изградбата на планинскиот комплекс.

Еден од најпознатите планински пејзажи овде е погледот на хотелот во вид на „летечка чинија“. На советскиот центар му го подари претседателот на Финска Урхо Кеконен.

Како по правило, во Домбај доаѓаат скијачите и сноубордерите на средно ниво, бидејќи падините се широки и не се премногу стрмни. Исто така, постои можност за фрирајд, па дури и за хели-скијање.

4. Архиз, Карачаево-Черкесија

Во ноември 2023 година Архиз беше прогласен за најдобар скијачки центар во земјата и беше награден со националната награда „Планините на Русија“.

Станува збор за нов планински туристички центар, отворен во 2013 година според современи стандарди. Најмногу ќе им се допадне на оние кои се почетници. Ски-центарот има 5 „зелени“ и 4 „сини“ патеки. „Професионалците“ имаат 5 „црвени“ и 2 „црни“ патеки. Вкупната должина на патеките е 27 километри, но изградбата продолжува. Има и вечерни термини за љубителите на ноќното скијање. Сезоната во планините на Северен Кавказ трае од декември до април.

5. Елбрус, Кабардино-Балкарија

На искусните туристи сигурно ќе им се допаднат патеките во подножјето на Елбрус, највисоката планина во Европа. За почетници има неколку лесни патеки. Вкупната должина на патеките е 17 километри.

Елбрус е легендарен зимски центар, првите одморалишта беа изградени овде во 1930-тите, а првите жичарници се појавија во 1960-тите: на падината Чегет, на полјаната Азау. Во 2018 година беше изграден горниот ред на жичарници до висина од 3847 метри. Овој ски-центар ги има највисоките патеки во земјата.

Оваа година Елбрус беше прогласен за најдобар ски-центар на Северен Кавказ.

6. Бољшој Вудјавр, Мурманска област

Планинскиот центар Хибин се наоѓа во близина на градот Кировск. Најголемиот ски-центар е Бољшој Вудјавр (Bigwood), до кој од центарот на Кировск може да се стигне пеш за 15 минути. Има вкупно 23 патеки, наменети првенствено за скијачи со просечно ниво на вештина.

Сезоната трае од почетокот на ноември до првите денови на јуни. Се скија дури и за време на поларната ноќ во декември.

7. Горни Воздух, Сахалинска област

Најисточниот ски-центар во Русија е отворен уште во шеесеттите години на минатиот век во центарот на Јужно-Сахалинск. Таму беа изградени ски-скокалници за подготовка на советските скијачи за Олимпијадата во Сапоро во 1972 година, а потоа на ова место се одржуваа натпревари во биатлон.

Пред неколку години, целата инфраструктура беше реновирана и тука може да се скија на 22 падини со различна тежина, од „зелени“ до „црни“. На 9 патеки работат системи за вештачки снег.

8. Губаха, Пермски крај

На Урал, на 200 километри од Перм, се наоѓа популарниот ски-центар Губаха. Наградуван е како најдобар зимски центар за учење скијање, како најповолен зимски центар и како најдобар туристички центар во Русија. За скијање тука се предвидени 18 различни патеки со должина од 18 километри, вклучувајќи зони за фрирајдинг и слалом.

Губаха има и снежен парк во које можете да вежбате трикови на сноуборд или да гледате други како го прават тоа.

9. Абзаково, Башкортостан

Ова е уште еден познат уралски ски-центар каде што можете да скијате до пролет. Има вкупно 13 патеки, од кои најдолгата е долга 2780 метри.

Патем, покрај алпско скијање Абзаково нуди и патеки за нордиско скијање.

10. Сорочани, Московска област

Москва има дваесетина ски-центри. Најголемиот меѓу нив е Сорочани на северот на Подмосковје, отворен во 2002 година. Во ноември 2023 година беше прогласен за најдобар планински центар во Централниот федерален округ.

Условите овде се идеални за учење како се вози сноуборд и скијање на падина висока само 225 метри. За оние кои веќе скијаат, во понудата има 10 патеки долги 1050 метри и неколку жичарници. Има и патеки прилагодени за деца, како и бројни зони за одмор.