Каде се наоѓа: Зимски дворец, прв кат, сала 198
Градена е од 1787 до 1795 година според проектот на Џакомо Кваренги, а осветена е на денот на Свети Георгиј Победоносецот на 23 ноември 1795 година. Првобитната декорација на салата ја има уништено пожарот од 1837 година, а на почетокот на четириесеттите години од 19 век на нејзина обнова работел архитектот Василиј Стасов.
Ова е можеби и најсвечената сала на Ермитаж. Во неа се одржувале приеми и официјални церемонии. За декорација на ентериерот користен е карака мермер, како и позлатена бронза, а подот е покриен со паркет од 16 видови дрво. Големиот императорски престол е направен во Лондон по нарачка на царицата Ана Иоановна. Над него се наоѓа барелјефот „Георгиј Победоносецот го убива змејот со копје“, еден од најпознатите мотиви во руската хералдика.
Каде се наоѓа: Зимски дворец, први кат, сала 194
Салата што во 1833 година ја направил Огист Монферан изгорела во пожарот од 1837 година. На реставрацијата работел Василиј Стасов.
Салата е посветена на сеќавањето на Петар Први. Во ентериерот можат да се видат: монограм на првиот руски император (две латински букви „П“), двоглави орли и круни, како и сликата на Јакоп Амигониј „Петар Први со алегориски лик на Слава“ и платното на Пјетро Скоти и Барнаба-Џовани Медичи, на кои Петар Велики е прикажан на фронтовите на Северната војна. Престолот, паното извезено со сребро и сребрени предмети изработени во Санкт Петербург кон крајот на 18 век.
Каде се наоѓа: Зимски дворец, први кат, сала 195
Една од најголемите свечени простории на Зимскиот дворец со површина од 1.000 метри квадратни. Салата ја проектирал и ја уредил Василиј Стасов во 1839 година по нарачка на царот Николај Први. Декорацијата на ентериерот е проникната со идејата за величање на моќта на Руската Империја.
Влезовите во оваа златна сала ги красат дрвени руски воини со знамиња на чии дрвени палки се прицврстени штитови со грбовите на руските губернии. Грбовите на губерниите се зачувани и на лустерите. Во центарот на салата се наоѓа пехар од авентурин.
Каде се наоѓа: Зимски дворец, први кат, сала 197 (веднаш до Салата со грбови)
Големата сала посветена на победата на Русија во Татковинската војна настанала на иницијатива на Александар Први. Тој во 1818-1819 го посетил Ахен и присуствувал на Конгресот на Светата алијанса. Тука се запознал со англискиот сликар, портретистот Џорџ Доу, кој бил во свитата на принцот Едвард, војводата од Кент.
Царот нарачал од Доу серија портрети на руските генерали кои учествувале во воените походи од 1812, 1813 и 1814 година. Во текот на првата година сликарот завршил 80 портрети, а потоа ги ангажирал помошниците Александар Пољаков и Василиј Голикиј. Тие главно работеле на копиите на портрети што ги испраќале генералите зашто не можеле лично да позираат.
Галеријата што ја проектирал Карло Роси, отворена е во 1826, една година по смртта на Александар Први. Украсена е со 332 портрети. Декорацијата е уништена во пожарот од 1837 година, но сите слики биле на време спасени. На реставрацијата на салата работел Василиј Стасов.
Каде се наоѓа: Зимски дворец, први кат, сала 304
Свечениот дневен престој кој потсетува на златна кутијка за накит ја дизајнирал архитектот Александар Брјулов во 1838-1841 по повод венчавката на идниот цар Александар Втори, а по примерот на престолната сала на резиденцијата во Минхен. Проектот го одобрил Николај Први.
Плафонот на дневниот престој е украсен со позлатени гипсени орнаменти. Завесите, венците и материјалот со кој е тапациран мебелот биле во боја на малина, која во текот на реставрацијата од шеесеттите години од минатиот век е заменета со сина боја.
Каде се наоѓа: Зимски дворец, први кат, сала 189
Најпрво оваа просторија се викала Салон за гости од јаспис. Го дизајнирал во 1830 година архитектот Огист Монферан за Александра Фјодоровна, сопруга на Николај Први. Оригиналниот ентериер е уништен во пожарот од 1837 година. Спасена е само големата ваза од малахит и мебелот направен по цртежите на Моферан. Александар Брјулов во 1838-1839 ги обновил овие одаи, користејќи малахит во декорацијата.
Од јуни до октомври 1917 година во Салонот за гости од малахит се одржувале седниците на Привремената влада.
Каде се наоѓа: Мал Ермитаж, први кат, сала 204
Една од салите во кои не знаете што попрво да погледнете: дали плафонот, лустерите, аркадите, фонтаните или часовникот „Паун“.
Архитектот Андреј Штакеншнејдер во 1855-1858 година ја уредил салата во стилот на еклетицизмот, комбинирајќи во внатрешноста мотиви од антиката, од ренесансата и oд Истокот. Изобилството столбови и лустери, светлиот мермер и позлатата, кристалот и паноата од мозаик на подот, како оние во стар Рим, создаваат чувство на прозрачен, ажурен и свечен ентериер. Салата ја краси еден од најпознатите експонати на Ермитаж – часовникот со паун, кој во 1770-тите години го направил англискиот мајстор Џејмс Кокс, а во 1781 го купила Екатерина Велика. Ова е единствениот голем автоматски часовник на светот од 18 век кој до денес го задржал првобитниот изглед и е во работна состојба.
Каде се наоѓа: Големиот (Стар) Ермитаж, први кат, сала 214
Тука се изложени само две слики на Леонардо да Винчи (1452-1519), но какви! Тоа се ремек-дела на светската уметност – „Мадона Бенуа“ и „Мадона Лита“. Скапоцените слики се пренесени во салата на Ермитаж кон средината на 20 век.
Во текот на педесеттите години на 19 век ентериерот го осмислил Андреј Штакеншнејдер во стилот на Луј XIV. Порано салата се викала Мала фелдмаршалска, во чест на руските команданти Пјотр Румјанцев, Григориј Потемкин, Василиј Долгоруков, Александар Суворов, Михаил Кутузов и Иван Паскевич, чии релјефни слики го красат просторот над влезната врата.
А, кон средината на деведесеттите години од 19 век тука се чувале подароци коишто од Исток ги донел идниот цар Николај II.
Каде се наоѓа: Нов Ермитаж, први кат, сала 227
Како прототип за оваа сала послужила галеријата на Апостолскиот дворец во Ватикан, насликани според скиците на уметникот од ренесансата Рафаел Санти.
Логата е од 1783 до 1792 ја проектирал архитектот Џакомо Кварнеги по нарачка на Екатерина Втора. На сводовите на оваа сала можат да се видат копиите на „Библијата на Рафаело“ – циклус слики на библиски теми, претставени во Апостолската палата.
Каде се наоѓа: Нов Ермитаж, приземје, сала 130
Според замислата на архитектот Лео фон Кленц, салата за изложба на антички вази требало да прави единствена целина со експозицијата. Таа улога ја има задржано и до денес.
Столбовите го делат просторот на три галерии, со што се повторува распоредот на античките храмови. Подот е обложен со мозаик формиран од ситни квадрати бел, жолт, сив, црн и темноцрвен камен. Касетираниот плафон со квадратни вдлабнатини украсен е со орнаментални слики. Во салата се изложени вази од Етрурија и од регионот на јужна Италија од крајот на 9 до 2 век пред нашата ера.
Каде се наоѓа: Зимски дворец, приземје, сала 2
Уште еден објект што сигурно нема да го пропуштите во Ермитаж се главните Јордански скалила кои во стилот на барок ги градел архитектот Бартоломео Растрели од 1758 до 1761 година. По пожарот во 1837 година на неговата реставрација работел Василиј Стасов и му го вратил речиси првобитниот изглед. Павилјонот над отворот во мразот на реката Нева, во која на празникот Богојавление се вршело осветување на водата, се нарекувал Јордан. По Јорданските скалила литијата од дворецот се спуштала до реката.
Од Јорданските скалила се одвојуваат две анфилади: Невската, која води во личните царски одаи, и Големата, која води кон Големата престолна (Георгиевска) сала и кон Големата црква. Плафонот на скалилата е украсен со сликата „Олимп“ на Гаспар Дицијани. Ова е најголемото платно во колекцијата на Ермитаж.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче