Сталиновата трансполарна железничка пруга која никогаш не беше завршена

Патувања
RUSSIA BEYOND
Во предградието на Салехард може да се види стара локомотива на постамент за споменик. На тој начин локалните жители го овековечија споменот на еден од најграндиозните советски проекти зад поларниот круг.

Трансполарната магистрала беше еден од последните „големи градежни потфати“ на Сталин. Пругата требаше да ги поврзе градовите Чум, Салехард, Надим, Уренгој и Игарка со вкупно 1.300 километри пруга низ непроодни шуми, реки и мочуришта.

На изградбата, која започна во 1947 година, со ударничко темпо на двата краја на пругата работеа 80 илјади затвореници во Гулаг. Целата работа беше чувана во тајност и во документите западниот дел од изградбата се водеше под број 501, а источниот дел под број 503.

Мостовите на реките Об и Енисеј не беа изградени. Според планот, лете возовите ќе се префрлаа со траекти, а зиме преку мразот.

За неполни шест години беа изградени 700 километри пруга, но поединечните делници сепак не беа поврзани. Веднаш по смртта на Сталин во 1953 година изградбата беше прекината, логорите распуштени, а пругите напуштени. Денес, во сибирската недојдија може да се видат само преостанатите 'рѓосани локомотиви на шините, дрвени бараки и низа логорски набљудувачници.

Денес во функција е само делницата долга 200 километри од Чум до Лабитнанга (град кој од Салехард го дели реката Об), каде што запираат возовите од Москва и Воркута.