5 работи што мора да ги искусите во Калининград

Andrey Danilovich/Getty Images
Од најпопуларните локации до специфичниот национален парк. Ова се најдобрите активности за запознавање на еден од најзападните градови во Русија и неговата околина.

1. Посетете го Музејот на килибарот

Калининградската област е позната по производството на килибар - таму се наоѓаат 90% од светските резерви на овој камен. За жителите на областа тоа е причина за гордост. Затоа сите оние кои за прв пат го посетуваат градот домаќините ги носат во Музејот на килибарот. Тука се изложени примероци на многу различни видови на „Сончевиот камен“, древни парчиња смола со зачувани праисториски инсекти и животни, како и неверојатни дела на локалните златари. Музејот има и продавница специјализирана за производи од локалниот килибар.

2. Посетете ја Кенигсбершката црква

Оваа црква е со причина симболот на Калининград. Таа е една од најстарите градби, сочувана уште од 1300 година. Се наоѓа на островот Кнајпхоф, кој денес официјално го носи името на Емануел Кант (до еден од ѕидовите на црквата се наоѓа гробот на овој филозоф, кој бил погребан таму во 1804 година).

До XVI век црквата била активен лутерански храм посветен на Богородица и Свети Адалберт. За време на Втората светска војна, и црквата и куќите околу неа настрадале во бомбардирањето, во кое практично престанал да постои еден од најживите градски реони. Но, црквата имала среќа: само неколку нивоа од кулата биле оштетени. Таа била обновена од остатоците на куќите кои биле урнати околу неа. Тоа можете да го забележите ако повнимателно ја погледнете кулата: посветлите тули се земени за реставрација од срушените згради.

Денес, островот Кант и оваа црква се срцето на градот, како и најпопуларно место за туристички тури. Има и прекрасно уреден парк, а во црквата се одржуваат концерти на музика за оргули.

3. Излезете на брегот на морето

Иако Балтичкото Море е постудено од другите мориња, многу луѓе доаѓаат на неговите брегови во лето. Калининградската област е позната по своите крајбрежни градови. Пред сè, треба да ги посетите најпопуларните места на брегот: Светлогорск, Зеленогорск и Јантарни. Секое гратче има своја уникатна атмосфера, каде што дури и морето изгледа поинаку.

Една од најдобрите плажи во Русија се наоѓа во населбата Јантарни. Веќе неколку години го освојува најпрестижното признание „Сино знаме“.

4. Пробајте марципан

Иако не се знае точно каде настанал марципанот, со сигурност може да се каже дека од XIX век кенигсбершкиот марципан е меѓу најпопуларните во Европа. Затоа и денес во Калининградската област овој деликатес е ценет и сакан и постојано се произведува. Марципанот е еден од неофицијалните симболи на градот. Во Калининград можете да најдете голем број продавници со најразлични видови марципан. Овој деликатес од бадем никого не остава рамнодушен.

5. Посетете ги песочните дини на Куршскиот провлак

Куршскиот провлак е едно од најубавите места во Калининградската област. Токму овој тесен појас копно го дели Куршскиот залив од Балтичкото море и се протега од Зеленоградск до литванската Клајпеда. Провлакот е долг 98 километри и токму таму се наоѓа нетипичен и единствен природен феномен за овие краишта: песочни дини.

Вкупно на територијата на провлакот има три масиви песочни дини: Латенвалдска, Роситенска и Полкопенска дина. Но, бидете внимателни. Иако тука се наоѓа национален парк кој може да го посети секој што сака, тоа е заштитено подрачје кое исто така е под заштита на УНЕСКО. Тоа значи дека пешачењето по дините е строго забрането, бидејќи човечките стапки може да ја нарушат рамнотежата на овој чувствителен екосистем.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња