Кои народи живеат во Сибир?

Тувинки

Тувинки

Илья Наймушин/Sputnik
Туванците се познати како мајстори за грлено пеење, Јакутите раскошно ја слават Новата година среде лето, а Ненците се најпознатите номади во краиштата зад Северниот поларен круг.

Сибир е огромен регион во Азија. Се протега од планините Урал до Јакутија и Чукотка, односно до вододелницата меѓу басените на Северниот леден океан и Тихиот океан. По прашањето на географските граници на Сибир научниците не се согласуваат. Некои тука вклучуваат и дел од Урал и Далечниот Исток на Русија, а некои не. Во секој случај, според различни проценки, Сибир зазема од половина до две третини од територијата на Русија. Иако Русите го сочинуваат мнозинството од населението на Сибир, тука сè уште живеат неколку десетици различни мали народи.

1. Јакути

Јакутија според територијата е најголемиот регион во Русија кој се протега низ три временски зони. Иако административно припаѓа на Далекоисточниот федерален округ, географски спаѓа во Сибир.

Староседелци во оваа република се Јакутите, односно народот Саха, најбројниот меѓу домородните народи на Сибир. Според податоците од 2021 година, ги има 487 илјади (од кои 466 илјади живеат во Јакутија и сочинуваат околу половина од населението на оваа република). Тие имаат свој јазик, свој народен еп, свои обичаи, па дури и силно развиена кинематографија. Нивниот главен празник е летната „Нова Година“ Исиах (повеќе за Јакутите пишувавме овде).

 2. Бурјати

Бурјатите ја населуваат областа околу Бајкалското езеро во Источен Сибир. Нивниот јазик припаѓа на групата монголски јазици и тие се претежно будисти. Во Сибир многу популарна е бурјатската кујна, особено пељмените-пози (крупни варени на пареа парчиња тесто полнети со месо) и традиционалниот чај со сол и путер.

Во Русија живеат вкупно 461 илјади Бурјати, а над половина од нив живеат во Република Бурјатија. Уште 73-77 илјади припадници на овој народ живеат во соседната Иркутска област и Забајкалскиот крај.

3. Туванци

Од 300 илјади Туванци, 250 илјади живеат во нивната Република Тува во јужниот дел на Источен Сибир. Таму туванскиот јазик, кој спаѓа во групата на туркиски јазици, има статус на државен.

Туванците се познати по нивното грлено пеење, кое до ден-денес е популарно дури и меѓу младите изведувачи.

4. Алтајци

Домородните народи на Алтајските планини денес живеат претежно во Република Алтај и Алтајскиот крај. Во Русија ги има околу 80 илјади. Меѓу Алтајците се разликуваат неколку подетноси, како што се Теленгитите, Телеутите, Челканците и други. Некои научници сметаат дека тие претставуваат посебни народи (повеќе за нив пишувавме овде).

5. Хакаси

Хакасите се домороден туркиски народ на Република Хакасија на југот на Сибир (западно од Бајкалското езеро). Нивното население брои околу 63 илјади луѓе, со неколку подетноси и дијалекти. Културно, тие се најблиски на Алтајците.

6. Ненци

Најпознатите номади на Сибир и рускиот Арктик, Ненците (Самоједи или Самодијци) ја населуваат територијата од полуостровот Кола до Тајмир. Севкупно има околу 50 илјади припадници на овој народ, а повеќето од нив работат во тундрата како сточари на ирваси (подетално за народите на Рускиот Арктик дознајте овде).

7. Ханти

Угрофински народ во Западен Сибир, кој може да се сретне претежно во Ханти-Мансијскиот автономен округ (дел од Тјуменската област). Вкупно ги има малку повеќе од 30 илјади, а зборуваат на дури на три различни дијалекти. Зборот „Ханти“ значи просто „човек“.

8. Манси

Мансите од лингвистичка гледна точка се народ најблиску до Хантите, како и нивните соседи. А сепак имаат свој јазик. Во Русија како Манси вкупно се изјаснуваат повеќе од 12 илјади луѓе.  

9. Шорци

Исто така, околу 12 илјади луѓе во Кемеровската област (Западен Сибир) се нарекуваат себеси Шорци. Тоа е посебен туркиски народ со богата традиција на епско творење и грлено пеење. Дел од Шорците живее во планините (во регионот на Планинска Шорија на границата на Кемеровската област и Алтајските планини), а дел живее во појасот на шумските степи.

10. Сибирски Татари

Научниците го проценуваат бројот на Сибирските Татари во широк опсег од 10 илјади до половина милион луѓе. Зошто е така? Станува збор за фактот дека некои истражувачи сметаат дека Сибирските Татари се подетнос на Татарите кои инаку живеат во Сибир (главно во Новосибирската, Томската и Кемеровската област). Додека други тврдат дека Сибирските Татари се посебен народ. Имено, Русите порано ги нарекувале Татари воопшто сите припадници на туркиските народи.

Меѓу самите Сибирски Татари има и посебни подгрупи со различни обичаи и дијалекти. Се издвојува мала група Сибирски Татари - Крјашени, кои се православни, а не муслимани.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња