- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Паркот Зарјадје во Москва
Прес-центар на Владата на Москва
Огромниот простор опкружен со градежна ограда, блиску до Кремљ, долго време зјаеше празен. Во советско време на тоа место се наоѓаше хотелот „Русија“. На конкурсот за проектот за парк кој беше објавен по уривањето на хотелот, победи американското архитектонско биро Diller Scofidio + Renfro. Паркот беше изграден по повод 850-годишнината од Москва во 2017 година.
Прес-центар на Владата на Москва
Поделен е на природни и климатски зони, карактеристични за Русија, претставени со пејзажна архитектура и растителен свет. Застапени се иглолисни шуми и тундра со мов и лишаи, како и ливади, степи и шуми од бреза. Има и подземен музеј, ледена пештера, затворана и отворена концертна сала под стаклена купола. А главната атракција е „лебдечкиот“ мост на реката.
2. Лахта-центарот во Санкт Петербург
Anton Galakhov (CC BY-SA 4.0)
Сé до неодамна, највисоката зграда во Санкт Петербург беше Петропавловскиот соборен храм, една од првите изградени згради, чија висина со шилецот изнесува 122,5 метри. Меѓутоа, во 2018 година доби моќен ривал, кулата Лахта-центар висока 462 метри. Денес тоа е највисоката зграда во Русија и Европа и најсеверниот облакодер во светот. Проектот го изведе британското архитектонско биро RMJM.
3. Џамијата „Кул Шариф“ во Казан
benedek / Getty Images
Џамијата беше свечено отворена во 2005 година, на илјадагодишнината од постоењето на Казан. Изградбата на местото за богослужба е своевидна посвета на историјата и културата на Татарстан. Порано во центарот на Казан имало историска џамија, која во 1552 година била урната од војската на Иван Грозни. Загинале многу бранители, вклучувајќи го и имамот Кул Шариф. Новата џамија го доби неговото име. Внатрешноста, украсена со гранит и мермер, витражи и гипсени работи со многу позлата, се однесува на Казанската шапка, царската круна на Иван Грозни, направена по неговото освојување на Казан.
4. Златниот и Рускиот мост во Владивосток
saiko3p / Getty Images
За време на советското владеење, Владивосток долго време беше затворен воен град-пристаниште. По распадот на СССР, во градот можеше да влезе секој што сакаше, вклучително и странски гости,. Кулминација на отвореноста беше одржувањето на самитот на АПЕС на Рускиот остров, оддалечен еден километар од Владивосток.
Дмитриј Сахаров / Getty Images
Токму по тој повод е изграден Рускиот мост, уникатен мост со коси кабли кој го поврзува градот со островот, како и мостот преку заливот Златни рог. Тие денес претставуваат своевидно обележје на градот, а Рускиот мост се најде и.на банкнотата од две илјади рубљи
5. Палатата на Хамбо-лама Итигелов во Бурјатија
Сергеј Гунеев / Sputnik
Иволгинскиот манастир-дацан во република Бурјатија е еден од центрите на будизмот во Русија. Основан е во 1945 година кога советската влада стана пофлексибилна во однос на религијата. Со текот на времето околу манастирот почнаа да никнуваат храмови и обредни градби. Од 2002 година, во дацанот е сместена важна реликвија, нераспадливото тело на ламата Даши-Доржо Итигелов, кој седна во позата на лотос за медитација во 1927 година и, според будистичките учења, потона во нирвана. Неговото тело и денес се наоѓа во позата на лотос, а во 2008 година во дацанот за него беше изградена Палатата на Хамбо-лама Итигелов во кој се чува како светиња.
6. Олимпискиот парк во Сочи
muhorin / Getty Images
Зимската Олимпијада одржана во 2014 година во суптропско климатско подрачје беше уникатен настан. Во Краснаја Полјана беше изградена уникатна скијачка инфраструктура, а низ планините нов пат, вистинско инженерско чудо. Покрај морето беше изграден олимписки парк со неколку ледени арени и стадиони, а главната атракција во паркот е распеаната фонтана. И сето тоа со морето и палмите во позадина! Во 2018 година на стадионот „Фишт“ се играа натпревари од Светското првенство во фудбал кое таа година се одржа во Русија.
7. Храмот на крвта во Екатеринбург
tvorec-xtra / Getty Images
По распадот на Советскиот Сојуз, дојде до редефинирање на историското минато и грешките на советската власт. Посебно внимание беше посветено на споменот на убиеното семејство на императорот Николај II. На местото каде што се наоѓаше куќата на трговецот Ипатјев во Екатеринбург, во подрумот каде што се случи трагедијата, на почетокот на 2000-тите беше изграден Храмот на крвта. Светилиштето е посветено не само на царот Николај и членовите на неговото семејство кои беа прогласени за светци, туку и на сите светци на руската земја. Православниот храм изграден во неовизантиски стил денес е една од главните знаменитости на градот.
8. Арт-паркот „Николај Ленвец“ во Калушката област
Дмитриј Серебрјаков / TASS
Сликарот Николај Полиски е најзаслужен за тоа што во 2010 година во Калушката област беше отворен природен парк со ленд-арт објекти, направени од природни материјали. Еднаш или двапати годишно овде се одржува фестивалот „Архстојание“. Токму по фестивалот на оваа дестинација никнуваат нови архитектонски објекти кои попрво може да се сметаат за уметнички.
9. Ржевскиот меморијален центар во Тверската област
Михаил Воскресенски / Sputnik
Меморијалот посветен на војниците кои загинаа во една од најкрвавите битки во Втората светска војна, битката кај Ржев (повеќе прочитајте овде) беше отворен во Тверската област во јуни 2020 година. Во периодот од октомври 1941 година до март 1943 година, повеќе од 1,3 милиони припадници на Црвената армија беа убиени, ранети, исчезнати или заробени овде. Централното место во меморијалниот комплекс го зазема 25 метри високата скулптура на советски војник чија наметка се претвора во јато жерави. Тоа е референца на една од најпопуларните и највпечатливите песни за војната „Жерави“ (текст на Расул Гамзатов и музика на Јан Френкељ).
10. Рибарското село во Калининград
Екатерина Ветохина / TASS
Недалеку од островот Кант, каде што се наоѓа Катедралата, една од клучните знаменитости на градот, во 2000-тите беше изграден туристички реон. Пред Втората светска војна Калининград беше прускиот град Кенигсберг, така што архитектурата на новото „село“ ја следи нишката на историската пруска градба. Името зборува за рибарското минато на жителите на тој локалитет. Во Рибарското село има хотели со необичен дизајн, рибни ресторани, како и уреден кеј на реката Прегоља.