Гамсутљ е обвиткан со превезот на тајната. Популарно го нарекуваат „дагестански Мачу Пикчу “ и „мртов град“, а познат е и како планинска зандана и населба која била истребена од колера. Во текот на својата долга историја аварското село било место за кое се пределе легенди, некои во кои може да се верува, како и оние кои се значително понеобични. А како и многу други најубави места на Северен Кавказ, се наоѓа далеку од цивилизација.
Иако првично тоа била намерата. Оние кои го основале знаеле што прават: селото се наоѓа во Гунипскиот реон на Дагестан, на планинскиот венец Гамсутлмер на 1418 метри надморска височина и до него може да се стигне само по една тесна патека. Благодарение на тоа, аулот лесно се брани и во текот на неговата повеќевековна историја ниту една војска не го освоила.
Точното време на основање на населбата не е познато. Според една верзија, го основале аварските ханови (Аварите се еден од домородните народи на Северен Кавказ и најбројниот народ на модерен Дагестан). Хан, основачот на Гамсутљ, живеел со своето семејство на врвот на планината, додека неговата војска била на падините. На аварски јазик „Гамсутљ“ значи „во подножјето на хановата тврдина“. Според друга верзија, аулот бил своевиедно место за затворање на престапниците. „Не постои ниту една научна монографија за Гамсутљ“, вели Заур Цохолов, организатор на првите обиколки на напуштениот аул.
Локалните жители сметале дека аулот бил стар најмалку 1600 години. А научниците пронајдоа уште порани сведоштва: во околината на селото е откриена надгробна плоча со натпис на староирански јазик, стара околу 2000 години. Аулот веројатно бил населен и од други народи, за што сведочат натписите на ирански јазик зачувани на ѕидовите на некои куќи.
Од далечина, урнатините на селото наликуваат на ластовичини гнезда. Куќите се делумно врежани во карпите. А ако површината била толку нерамна што таму не можело да се изгради куќа, карпата ја ситнеле и ја користеле за градежен материјал. Покривите на куќите биле покриени со греди, а одозгора посипани со земја и слама. Обилните дождови ги миеле слоевите од покривите, што барало редовни поправки.
„По дождовите, не дај Боже човек да се фати за куќата. Целиот ѕид би можел да падне“, вели Заур. Ѕидовите на куќите се од глина, поради што лесно се рушат. На прв поглед се чини дека куќите во Гамсутљ се стари илјадници години. Но, тоа не е така. Повеќето од зачуваните градби датираат од почетокот на XIX век.
Уште пред неколку децении, во Гамсутљ живееја луѓе. Селото имаше свое училиште, градинка, продавница, болница и породилиште. Жителите, а особено младите, почнаа интензивно да го напуштаат Гамсутљ дури во 1970-тите и 1980-тите во потрага по работа во главниот град на Дагестан (Махачкала е на три часа возење од тука), како и поради тешката пристапност до аулот.
„Во 1970-тите реките во оваа област беа полноводни. Уште во моето детство можевме да поминеме преку реката во Чоха само на коњи, а денес секое дете може да ја прегази. Еднаш пороите го однесоа мостот преку реката. Жителите на Гамсутљ два месеци беа отсечени од остатокот на светот. Тоа наведе многумина да се иселат и да ги напуштат своите домови“, вели Заур, додавајќи дека многу жители на аулот настрадале и во епидемијата на колера.
Но, неколку луѓе сепак останаа таму за да ја дочекаат својата старост. Во 2002 година овде живееја 17 луѓе. Во 2010 година - десет. Еден од нив беше Абдулжалил Абдулжалилов, роден во селото. Еднаш месечно одеше во блиското село да купи намирници, да си ја подигне пензијата, да ги дознае вестите и да ја посети библиотеката. Во Гамсутљ чуваше пчели, а во слободно време пишуваше труд за религијата и пречекуваше гости. Велат дека се нарекувал „градоначалникот на Гамсутљ“.
Наскоро само тој и една старица останаа во селото, а тие не разговараа меѓу себе. Колку и да звучи иронично, меѓу стотиците напуштени куќи тие се скарале за земја. Кога умре сосетката, Абдулжалил беше единствениот жител на Гамсутљ. Во 2015 година почина и тој. Селото конечно опусте.
Во последните децении ова планинско „село на духови“ е една од главните знаменитости на Дагестан. Естетиката на напуштената населба привлекува многу посетители, а во околината на карпите и планините изгледа уште почудесно.
„Се случи сам да го посетам аулот. Стигнав таму и целосно стивнав. Времето запре. Не постоеше ништо друго на светот. Само тишина, празни ѕидови и слепи прозорци. ...Местото не е морничаво, туку многу специфично“, се присети Александар Попов, кој повеќе пати го посетил Гамсутљ.
Локалните жители, исто така, се обидуваат да заработат на Гамсутљ, така што превезуваат туристи до планината, организираат тури на коњи и екскурзии. Затоа, во текот на денот, ова место понекогаш е преполно со луѓе. Затоа главниот совет што можат да ви го понудат оние што го посетиле ова место е да дојдете во селото што е можно порано наутро, во зори.
За да можете во самотија, како порано Абдулжалил Абдулжалилов, да прошетате по неговите древни улици и да уживате во закрепнувачката тишина.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче