Како мошусното говедо повторно го насели рускиот Арктик

Константин Бабашкин
Крзното на мошусното говедо е осум пати потопло од овчото крзно, но нема толку лесно да ви го дадат. Потребно им е за опстанок на Тајмир, Јамал и Чукотка.

Големото и крупно мошусно говедо е едно од најстарите животни на нашата планета. Во Сибир и Евроазија пристигнало пред 3,5 милиони години, симнувајќи се од Хималаите, а потоа постепено се повлекувало на север од континентот. Пред околу 190 илјади години го преминало Беринговиот теснец и стигнало во Америка, населувајќи ги, освен полуостровот Тајмир, Алјаска и Канада.

Преживеало неколку глобални климатски промени и надживеало многу животни, вклучувајќи ги и мамутите. Сепак, пред 3 илјади години мошусното говедо исчезнало од Евроазија. Причината биле луѓето кои неуморно ги ловеле. Единствено советските научници успеаја да го вратат мошусното говедо на Тајмир.

Дали е крава или коза

Научниците сè уште не можат да се договорат какво животно е мошусното говедо. Едни сметаат дека припаѓа на крупниот добиток како кравите, додека други го класифицираат како роднина на козите (како, на пример, планинските овци аргали). Трети, пак, тврдат дека тоа е сосема посебен род и дека сите нивни роднини одамна изумреле. Не е лесна задача да се одредат генетските врски на древното животно со современите видови. Засега, за единствен жив роднина се смета копитарот такин од Хималаите.

Интересно е и името на ова животно. Мошусното говедо всушност нема мошусна жлезда, но името најверојатно доаѓа од зборот musked, што на јазикот на канадските Индијанци значи мочурлив терен.

Поради крзното изгледаат покрупни отколку што се

Долгото густо крзно прави мошусното говедо да изгледа двојно поголемо отколку што е. Неговата висина до гребенот е до 1,5 метри, а може да биде долг и до 2,5 метри. Мажјакот тежи околу половина тон, а женката речиси двојно повеќе. Природата исто така се погрижила да им ги скрие ушите и опашката од студот под крзното.

Имаат многу топло поткрзно, 8 пати потопло од овчата волна. Совршено го штити својот сопственик од студ и ветер. За време на пролетното митарење, едно крупно мошусно говедо отфрла околу три килограми влакно.

Можеби звучи необично, но кога зимата е јака, мошусното говедо намерно паси на најветровите места. Работата е што таму има помалку снег, па полесно му е да ги откопа вкусните билки.

Пустиници од Арктикот

Обично стадото мошусни говеда се состои од неколку женки со младенчиња. Кога мажјаците ќе пораснат, тие одат во шумската тундра, каде што треба да научат да се грижат за себе и да стекнат животно искуство. Ништо поинаку од луѓето.

Зоолозите дури пресметале дека мошусното говедо може да се оддалечи 700 километри од своето матично стадо! Затоа ги нарекоа „пустиници на Арктикот“.

Но, за време на сезоната на парење тие доаѓаат во стадата кај женките и понекогаш ги растеруваат младите. Најактивниот период за нив започнува кон крајот на јули и трае до крајот на септември, кога си бараат партнер. Ако на една женка претендираат неколку мажјаци, тие организираат борба со глава. Ретко доаѓа до фатален исход, бидејќи мажјакот што ќе ја изгуби борбата едноставно бега.

Стоење во полукруг како стратегија за опстанок  

Често на фотографиите може да се види како мошусните говеда стојат во полукруг, слично на борбената формација „каро“, како да позираат. Тоа е всушност нивната стратегија за заштита на стадото. Поситните единки се сместуваат во центарот, а поголемите отстрана. Тие не само што стојат во оваа „формација“, туку во неа можат да се движат и низ тундрата.

Така прават и за време на снежна бура, свртувајќи го грбот кон ветрот. Исто така, кога ќе здогледаат непријател, формираат полукруг. Нивните главни непријатели на Арктикот се волците.

Резерват на природата „Остров Врангел“, Магаданска област, Чукотски автономен округ

Враќање на Арктикот

Палеонтолозите пронајдоа остатоци од древни мошусни говеда на руските арктички простори. „Најмладиот“ пронајден примерок е стар 3 илјади години. Сепак, некои научници сметаат дека последните претставници на видот сепак исчезнале многу подоцна, можеби пред околу 400 години.

Познато е дека на почетокот на ХХ век мошусните говеда ја населувале само Канада и нивната популација беше ставена под заштита. Кон средината на векот популацијата на Алјаска беше обновено. И научниците од скандинавските земји се обидоа да ги вратат, но безуспешно.

Во 1970-тите, на полуостровот Тајмир започна проект за реаклиматизација на мошусните говеда. Во 1971 година, висока делегација од Канада предводена од премиерот Пјер Трудо го посети Норилск. Тоа беше прв случај шеф на друга држава да го посети Норилск. Канаѓаните беа изненадени од тоа како Советите успеале да изградат толку убав град со развиена инфраструктура на Арктикот. За време на посетата советските научници му рекоа на премиерот дека би сакале да ја обноват популацијата на мошусните говеда и Трудо им вети помош. Во 1974 година на Тајмир беа пуштени првите 10 мошусни говеда на возраст од 15 месеци (половина мажјаци и половина женки), фатени на островот Бенкс.

Аклиматизација на мошусните говеда од Канада, полуостров Тајмир, 1976.

Уште 40 говеда беа донесени во 1975 година, овој пат од островот Нунивак (Алјаска). Половината беа пуштени на Тајмир, а другата половина на островот Врангел на Чукотка. На почетокот на деведесеттите тие се раселија по островот Врангел и на северот на Јакутија, а потоа биле префрлени и на Јамал.

Денес на рускиот Арктик живеат над 16000 мошусни говеда, и тоа е најголемиот број на животни што ги поседува некоја земја по Канада (таму ги има над 100 илјади). Повеќето од нив живеат на Тајмир, а околу 4000 единки се во Јакутија. На островот Врангел има вкупно 1100 мошусни говеда. На Јамал има околу 400, од ​​кои половината се во резерват.

Мошусни говеда во тундрата на Тајмир, 1982.

Каде и да живеат мошусните говеда, стручњаците се грижат за нив.

Сега руските научници се соочени со следнава задача: како да ги припитомат мошусните говеда и да ги одгледуваат како домашни животни. Особено се заинтересирани за поткрзното на овие арктички животни кое се нарекува „гивиут“.

Во паркот на флората и фауната „Роев ручеј“ во Краснојарск

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња