Проткаен со векови историја, Петербург се покажа како плодна почва за градскиот фолклор. Некои легенди се до таа мера познати што на некои туристички сајтови и блогови на петербуршките водичи можете да најдете детален опис на „мистични“ настани, дури и измислени датуми и презимиња на нивните учесници.
Обводниот канал
Legion MediaЛегендата вели дека уште при изградбата на каналот почнале да се случуваат чудни работи. Работниците одбивале да работат, тврдејќи дека местото е „неубаво“. И покрај сите тешкотии при изградбата, каналот бил отворен за пловидба во 1833 година, а во 1913 година, наводно, се случил првиот несреќен случај. Имено, во каналот било пронајдено распарчено тело на маж. Подоцна се покажало дека го убила сопругата.
Десет години подоцна (1923) во близина на каналот наводно биле пронајдени некои плочи со стари списи, а под нив имало човечки останки. По страшното откритие, каналот почнал да привлекува самоубијци. Поединци некако останале живи и тврделе дека слушнале некои „гласови“ кои ги поттикнувале на таков чекор, а некои велеле дека некој ги турнал. Се зборува дека каналот однел стотици човечки животи.
Убиството на императорот Павел I, француска гравура од 1880-тите.
Public domainЦарот Павел I бил убиен во март 1801 година од луѓе од неговата придружба. Тоа било во Михајловскиот дворец. Постои легенда дека духот на императорот сè уште живее во дворецот и дека неговата силуета со свеќа во раката може да се види на прозорците на вториот кат. Некои чувари дури тврделе дека го виделе Павел I со свои очи.
Интересно е што Павел, наводно, додека бил жив, го сретнал духот на неговиот прадедо Петар I. Тој ја раскажал оваа приказна за време на вечерата во домот на баронесата Оберкирх. А додека шетал по улиците на Санкт Петербург сретнал странец кој му рекол дека нема да живее уште многу, и кога се разделиле, Павел го препознал во него покојниот император. На местото каде што исчезнал странецот Екатерина Велика наводно наредила да се подигне „Бронзениот коњаник“. Подоцна Павел признал дека ја измислил оваа „страшна приказна“ и ја раскажал како шега.
Постои уште една легенда поврзана со споменикот. Велат дека тој оживува ноќе и дека Петар Велики го јава коњот по својот град. Оваа легенда била позната уште во времето на Пушкин, па во неговото дело „Бронзениот коњаник“ скулптурата како жива го прогонува главниот лик Евгениј.
Јаковлева вила (Евментјев)
Екатерина Борисова (CC BY-SA 4.0)На улицата „Гороховаја“ 57а има куќа која не е позната по својата архитектура, туку по мистериозните приказни. Ако ја поставите картата на Санкт Петербург во шестоаголник, оваа зграда наводно се наоѓа во пресекот на дијагоналите на шестоаголникот. Со тоа се објаснуваат нејзините демонски својства.
Во зградата има ротонда со шест столбови, опкружена со две скалила. Едното скалило води на третиот кат, а другото до плоштатката на вториот кат каде што нема станови. Од ова чудно скалило наводно може да се види седмиот столб, кој постои само во друга димензија. Според друга верзија, излезот во „оној свет“ е скриен во подрумот на зградата. Еден ден еден младич се осмелил да помине низ него и се вратил како старец, иако го немало само 15 минути. Тука воопшто не смеете да доаѓате на полноќ бидејќи постои опасност да се сретнете со сатаната, кој се симнува по едно од тие скалила во земниот свет.
Друга легенда вели дека желбите замислени во ротондата ќе се остварат. Еве што пишува корисник на TripAdvisor: „...Акустиката е неверојатна таму. Кога тивко ќе шепнете на кој било кат, секој ваш збор јасно се слуша на вториот кат! Да, си замислив желба. И кога се вратив во Санкт Петербург по шест месеци, таа ми се оствари...“
Ентериерот на напуштената вила на Брусницини на Васиљевскиот остров
Legion MediaВо XIX век трговецот Брусницин си изградил вила на Васиљевскиот остров и, опремувајќи ги собите, од Италија нарачал прекрасно огледало за балската сала. Легендата вели дека тоа огледало некогаш било во гробницата на Дракула.
Ентериерот на напуштената вила на Брусницини на Васиљевскиот остров
Legion MediaПо извесно време Брусницини забележале дека нешто подоцна им се случува на сите што ќе се погледнат во огледалото. Најсреќните меѓу нив само се чувствувале лошо, а некои станале жртви на несреќни случаи. Последната трагедија била смртта на внуката на Брусницин, по што огледалото било отстрането. Не се знае каде се наоѓа сега.
Софија Перовскаја
Public domainРеволуционерката Софија Перовскаја припаѓала на терористичката организација „Народна волја“. Во 1881 година оваа организација извршила терористички напад во кој бил убиен императорот Александар II. Додека царот се возел со кочијата по својата вообичаена рута, терористот Николај Рисаков фрлил бомба под тркалата, но не му наштетил на царот. Императорот излегол од пајтонот и тргнал кон ранетите од придружбата. Таму го чекал друг заговорник, Игнатиј Гриневицки, кој фрлил бомба пред царот и овој од здобиените рани истиот ден починал. Сите терористи биле осудени на смрт со бесење.
Смртно ранетиот император Александар II
Public domainЗадачата на Софија била за време на операцијата да ги даде договорените знаци со мавтање со бела шамија. Легендата вели дека духот на Софија може да се сретне на мостот ноќта спроти 1 март во близина на Храмот „Спас на Крвта“. И ако случаен минувач нема среќа и ја види како мавта со марамата, тој ќе падне во водата и ќе умре.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче