Како изгледа животот во Благовешченск, рускиот град на самата граница со Кина?

Legion Media
Шетајќи по кејот во Благовешченск можете да видите друга земја на спротивната страна од реката. Рускиот Благовешченск и кинескиот Хејхе се оддалечени само 750 метри. Жителите на двете земји одамна се навикнале едни на други, во постојан контакт се, но и во пријателски односи. Анастасија Кукнерик е израсната во Благовешченск. Во разговор со неа дознавме како живее овој град.

Пред короната до Хејхе можеше да се оди со брод. Многумина жители на Благовешченск од Кина обично не се враќаа со празни раце. Во огромни торби тие не им носеа подароци на роднините или на пријателите, ами носеа стока. Бизнисмените се сетија како да не платат за испорака со брод преку Амур и да заштедат, па им плаќаат на туристите да пренесат кинески работи за продажба во Русија. Патниците инаку, за разлика од бизнисмените, се ослободени од плаќање такса за влез во Кина.

Во Русија луѓето што ги пренесуваат овие торби ги викаат „тули“, а бизнисмените „фенери“. Затоа кога некој вели дека „за викенд оди во Кина како тула“ на сите сѐ им е јасно.

Благовешченск се наоѓа во Амурската област, на рускиот Далечен Исток, и од Москва е оддалечен 7.888 километри. Најблиски поголеми градови се Хабаровск и Владивосток. До Благовешченск може да се стаса со авион, а летот од Москва трае осум часа. За патување со воз потребни се шест дена. Јас сум навикната да летам со авион зашто е многу побрзо, па дури и поевтино. Можат да се купат поволни авионски студентски билети кои се двојно поевтини од оние за воз.

Благовешченск има 250 илјади жители, а нивниот број расте поради космодромот Восточни кој се наоѓа во соседниот град Циолковски. Тука доаѓаат инженери од Турција, од Белорусија, од Казахстан, од Узбекистан и од други земји. Некои од научниците остануваат да живеат во Амурската област.

Космодромот може да се види организирано, но најпрво треба да добиете дозвола, и тоа како за Русите, така и за странците. Најпрво се пишува пријава во која се наведуваат податоците од личната карта или од изводот од матична книга на родените. Барањето се испраќа во Москва, а одговор се чека еден месец. Најважно е да не сте осудувани, инаку ништо од посетата на космодромот.

Кога ќе добиете одобрување останува да решите како ќе стасате до Восточни. Постојат автобуси кои возат директно до одредницата, а може да се оди и со сопствена кола.

Границата со Кина

Запознавањето со кинеската култура во Благовешченск е едноставно, можете да одите на кејот и да го видите Хејхе на друиот брег од Амур. Навечер сѐ блеска од силното осветлување. Инаку од зградите во Хејхе се испраќаат дури и пораки до жителите на Благовешченск.

Близината на двата града во голема мера придонесува за развојот на туризмот. Барем така беше до пред пандемијата со коронавирусот. Мештаните обично во Хејхе доаѓаа со брод. На луѓето што имаат дозвола за престој во Хабаровскиот крај, во Амурската и во Читинската област, не им беше потребна виза. Меѓутоа, ова не важи за жителите на другите региони од Русија.

Патувањето трае петнаесет минути. Меѓутоа, на граница се чека, редиците се големи, а особено за време на празниците. Последен пат бев во Хејхе во јануари 2020 година, непосредно пред затворањето. Јас и мајка ми моравме да чекаме два часа за да ја минеме контролата, што и некако се поднесува.

Двата града ги спојува меѓународниот мост кој во сообраќај беше пуштен на десетти јуни годинава. Преку мостот, меѓутоа, засега се врши само товарен транспорт, а за туристите ќе биде отворен за три години. Мостот Благовешченск-Хејхе може да се види од туристички брод кој трипати дневно тргнува од и се враќа во рускиот град. Сликата, секако, е импресивна.

Поради мерките што се воведени поради короната, денес во Хејхе не може да се стаса преку Амур, ами само со авион преку Пекинг и преку Шангај. Директниот сообраќај беше запрен уште во 2020 година. Жителите на Хејхе и на Благовешченск со нетрпение го чекаат моментот кога повторно ќе биде воспоставен и кога ќе можат да си одат на гости едни кај други.

Поврзување и пријателство

Пред воведување на мерките поврзани со коронавирусот во Благовешченск и во Хејхе редовно се одржува манифестации посветени на меѓународната културна соработка. Фестивалот „Руско-кинески саем на културата и уметноста“ е годишна манифестација која се одвива во двата града уште од 2010 година, а на која настапуваат кинески и руски ансамбли.

Намерата на фестивалот е на туристите да им се сврти вниманието на националната специфичност и автентичноста на културите на народите од Кина и од Русија. На Фестивалот до 2020 година не настапуваа само професионалци, ами и ученици. Така, моите другари од одделението, членови на ансамблот „Колосок“ редовно пееја во Хејхе и се враќаа со награди.

Во 2021 година Фестивалот се одржа со почитување на превентивните мерки воведени поради пандемијата, навистина без гости од Кина. Беа организирани уметнички вечери и мастер-класови, а официјалната церемонија се одржа онлајн. Руско-кинескиот саем на културата ќе биде одржан и во 2022 година. 

Кина во Благовешченск

Во текот на последните 73 години двата града (Хејхе е основан во 1949 година, а Благовешченск во 1858) се свртеа еден кон друг.

Во Благовешченск има 42 ресторани во кои можат да се пробаат специјалитети на кинеската кујна. Традицијата на нарачување кинеска храна за празниците веќе длабоко е навлезена во културата на градот. Нашето семејство ја сака салатата Хејхе, Чисанчи и месо во слатко-кисел сос, а мајка ми понекогаш и самата ги подготвува овие јадења.

Кинеските прехранбени производи ги има во секој супермаркет во Благовешченск. Особено се популарни инстант-нудлите, а за разлика од сличните руски се мошне пикантни. Кинеската козметика и домашната хемија се мошне ценети. Мајка ми вели „ако е кинеско квалитетно е“.

Кинескиот пазар претставува оддишка за жителите на Благовешченск. Таму задолжително треба да се пазарите, зашто цената може да падне за секој производ. „Доколку се пазариш со Кинез, значи дека го цениш“ велеше баба ми.

Во Благовешченск во училиштата се учи кинески, а на Амурскиот државен и на Благовешченскиот педагошки универзитет постојат факултети на кои се образуваат идни преведувачи и наставници. Студентите од Кина не се реткост. Меѓутоа и во Хејхе има многу Руси. И јас имам учено кинески од петто до осмо одделение. Се сеќавам на бројните хиероглифи, тоа ми помага да го прочитам составот на производите и по нешто да разговарам со Кинезите.

Русија во Хејхе

Близината на границите со Русија се има рефлектирано на животот на Хејхе. Кинеските супермаркети се снабдени со руски прехранбени производи. Чоколадата Аљонка е особено барана, како и кравјо млеко што во Кина едноставно го нема. На полиците наместо кравјо, има популарно соино млеко.

Руските студентите кои зборуваат кинески можат да одат на усовршување во Хејхе. Пред ковидот функционираа различни образовни програми во текот на кои студентите не само што интензивно го учеа јазикот, ами и се занимаваа, да кажеме, и со кинеска гимнастика џигонг или одеа на екскурзија по знаменитостите на Хејхе. Една од најпознатите е Плоштадот на храна. Тамо, секако, можеше да се јаде, а најважно од сѐ е што тука се наоѓа библиотеката што го носи името на Пушкин. Само што сите книги се на кинески.

Уште една специфичност на културната соработка е отворањето на музејот „Александар Тихомиров“, уметникот кој сликал икони на стари прозорски капаци. Овој вид сликарство се нарекува окнопис (окно-прозорец). Тихомиров е роден 1956 година во Московската област, а живееше во Благовешченск од 1984 година.

Во Амурскиот локален музеј постои поставка посветена на неговото творештво. А, во Хејхе во знак на почитување на овој уметник отворен е музеј во целината посветен на неговиот опис. Во музејот се вработени кустоси Кинези кои одлично зборуваат руски.

Културниот живот во Благовешченск и во Хејхе се прилично претопени. Доселениците од соседните земји на улиците на споменатите градови не зачудуваат никого од мештаните. Иако тоа сега се главно оние кои се имаат преселено пред ковидот, мештаните се надеваат дека животот со постојаните посети еден на друг повторно ќе се вратат во нормала. Всушност, изграден е и нов мост.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња