Најпознатата напуштена зграда во Русија ќе биде урната (ФОТО)

Патувања
RUSSIA BEYOND
Култниот Дом на Советите 30 години стоеше напуштен во самиот центар на Калининград. Зградата беше изградена на местото на урнатините на Кенигсбершкиот замок, но никој никогаш не живееше ниту работеше во неа. Зошто?

Домот на Советите е едно од најпознатите зданија во Калининград. По популарност може да се спореди само со Кенигсбершката црква (каде што се наоѓа гробот на Имануел Кант). Но, парадоксот е што оваа огромна зграда, која е 95% завршена, повеќе од 30 години стои празна.

На местото на кралски урнатини

Порано на тоа место стоеше Кралскиот замок на Кенигсберг - резиденцијата на маршалите на Тевтонскиот ред и пруските кралеви. Замокот беше тешко оштетен за време на Втората светска војна, а до почетокот на изградбата на Домот на Советите, речиси ништо не остана од неговите урнатини.

Властите на СССР не планираа да го обноват замокот. Тој се сметаше за „олицетворение на нацизмот“. Имено, непосредно пред тоа на неговите фасади се вееја нацистички знамиња. Урнатините беа отстранети, а на нивно место, во раните седумдесетти, започна изградбата на модернистичкиот Дом на Советите според проектот на советскиот архитект Лав Мисожников.

Зградата требаше да биде административен центар. Беше планирано да во неа да се префрли управата на Калининградскиот областен комитет на КПСС. Изградбата беше завршена во средината на осумдесеттите. На прозорците беше поставено стакло и зградата беше приклучена на градските комунални системи, беа вградени лифтови, а на плоштадот пред зградата беа поставени фонтани и цветни леи. Зградата беше речиси завршена, остана само финалното уредување. Но, со тоа запре сé.

Најголем локален градежен проект

На советските чиновници не им било судено да се вселат во зградата. Почнаа перестројката и проблемите со финансирањето. Сите работи беа прекинати. Распадот на СССР во деведесеттите само ги зголеми проблемите. Масовната приватизација ја зафати и оваа зграда, но кога компанијата што ја доби во сопственост зградата банкротираше, таа беше продадена речиси за ништо на друга приватна фирма.

Градските власти веднаш се обратија до Генералното обвинителство со барање да се поништи таа продажба. Но, судскиот процес се одолговлече 15 години. Градот успеа да го врати Домот на Советите во своја сопственост дури во 2019 година.

А за сето тоа време зградата остана празна, стекнувајќи се притоа со култен статус. Поради надворешниот изглед доби голем број популарни имиња: „глава на робот“, „чудовиште“, „уши“ и многу други. И стана вистински симбол на градот (денес е дури и на сувенирите на градот).

Иако зградата беше празна, околу неа секогаш беше живо. На пример, токму на плоштадот на Домот на Советите се славеше Денот на градот на огромна сцена, додека на зградата беше проектирано видео-шоу. За време на Светското првенство во фудбал тука беше навивачката зона со екран и трибини. На плоштадот се одржуваа градски демонстрации, саеми и разни културно-забавни настани.

„Домот на Советите е симбол, историја“ – така велат жителите на градот за зградата. Многумина го критикуваа нејзиниот изглед, некои сметаат дека таквата модернистичка архитектура е едноставно „монструозна“, но никој не можеше да негира дека тоа е еден од симболите на градот.

Крај на една приказна

Откако зградата се врати во сопственост на градот, дискусиите за нејзина реконструкција продолжија неколку години. Но, есента 2020 година, обласната власт се откажа од таа идеја, бидејќи целата конструкција по толку години стана небезбедна. Властите донесоа нов развојен концепт и ново урбанистичко решение за таа локација, овој пат без Домот на Советите.

Одлучено е зградата целосно да се демонтира (процесот е веќе во тек), а на нејзиното место да се изгради цел кварт со зграда за управата, комплекс деловен простор, хотел и зона за рекреација.