Перм слави 300 години од основањето! Погледнете како се менуваше градот од XVIII век до денес

Legion Media; Јавен домен
Од индустриски град во XVIII век до милионски урбан центар! Градот, чија историја се смета од основањето на топилницата за бакар, денес е индустриска и културна престолнина на Урал. Затоа, ајде да погледнеме низ што поминал градот во изминатите 300 години.

Стариот уралски град Перм на реката Кама ја слави 300-годишнината од постоењето. Неговиот настанок е поврзан со изградбата на Евошихинската топилница за бакар, која започнала со работа на 15 мај 1723 година (4 мај според стариот календар). Работела само 60 години, бидејќи резервите на руда брзо биле исцрпени. Меѓутоа, околу работничката населба во кругот на фабриката почнал да се формира и да се шири град. Кон средината на XIX век Перм имал 20 илјади жители, а денес ги има повеќе од милион.

Поглед на Перм

Веќе во првата половина на XIX век Перм бил важен сообраќаен јазол. Покрај металот и железото, по уралските реки Чусова и Кама во европскиот дел на Руската империја се транспортирале и други производи. Главен артикл била солта, која се добивала во големи количини во Пермската губернија (и имињата на градовите како Усоље или Соликамск имаат корени поврзани со солта).

Панорама

Првиот и најголемиот железнички мост на Урал (долг 840 метри) бил изграден во 1899 година на реката Кама. Пругата во тоа време водела од Перм до градот Котлас во Архангелската област (речиси 900 километри). Распоните се обновени во дваесеттите години на минатиот век (поради Граѓанската војна) и при реконструкцијата кон крајот на осумдесеттите. Мостот и денес непречено функционира.

Мостот на Кама

Едно од клучните претпријатија за настанокот на Перм се Мотовилихинските фабрики, изградени уште во 1736 година. Токму тука започнала да работи првата печка за топење метал, конструирана од францускиот инженер Мартен, а исто така се произведувала и артилерија за војската на Руската империја.

Во советската ера, Мотовилихинските фабрики произведуваа не само артилерија (една четвртина од сите артилериски системи на Црвената армија за време на Втората светска војна беа направени овде), туку и механизација за земјоделство, како и опрема за преработка на нафта (во Перм големо се наоѓа голема рафинерија за нафта).

Мотовилиха

Во годините на Втората светска војна, во Перм (и регионот) беа евакуирани повеќе од 120 индустриски претпријатија, а градот беше еден од клучните индустриски центри на СССР.

Без оглед на тоа, историскиот Перм отсекогаш бил и културна престолнина на Урал.

Поглед на реката Кама

Пермскиот театар на опера и балет е основан во седумдесеттите години на деветнаесеттиот век и го носи името на композиторот Петар Илич Чајковски. Тоа е единствениот театар во Русија на чија сцена се поставени вкупно десет негови опери и три балети. За време на Втората светска војна во него настапуваа уметниците на театарот „Мариински“ кои беа евакуирани во Перм. На репертоарот на театарот денес можете да видите класици на сите времиња.

Пермскиот театар на опера и балет

На секој чекор можете да наидете на историски градби во Перм! Величествената вила на улицата „Манастирскаја“ е изградена во класицистички стил во осумдесеттите години на деветнаесеттиот век, всушност таа е роднокраен музеј. Во нејзиниот салон често се приредуваат музички вечери.

Куќата на Мешков

Уметничката галерија во Перм се наоѓа во Спасо-Преображенскиот соборен храм од средината на XVIII век. Црквата била претворена во изложбен простор во 1922 година, кога болшевиците почнале да се борат против верата и одењето на црква. Во уметничката галерија може да се видат уникатни дрвени скулптури кои ги претставуваат православните светци.

Спасо-Преображенскиот соборен храм

Во 1940 година Перм беше преименуван во Молотов. Градот го доби своето ново име по повод педесеттиот роденден на претседателот на Советот на народните комесари на СССР Вјачеслав Молотов. Историското име му беше вратено на градот во 1957 година по бранот несогласувања меѓу Молотов и Хрушчов.

Комсомолски проспект

Омилена рута за пешачење и за локалното население и за туристите отсекогаш бил кејот на реката Кама, кој се протега во должина од речиси четири километри. До кејот можете да се спуштите од Речната железничка станица, Соборниот плоштад и Комуналниот мост. Пешачките патеки се наоѓаат на различни нивоа. А главно место за фотографирање е огромниот натпис „Счастье не за горами“ (Среќата не е преку ридовите) што се појави во 2009 година. Инаку, на плажата на реката Двина во Аргангелск таа приказна продолжува со знакот „Счастье не за морями“ (Среќата не е преку морињата). Но, тоа е навистина некоја друга приказна.

Кејот на реката Кама

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња