- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Норилск се наоѓа на северот на Краснојарскиот крај (во Сибир) и на прв поглед изгледа како обичен индустриски град изграден според советските канони.
Свечени згради во стилот на „сталинскиот ампир“, станбени населби од разнобојни панелни згради и бесконечни фабрички оџаци кои се протегаат во недоглед.
Но, замислете само дека овде, на 69 напоредник (300 км над Северниот поларен круг), снег има во текот на 9 месеци од годината. Температурата во зима е минус 45°C – минус 50°C, но најстрашна е снежната виулица, која ги кутина луѓето на земја.
Полуостровот Тајмир, на кој се наоѓа градот, популарно се нарекува гробишта за циклони. Овде својата турнеја ја завршуваат сите атлантски циклони и затоа во овие краишта е секогаш ветровито. Со други зборови, климата не е бањска.
Тукашните метеоролози дури го користат и терминот „незгодно време“, затоа што колку е посилен ветрот, толку потешко се поднесуваат студот и влагата.
И покрај сè, тука живеат над 170000 луѓе. По големина тоа е втор арктички град во светот (прв е Мурманск со неполни 270000 жители, но тој е малку појужно).
Тука се наоѓаат рудници и фабрики за преработка на никел, бакар, кобалт и паладиум. Фабриките работат во три смени и на стручњаците мора да им биде обезбедено навремено доаѓање на работа и враќање дома. А како се постигнува тоа ако надвор дува страшен ветер со снег, па уште е и поларна ноќ?
Потапови штитови
Во Норилск снежните наноси отсекогаш се голем проблем. Високи се и по 30 метри, така што за нивно чистење се вложуваат огромни напори. Главно беше неопходно да се обезбеди непречено функционирање на пругата до Дудинка, а тоа е 100 км низ ненаселената тундра и пермафростот. По таа пруга беа транспортирани стоките до пристаништето на реката Енисеј, од каде понатаму пловеа по море до крајната дестинација. И обратно: од Дудина во Норилск се испорачувани намирници, стоки за домаќинство и пратки од континентот.
Денес по должината на патиштата можат да се видат дрвени штитови за снег. Конструирани се од советскиот инженер Михаил Потапов. На почетокот Норилск беше граден со присилна работа на затворениците во Норилскиот казнено-поправен логор (затворен во 1956 година). Потапов издржуваше робија во него на крајот на 1930 -тите и раните 1940 -ти. Беше осуден на 10 години затвор за „врска“ со маршалот Тухачевски кој беше во немилост. (Тухачевски се заинтересира за изумот на Потапов, машината за палење трева на патиштата и одлучи да ја вклучи во одбранбената индустрија).
Во Норилск на инженерот му беше доверено да организира систем за заштита од снег. Потапов помина пеш по целата траса по должината на железничката пруга и го осмисли ова решение. Штитовите слични на ограда направени според неговиот проект стојат под одреден агол, така што ветрот со голема сила налетува на нив и го носи снегот од патот. За секоја делница од патот Потапов ја пресмета соодветната позиција на конструкцијата во зависност од правецот и брзината на ветрот. Потапов беше ослободен пред истекот на затворскиот рок, но остана да работи во Норилск до 1950 година и го доби патентот на неговите штитови. Неговото одделение беше расформирано во 1950 година, па тој се пресели во Канск, град во Краснојарскиот крај, и таму се вработи, но наскоро беше уапсен поради старата вина и повторно вратен во Норилск, каде почина во 1954 година. Неговите штитови сè уште ја извршуваат својата функција.
Зградите се припиени една до друга
Норилск доби статус на град во 1953 година. На планот на градот (доброволно) работеше Витолд Непокојчицки, архитект од Ленинград, кој во Заполарјето дојде на покана на раководителот на Норилскиот рударски комбинат. Непокојчицки беше верен на ленинградската архитектонска школа, така што првите згради во центарот на градот беа изградени во стилот на неокласицисмот и „сталинскиот ампир“.
Токму затоа главната улица, Лениновиот проспект, потсетува на Невскиот проспект во Петербург.
Исти се и монументалните згради, богато украсени со декоративни плочи, само разликата е во тоа што овие стојат на шипови, за топлината од куќите да не го загрева пермафростот.
Ако норилските улици се посматраат оддалеку, се чини дека сите згради имаат еден заеднички ѕид. Тоа е, исто така, заштита од ветрот. Инспирацијата за таквиот план на градот потекнува од внатрешните дворови во Петербург кои личат на бунари.
Тесни премини меѓу зградите
Генерални план за изградба на Норилск беше грандиозен, но не и реализиран во целост. Веќе кон средината на 1950-тите, по смртта на Сталин, започна борба против претерувањето во архитектонската градба и во насекаде Норилск се појавија стандардните панелни згради. Но, со посебни карактеристики.
Дворовите на станбените населби во Норилск се изградени според принципот на затворена контура, а влезот се наоѓа од внатрешната страна. Меѓу зградите постојат премини со мали скалила. Некои се толку тесни што двајца минувачи не можат да се разминат.
Ова е направено намерно за да може човек да помине до влезот во станот, но и да се скрие од ветрот, кој не може да помине и да дува во дворот.
Мештаните велат дека тука понекогаш беснее „црна виулица“, кога ќе се крене многу силен ветер кој буквално носи сé што ќе му се најде на патот. Најстрашната „црна виулица“ се случи на почетокот на 1957 година. Неколку дена без престан паѓаше снег, па меѓу зградите беа оптегнати јажиња за да може некако да се помине покрај нив.
Во градот во моментов е во тек обнова од големи размери. Планирано е до 2035 година во Норилск да се поправат и изградат неколку десетици нови згради, да се уредат дворовите и модернизираат инсталациите.
Огромни броеви на зградите
Еден од највпечатливите детали на Норилск се огромните светли броеви на станбените згради. Се гледаат оддалеку по секакво време. Тоа е многу важно бидејќи го олеснува пронаоѓањето на вистинската адреса за време на снежна виулица, особено за луѓето кои неодамна дошле во градот.
Таквите броеви се појавија на панелните станбени згради во текот на 1980-тите, додека на старите згради сé уште има обични броеви.
Во Норилск зградите се обоени со светли бои за да се подигне расположението на локалните жители. На некои згради може да се види и мозаик на тема освојувањето на Крајниот Север.
Улично осветлување
А еве уште еден интересен детаљ. На многу згради ќе видите празнични украси. Лете, кога надвор е светло во текот на поларниот ден, осветлувањето е исклучено. Но веќе наесен сите улици се осветлени небаре наскоро ќе дојде Нова година.