Балтичка фока: морски цицач со крупни очи од Петербург

Legion Media
Обично фоките внимателно ја чуваат својата приватност и ги избегнуваат луѓето, но во Петербург живеат многу специфични припадници на овој вид. Буквално може да се случи да излезат од каналот и да тргнат кон вас.

Кон средината на јули 2022 година, вниманието на петербуршките социјални мрежи го освои видеото од фока која излезе од водата и се протегна на скалите на кејот, уживајќи во градскиот самрак. „Крофна“, „ѕвезда“, па дури и „симбол на градот“ - така жителите на Петербург го коментираа нејзиниот изглед. Станува збор за балтичка фока, подвид на прстенестата фока, која живее во водите на Финскиот залив. Многу е ретка.

Загрозен вид

Во Финскиот залив живеат 200-300 балтички фоки, повеќето од нив на територијата на Русија (одреден број фоки може да се најдат и во близина на Естонија и Финска). Нивната популација почна нагло да се намалува на крајот на ХХ век и тие беа ставени во Книгата на загрозени видови на Санкт Петербург.

Досега не е утврдена точната причина. Некои научници сметаат дека тоа е последица на човечкото влијание, додека други сметаат дека причината лежи во претоплите зими со малку снег. Имено, за да донесе на свет и одгледа младенчиња, на фоката ѝ е потребен крајбрежен слој мраз кој е стабилен најмалку еден месец, а поради топлите зими често нема доволно мраз.

Ситните, исцрпени младенчиња на балтичките фоки често ги пронаоѓаат на бреговите на Финскиот залив рибари и туристи. До неодамна никој не знаеше што да прави со нив во вакви случаи. Дури на почетокот на 2000-тите се појавија волонтерите-зоолози Вјачеслав Алексеев и Елена Андриевска, кои почнаа да се занимаваат со спасување и рехабилитација на фоките. Од 2014 година, под нивно раководство во Санкт Петербург работи Фондацијата „Пријатели на балтичката фока“. А управата на градскиот канал издвои простор за центар за рехабилитација во населбата Рјепино. Токму на ова место младенчињата се подготвуваат за живот во дивината. Центарот за рехабилитација денес во својата евиденција има над 130 спасени фоки.

Во Петербург доаѓаат преку каналите

Санкт Петербург лежи на реката Нева (која го поврзува езерото Ладога со Финскиот залив) и целиот е испресечен со канали, поради што е познат како „Северна Венеција “. Благодарение на овие канали балтичките фоки пристигнуваат во градот. На пример, во ноември 2022 година, жителка на Санкт Петербург сними балтичка фока како лови во рекичката во близина на метро-станицата „Нарвскаја“.

Фоки се забележани и во центарот на градот во каналот „Грибоедов“, во Петропавловската тврдина и на повеќе кејови во градот. Денес, многумина петербуржани знаат дека ако фоките изгледаат здраво и ухрането, не треба веднаш да паничат. Животното може едноставно да се одмора на брегот, да ужива во зајдисонцето, а потоа да си тргне по својот пат. Но, доколку се забележи дека фоката е во лоша состојба, мора да се известат зоолозите.

Сепак, градските фоки се реткост. Обично дивите животни ги избегнуваат луѓето и одат малку позападно од островот Котлин.

Тешки и округли

Фоките, општо земено, не се големи животни. Но, балтичките спаѓаат меѓу најкрупните видови. Може да бидат долги и до метар и пол, а тешки 120-130 килограми. Едноставно им треба дебел слој на поткожно сало за да преживеат во студените води на Балтикот.

Шарата во вид на светлосиви прстени на темното крзно им дава особено шармантен изглед, а крупните темни очи без дно ќе го стопат секое срце.

Овој незаборавен поглед во нивните очи се создава кога животните ќе поминат надвор од водата подолго време. Имено, нивниот организам тогаш лачи посебен секрет кој ја одржува влажноста на слузокожата и на очите им дава посебен сјај.

Не заборавајте дека е месојад

Иако се исклучително симпатични, фоките, како и сите перконоги, се првенствено месојади. Тие не се дружат меѓу себе, но повремено одмараат на карпи недалеку едни од други, бидејќи така полесно ја забележуваат опасноста.

Меѓу силните заби фоката може да држи лизгава и крупна риба, така што без никаков проблем може да ве касне и вас. Затоа, благо кажано, не препорачуваме да се обидувате да ја погалите.

Се придржуваат до дневен распоред  

Руските зоолози во 2017 година спроведоа набљудување и следење на балтичките фоки со помош на фото-замки. Открија дека тие се придржуваат до строг дневен распоред.

Одат на лов во 7:30 часот, а се враќаат на нивните омилени камења за одмор по 15:30 часот. Притоа наутро заминуваат сите заедно, а се враќаат една по една. Научниците исто така забележаа дека има повеќе фоки навечер отколку наутро, што значи дека некои од нив одат на лов порано, пред зори.

Можат да се навикнат на присуството на луѓе

Балтичката фока за најблиска роднина ја има таканаречената ладошка прстенеста фока, која го населува езерото Ладога. Таа е малку поситна од балтичката, но е исто толку симпатична и дружељубива. Токму на овој подвид припаѓаат најпознатите фоки на Петербург - Крошик и Шлисик, кои жителите на градот ги спасија пред неколку години и ги донесоа во Фондацијата „Пријатели на балтичките фоки“.

Неколку пати Фондацијата се обиде да ги врати во природата, но тие, откако малку ќе се промуваат во „дивите“ води, повторно им се враќаат на луѓето. На крај, на нивно огромно задоволство, беше одлучено да ги задржат во базенот на центарот за рехабилитација. Експертите од центарот сметаат дека тоа е последица на фактот што се пронајдени на многу рана возраст.

Погледнете само како итаат на појадок!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња