- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Возење по Московскиот централен прстен
Потребен е само еден и пол час за да направите целосен круг по Малиот прстен на Московската железница. Ќе патувате со современ удобен електричен воз со големи прозорци низ кои градот ќе ви се покаже од несекојдневен агол.
Освен тоа, тука се и павилјоните на бројните станици на Московскиот централен прстен, споменици во стилот на сецесијата од почетокот на дваесеттиот век. Железницата е градена за товарен сообраќај во регионот во период од 1902 до 1907 година.
Московскиот централен прстен може да биде добра туристичка рута, на станиците постојат автомати со газирани пијалаци и грицки, а оттаму освен тоа лесно се стасува и до московските паркови како што се Ботаничката градина, Покровское-Стрешнево, Измајловската парк-шума и паркот Лосиниј остров.
Вистинска шума во град: Лосиниj остров
Лосиниj остров (острв на лосови) е национален парк чија една третина се наоѓа на подрачјето на град Москва. Меѓутоа, и таа една третина е сосема доволна за да ја носи титулата на природна шума на градско подрачје во Русија. Древниот масив е познат како Лосиниј остров или само Лос уште од 1406 година, и отсекогаш бил заштитено подрачје.
Тука ловеле царевите, па така во 1564 година во лов на мечки на островот доаѓал Иван Грони. Шетајќи по долгите просеки на овој остров најверојатно ќе ги сретнете неговите најинтересни жители кои одамна се навикнале на луѓето.
Најважно е да не им се приближувате на лосовите, зашто тоа може да биде опасно.
Релјефот на паркот Крилатские холми
Уште едно исклучително интересно место, паркот Крилатские холми на западот на руската престолнина. Станува збор за дестинација со најизразит релјеф во градот. Неколку брекчиња настанале природно, а неколку се насипи. Тие се толку стрмни, што назима се погодни за скијачки патеки. Но, тука е и најинтересниот панорамски поглед во којшто можете да уживате во текот на цела година.
Поглед на градот од вода
Од неодамна по реката Москва започна редовно да сообраќа речен електричен трамвај. Обиколката на градот во овој случај е многу поевтина одошто на речните трамваи.
Денес се актуелни две рути коишто овозможуваат да се види центарот на градот од вода. И тоа за само 150 рубли.
Стаклен под на видиковецот на Останкинската телевизиска кула
Како може да се види Москва од птичја перспектива, а да не се лета? Секако, од Останкинската телевизиска кула. Тука има два видиковци, еден покриен, со стаклен под, дебелината на стаклото е седум милиметри, а вториот е достапен само кога времето е убаво.
Тука е и ресторанот „Седмо небо“ со ротирачки под, па можете нешто да нарачате и полека да се вртите околу кулата, разгледувајќи ја Москва.
Уживање во благородничките имоти на Денот на музеите
Неколку пати годишно постои можност стара Москва да се види не само од улица, туку и да се влезе во зданијата. Градските власти овозможија пристап до историските згради и имоти во кои се наоѓаат државни институции и странски амбасади. Тие можат да се посетат во Деновите на историско и културно наследство, 16 април и 18 мај. А, некои имоти можат да се посетат и во други денови, само што треба да го видите точниот распоред на градските сајтови.
И иако за посета на некои имоти треба да се пријавите многу порано, апсолутно вреди. Ентериерот на вилите на некогашните московски богаташи се едноставно неверојатни.
Стар московски пазар: Преображенски
Последниот московски пазар на кој нема фуд-кортови и продавници, Преображенски, се наоѓа на местото на урнатиот старообреднички манастир. Купувањето намирници е можност да ја почувствувате атмосферата на старите московски пазари кои се зајакнати со старински кули-огради од некогашниот манастир.
Преображенската староверска општина постоела и во времето на советската власт, а Црквата на Воздвижението на чесниот Крст Господов не се затворила ниту во времето на комунистите. Активна е и денес, иако на територијата на општината им е забранет влез на луѓе отстрана.
Имало повеќе обиди просторот на пазарот да се отстапи на инвеститори, но граѓаните секогаш успевале да го одбранат својот пазар кој е исклучително популарен поради пристапните цени.
Уметничка населба „Сокол“
Најпознатата викенд-населба на подрачјето на градот е уметничката населба „Сокол“, реализација на проектот „град-градина“ којшто ги обединува најдобрите карактеристики на градот и на селото. Изградбата на населбата е планирана во дваесеттите години од минатиот век, а денес е споменик на урбанистичката градба.
Населбата „Сокол“ е градена со средства на станбената кооператива, а пари за почетен влог имала само советската елита. Цената на куќа во населбата достигнувала 6.600 рубли (милиционер во тие години добивал помалку од педесет рубли месечно, а стручњак, инженер околу 120 рубли). Затоа поголемиот дел куќи тука отсекогаш им припаѓале на имашните семејства. И куќите и целиот простор на населбата изгледаат феноменално, а многу згради претставуваат истакнати примери за архитектура и дизајн.
Прошетката по населбата „Сокол“ е големо задоволство и поради то што тука нема автомобили и сообраќај.
Москва од деветнаесеттиот век на улиците Покровскаја или Шкољнаја (Рогошка застава)
Покровка која од метрото Китај-город оди во насока на булеварот, е најдобро зачувана улица во Москва од периодот пред Револуцијата. Во триесеттите години од минатиот век е урната само Успенската црква, а сите цивилни згради од двете страни на улицата останале исти како за време на царевите.
Шкољнаја улица на Рогошка застава (метро Плоштад Иљича), е уште еден пример на речиси целосно зачувана трговска улица од деветнаесеттиот век. Само што трговијата тука била на големо. Шкољнаја е необично широка за локална улица, зашто тука се разминувале и се вртеле стотици селски коли, фургони и поворки товарни коли. Селаните и трговците носеле во Москва стока, а на Шкољнаја се наоѓале продавници на големо и магацини. Овие згради се зачувани и денес, а на Шкољнаја човек се чувствува како на сет на филм за стара Москва.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа