Каде завршува Урал и почнува Сибир?

Russia Beyond (Legion Media)
Жителите на овој руски град секој ден одат во Сибир и се враќаат истиот ден од Сибир. Всушност само преминуваат преку мост.

Се смета дека Сибир почнува веднаш зад Уралските планини, но на југот на Урал постои град кој се наоѓа на местото на геолошки расед. Од една страна се слоевите на Зауралскиот пенеплан, а од друга слоевите на Западносибирската низина. А меѓу нив тече река.

Мост до Сибир

Чељабинск. Река Мијас.

Големиот руски град Чељабинск (1,2 милиони жители) се третира како уралски град, но е сместен непосредно на геолошки расед, на самата граница меѓу Урал и Сибир. Реката Мијас го дели градот на две половини и тече низ градскиот центар. Така излегува дека левиот брег на реката е уралски, а десниот сибирски.  

Ленинградскиот мост преку реката Мијас во центарот на градот е врската меѓу двата региона. Преку него за пет минути може „да се стигне до Сибир“. Мостот е автомобилски и истовремено пешачки.

По должината на реката (од десната страна) се протега улицата „Труд“, која до 1920 година се викала „Сибирска“, затоа што води во Сибир.

Дури и со голо око се гледа дека двата брега им припаѓаат на различни геолошки структури.

Чељабинск. Скулптурална композиција Урал-Сибир.

Друга точка за премин од Урал во Сибир се наоѓа на „Лениновиот“ проспект во близина на Музејот на Чељабинската фабрика за трактори. Од двете страни на авенијата можат да се видат идентичните споменици „Сибир-Урал“, поставени еден спроти друг.

Подигнати се во 2014 година по проектот на архитектот Сергеј Шумакова.

Граничен столб на реката Межница

Граничен столб

Уште еден знак со кој е обележана условната граница меѓу Урал и Сибир се наоѓа покрај мостот преку реката Межница на патот Ирбит – Тјумен. Токму тој мост во Руската империја бил третиран како официјална граница на Урал (Пермска губернија) и Сибир (Тоболска губернија). Најблиска населба е селото Мелниково (Свердловска област), оддалечено 16 километри од мостот.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња