Архангељска соборна црква: Истражување на царската некропола на московскиот Кремљ

Московски Кремљ. Архангељска соборна црква, поглед од северозапад. Десно во позадина: Троицката кула на јужните ѕидини на Кремљ. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 17 јуни 1994 година.

Московски Кремљ. Архангељска соборна црква, поглед од северозапад. Десно во позадина: Троицката кула на јужните ѕидини на Кремљ. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 17 јуни 1994 година.

Историчарот на архитектура и фотограф Вилијем Брумфилд ја проучи главната царска некропола во Русија која ја вршела својата улога сѐ до префрлувањето на престолнината во Санкт Петербург.

На почетокот на 20 век рускиот хемичар и фотограф Сергеј Прокудин-Горски осмислил комплексен процес на фотографирање во боја кој дава исклучително живописни фотографии со мноштво детали. Неговата визија за фотографијата како едукативна и просветителска форма просведочена е со посебна јасност на неговите фотографии на архитектонските споменици од историските локации ширум Русија.

Основен дел од колекцијата на Прокудин-Горски влезе во состав на американската Конгресна библиотека, а овој руски фотограф во Америка исто така разви бизнис со производство на разгледници во боја и илустрации во книги. Во 1914 година неговата компанија го промени називот во Biochrome.

Првите прикази

Московски Кремљ, поглед од југозапад преку реката Москва. Одлева надесно: Камбанаријата на Иван Велики, Архангељска соборна црква, Спаска кула. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 21 август 2010 година.

Меѓу публикациите со колор-фотографии на Прокудин-Горски се наоѓа и голем албум објавен во 1913 година по повод тристагодишнината на династијата Романови. Илустрациите опфаќале негови репродукции на гравури направени за албумот кој во 1673 година му е врачен на царот Алексеј Михајлович во спомен на неговиот татко Михаил Фјодорович, првиот цар од династијата Романови.

Една гравура го прикажува свечениот настан од 21 февруари 1613 година кога народот му се заколна на верност на новоизбраниот цар Михаил на Црвениот плоштад. Детали од овој настан се предмет на историски дискусии, а приказот на народот е имагинативна реконструкција.

Проглас за крунисување на царот Михаил Романов во 1613 година. Црквата на Василиј Блажени на Црвениот плоштад (лево) со шематски приказ на храмовите на Кремљ, десно од Камбанаријата на Иван Велики. Гравура од 1673 година.

Сепак, гравурата прикажува градби кои постојат до денешен ден. Главната архитектонска структура, секако, е храмот на Василиј Блажени со бројните куполи. Во позадина се ѕидините на Кремљ со високата Спаска кула, која првобитно се нарекувала Фроловска, а во 17 век позната е и како „Ерусалимска“.

Архангељска соборна црква. Поглед од југ преку реката Москва. Во преден план: јужниот депанданс, доѕидан во 1772. Фотограф: Вилијем Брумфилд. 10 ноември 1979 година.

Зад ѕидините се шематски прикажани Камбанаријата на Иван Велики и куполите кои го сочинуваат Соборниот плоштад во центарот на московскиот Кремљ. Како еден од најкарактеристичните архитектонски ансамбли на светот овој комплекс градбата ја опфаќа и Успенската црква, централниот храм на Русија до 1917 година.

Архангел Михаил

Архангељска соборна црква. Поглед од североисток на Соборниот плоштад од Камбанаријата на Иван Велики (лево) и Успенскиот собор, источна фасада. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 17 јуни 1994 година

Секој споменик на архитектонскиот ансамбл на московскиот Кремљ има специјална улога, но ниту еден не е повеличествен од црквата Архангел Михаил, царската некропола. Михаил се почитува како заповедник на небеската војска и обичен е прикажан со меч. Архангел Михаил како претставник на највисоката божествена моќ е избран за заштитник на московските владетели.

Архангељска соборна црква. Поглед од североисток од Камбанаријата Иван Велики. Лев агол: доѕидан спореден олтар првобитно посветен на Покров на Пресвета Богородица. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 17 јули 2009 година.

Архагељската црква е подигната во периодот од 1505 до 1508 година. Започнала на врвот на градителската активност на Иван Трети Василевич во седумдесеттите години од 15 век, а ја завршил неговиот син, великиот кнез Василиј Трети Иванович (владеел од 1505 до 1533 година). Црквата е подигната на местото на претходниот храм со истото име, изграден во 1333 година за време на владеењето на великиот кнез Иван Калита. Зазема посебно истакнато место на јужната страна на Соборниот плоштад со поглед на реката Москва.

Архангељска соборна црква. Источна фасада, поглед од Камбанаријата на Иван Велики. Лев агол: доѕидан споредниот олтар на Покров на Пресвета Богородица. Од другата страна на апсидата: доѕидана капелата на Јован Крстител. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 17 јули 2009 година.

Како архитект на новата Архангељска црква во руските летописи се наведува Алевиз Нови за да се разликува од „постариот“ Алевиз, кој ги изградил североисточните ѕидини на московскиот Кремљ. Неговиот идентитет неодамна со голема веројатност е утврден како Алоизио Ламберти да Монтањана, ученик на Мауро Кодусиј од Венеција. Постојат јасни сличност помеѓу архитектурата на доцниот 15 век во реонот на Венеција и работата на Алевиз во Москва.

Архангељска соборна црква. Поглед од североисток од Камбанаријата на Иван Велики. Горна структура со карниза, забати со декоративни „школки“, покрив и куполи. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 17 јули 2009 година.

Алевиз се упатил во Русија благодарение на пратеничката мисија на Дмитриј Ралев во Венеција и во други северни италијански градови во 1500 година. Во Москва стасал во 1504 година откако во Бахчисарај подигнал палата за кримскиот хан Менгли-Гиреј. На почетокот на 1505 година работел на храмот кој во текот на речиси два века ќе биде гробница на руските велики кнезови и цареви, сѐ до Петар Велики, кој е погребан во црквата свети Петар и Павле во Санкт Петербург.

Руско-италијанска мешавина на стилот

Архангељска соборна црква. Западна фасада, забати со „школки“ во венециски стил. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 23 март 1991 година.

На прв поглед Архангељската соборна црква претставува јасен пример на италијанскиот период на архитектурата на московскиот Кремљ. Декоративните детали на фасадата се особено блиски на она што може да се види на венециските споменици од крајот на 15 век, како што се трабеациите и забатите на Великата школа на Сан Марко. Италијанските црти се воочливи и на четири богато украсени со резба и насликани портали од варовник, од кои три се наоѓаат на западната фасада. Централниот портал е опкружен со фрески на тема на Страшниот суд и прифаќањето на христијанството во Русија.

Архангељска соборна црква. Западна фасада, капител во ренесансен стил. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 23 март 1991 година.

И покрај „модерните“ западњачки елементи, Архангељската црква во споредба со нешто постарата Успенска црква претставува враќање на традиционалниот тлоцрт во облик на крст впишан во квадрат, при што краците од крстот во ентериерот се претставени со широките бродови на црквата. За ентериерот се исто така карактеристични масивни четириаголни столбови како што се среќаваат во раните цркви на Новгород и Владимир.

Меѓутоа, овој наизглед архаичен тлоцрт потсетува на дизајнот на венециските градби, како што е црквата свети Марко, на пример, кои исто така трпат влијание од византиската архитектура. Сличностите се уште повоочливи доколку се споредат со помалите венециски цркви од ренесансниот период.

Архангељска соборна црква. Поглед од југозапад со доѕидан јужен депанданс (1772). Фотограф: Вилијем Брумфилд, 17 јуни 2012 година.

Овие мотиви од италијанската архитектура на 15 век се уште повидливи на почетокот на 16 век, кога црквата Архангел Михаил имала отворена галерија со столбови по должината на сите ѕидови освен на источната фасада. Ваквите галерии во екстериерот биле карактеристични за северната италијанска архитектура, иако се појавуваат и кај црквите од 12 век, исчезнати во епохата на Владимиро-Суздаљското кнежевство.

Постојана доработка

Од времето на изградбата црквата Архангел Михаил има претрпено значајни модификации. Тие опфаќаат измена на покривот, чиј првобитен облик, во црвена и црна тула, почивал директно на контурите на цилиндричните сводови. Сегашниот метален покрив ги покрива заватите во облик на школки и ги засенува орнаментите на врвот на забатите.

Архангељска соборна црква. Западна фасада со венециски елементи: лакови, кружни прозорци, капители во ренесансен стил и забати со „школки“. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 17 јуни 2012 година.

Сепак, изрезбаните школки во варовник – венециски мотив на кој подоцна му се восхитувале руските архитекти – останале недопрени. Нивните рафинирани круни ги украсуваат ѕидовите од тула кои хоризонтално се поделени на две нивоa со комплекс лакови, пиластер и карнизи.

Долното ниво на фасадата изгледа како аркатура подигната над остро окованата основа од варовник. Двете нивоа ги разделува карнизот на класични столбови. Оваа необична примена на класични елементи на фасадата создава скулптиралност на архитектонската форма.

Архангељска соборна црква. Западна фасада, главен портал. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 11 декември 2001 година.

Трабеацијата на горното ниво ги издвојува забатите во облик на школки и раскошно украсениот покрив го засилува впечатокот на импозантната правоаголна конструкција. Контрастот меѓу ѕидовите од тула и декоративните елементи во варовник првобитно бил акцентиран со нанесување црвена боја на тулата, што е карактеристика изгубена во 18 век кога ѕидовите се покриени со штукатура.

Ритмичката сегментација на структурата е нагласена со помош на пет травеи (наместо вообичаените четири) со нееднакви должини на северната и на јужната фасадата. Помалиот петти травеј на западниот крај го опфаќа третото ниво со специјална галерија за сопругата на великиот кнез и за нејзината свита.

Архангељска соборна црква. Западна фасада, горен дел на главниот портал со акротерија и фреска Судниот ден. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 17 јуни 2012година.

Декор на ентериерот

Најстарите фрески на внатрешните ѕидови на црквата исчезнале кон крајот на 16 век, за време на владеењето на Иван Грозни. Само определени фрагменти на фреските од тој период се зачувани до денес.

Архангељска соборна црква, ентериер. Поглед во централната купола со приказ на Светото Тројство. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 11 јули 1999 година.

Во својот сегашен изглед фреските датираат од средината на 17 век (1652-1666) и ги има направено група мајстори на чело со Симон Ушаков, најпознат руски иконописец од тој период. Западниот ѕид го опфаќа особено живописен приказ на Судниот ден.

Архангељска соборна црква, ентериер. Западен ѕид, десна страна со фреските Судниот ден од XVII век. Над Христа: Адам и Ева во рајската градина. Фотограф: Вилијем Брумфилд, 11 јули 1999 година.

Освен религиските теми, сликите прикажуваат и познати руски владетели. На пример, масивните столбови содржат ликови на великиот кнез Владимир, кнегињата Ољга, мачениците Борис и Глеб, како и други личности од раното средновековие на Русија. Во долниот дел на ѕидовите, прикажани се „портрети“ на владетелите погребани во црквата.

Архангељска соборна црква. Југозападен агол со западниот ѕид, лева страна. Фрески во горниот ред: Собор на архангелите со приказ на Светото Тројство; Црковни великодостојници и владетели се заколнуваат на верност на „единствената света апостолска црква“; Христови дела; „портрети“ на Рјуриковичи.

На источната страна се наоѓа голем иконостас кој го одвојува централниот простор на црквата од олтарот. Денешниот изглед на иконостасот потекнува од 1679-1681 година, од времето на краткото владеење на царот Фјодор Трети. Долната низа на иконостасот содржи особено вредни икони од раниот период, вклучувајќи и приказ на Архангел Михаил од 1399 година.

Архангељска соборна црква, ентериер. Поглед на северниот ѕид. Во преден план во средина: централниот северен столб, од јужната страна приказ на Свети Глеба. Лево: северозападниот столб со приказ на света Ољга. Десен агол: иконостас. Фотограф: Вилијем Брумфилд. 11 јули 1999 година.

На прв поглед ентериерот на Архангељската цркна може на набљудувачот да му остави импозантен, па дури и оптоварувачки впечаток со своето богатство од визуелни прикази во сеновитите бродови на градбата. Меѓутоа, по внимателно, бавно набљудување тој може да добие подлабок увид во смислата на средновековниот споменик на руската култура кој преживеал странски инвазии и револуционерни преврати.

Архангељска соборна црква, ентериер. Северен ѕид од северозападната купола. Поглед на исток кон иконостасот од горните низи на пророци и патријарси (горен ред). Фотограф: Вилијем Брумфилд, 17 јуни 2012 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња