Како се вљубив во Тува, еден од најконтроверзните краишта на Русија (ФОТО)

Мајкл Клајн
Оваа република на југот од Сибир е место кадешто живеe мал број етнички Руси. Мајкл Клајн од САД трипати го посетил ова парадоксално место, кое претставува мешавина од религии, култури, јазици, архитектура и епохи. Еве што има напишано за своите авантури.

„Тоа беше пастор кој се грижеше за своите животни. Ја работеше истата работа која неговите предци ја правеле со години и ја носи истата облека како што ја носеле тие, Единствената разлика беше во тоа што го извади својот смартфон за да се фотографира со мене. Тува продолжи да ме изненадува со своите контрадикторности“, пишува Мајкл Клајн во книгата „Моите авантури во Тува“.

Мајкл е роден во Соединетите Американски Држави и долго живеел во Њујорк, додека во 2020 не се преселил во Барселона. Последните десет години работел како возач за Убер. Тој е еден од ретките странци кои ја посетуваат Република Тува, на самата граница со Монголија. Таму има отидено три пати.

„Знаев дека дел од популацијата води номадски начин на живот и можев да видам на снимката дека тоа е навистина убаво место. Но, она што го замислував и она што навистина е се две сосема различни нешта“, вели тој.

На Господ зад трегери

„Во 1999 година наидов на филмот 'Џингис блуз', документарец за слеп пејач на блуз кој ја открива музиката на Тува. Го пронајдов во вистинскиот момент од мојот живот кога минував низ некои тешки моменти“, така започнал неговиот интерес за Тува.

Со оглед на тоа што претходно немал слушнато ништо за Тува, бил маѓепсан од нејзината музика: од тувинското грлено пеење. Почнал да оди на концерт на тувински групи кои биле на турнеи во Америка. „Никогаш не пропуштав некој нивен концерт и бев подготвен да патувам осум часа со кола за да присуствувам на тие настани“, се сеќава Мајкл. Наскоро меѓу него и членовите на групата, пред сè на групата Алаш, се родило пријателство и тие го поканиле во Тува за да ја види со сопствени очи. Претходно никогаш не бил во Русија.

„Како возач на Убер во Њујорк често возев Руси. Кога ќе им кажев дека ја имам посетено нивната земја, ме прашуваа дали сум бил во Москва или во Санкт Петербург. Кога ќе им кажев дека сум бил во Сибир, во Република Тува, некои за тоа место никогаш немаа ни чуено, додека други ме прашуваа зошто некој воопшто би одел таму!“, вели тој.

Престолнината на Тува, Кизил, се наоѓа на 4.659 километри од Москва. Таму нема мегалополиси, развиени бизнис-средини, ниту, пак, голем број туристи. Околу 80% од територијата на републиката е под планини, а останатиот дел главно е под степи. На територијата на која би можеле да се сместат три Швајцарии живеат 332,5 илјади луѓе.

„Мојот прв впечаток беше дека се наоѓам буквално на Господ зад трегери и дека таму е многу тешко да се стаса. Денес постои директен лет од Москва до Кизил, но кога јас патував таму таков лет не постоеше. Патував девет или десет часа од Њујорк до Москва, а потоа долго чекање до следниот лет во Абакан, Хакасија. А, оттаму шест часа со такси до Кизил“, се сеќава Мајкл.

На северот и на истокот од Тува лежат Сајанските планини. „Kога ги минав Сајанските планини, пејзажот навистина се смени. А, кога ќе стасате до границата со Тува сè изгледа надреално. Бескрајната степа е навистина поубава одошто можете да замислите“, вели тој.

Мешавина на Азија и Русија

„Тувинците имаат монголски црти на лицето, но се посебен народ, кој се разликува од Монголците. Ги има околу 300 илјади. Тоа е мошне мал народ и навистина е единствен“, вели Мајкл Клајн.

Веднаш паѓа во очи тоа дека во Тува живеат мошне мал број етнички Руси, само 16% според пописот од 2010 година. Тувинци има 82% и многумина од нив во секојдневниот живот повеќе зборуваат тувински. Рускиот во училиштата се предава како странски јазик.

„Според моето искуство доминантен јазик е тувинскиот, но поголемиот дел течно зборуваат руски, само што не може често да се слушне. Немам запознаено многу етнички Руси, но ги има. Понекогаш ќе влезев во продавница и ќе се изненадев кога ќе видев дека на касата седи Русин или Русинка“, вели Мајкл. Тој имал среќа што речиси секогаш бил во придружба на познаниците од Тува, зашто Тувинците генерално слабо зборуваат англиски.

Остатоците од советското минато на Тува исто така можат да се видат насекаде. „Изгледаат малку непримерно“, смета Мајкл. „Но, се добро потсетување дека се наоѓате во Руската Федерација“.

Најочигледно потсетување е огромниот споменик на Ленин на главниот плоштад на градот. Но, на Мајкл нешто друго му го привлекло вниманието: „Каде и да одев, наидував на споменици посветени на Втората светска војна. Тувинците се бореле против нацистите заедно со руската војска, за што јас како Американец никогаш немав чуено. Во речиси секое село ги посетував спомениците на кои се наведени имињата на локалните жители кои загинале во војната. Тоа ми се стори мошне интересно“.

Зошто некој воопшто би заминал таму?

Мајкл за првпат ја посетил Тува во 2016 година и таму останал 15 дена. Веќе една година подоцна повторно се вратил. Неговата познаничка од Тува му рекла: „Кога еднаш ќе го вдишеш воздухот на Тува, тој секогаш ќе те повикува повторно да дојдеш“. „Можам да потврдам дека тоа е вистина“, се сложува тој.

Вториот пат отишол на меѓународен фестивал на грлено пеење, каде добил звање амбасадор на тувинската култура во Америка. Една година подоцна бил на симпозиум за тувинско грлено пеење. Сакал да дојде и во 2020 година, но го спречиле ограничувањата поврзани со пандемијата од КОВИД-19.

„Пејзажите и окружувањето се апсолутно прекрасни. Фотографиите и снимките не можат да ви пренесат колку е тоа фантастично. Каде и да се наоѓав, секогаш можев да ги видам планините. А, тука планините ги имаат сите бои, облици и големини. Тоа е убавина на празнината, а ако внимателно погледнете, тука има многу повеќе од рамна земја. Во 2018 година група пријатели ме одведоа да го видам Чаа Хољ. Тоа беше толку неверојатно што не можев да престанам да се смеам. Пријателите ме прашуваа дали нешто не е во ред, а јас само можев да им кажам: Ништо на светот не е толку убаво, ова мора да е фотошоп!“, се сеќава тој.

„Уште една работа што ме воодушеви беше љубезноста на луѓето со кои се запознав. Ќе се најдев во мали села кога ќе посетував семејства на некои мои пријатели и секогаш ќе добиев повеќе храна одошто можев да изедам и секогаш имав место за да преспијам. Беа многу љубезни со мене, иако не го зборував нивниот јазик. Добивав сè што ќе побарав. Тоа беше вистинско искуство кое те учи на скромност. Поголемиот дел од нив беа импресионирани што сум минал толку долг пат за да ја видам нивната земја и да ги научам нивните обичаи“, вели Мајкл.

Многумина ја познаваат Тува и како место каде се мешаат будизмот и шаманизмот, и тоа лесно може да се почувствува дури и ако човек не е подлабоко запознаен со религијата, признава Мајкл. Во 2016 година еден негов другар го одвел на авантура на крајниот запад на Тува.

Неговиот син добил како награда коњ на натпреварување во грлено пеење и им претстоел долг пат во Бај-Тајгинскиот реон за да ја земат наградата од семејство номади. По пат многу пати запирале на свети будистички места и за дрвјата врзувале кадаки, разнобојни парчиња ткаенина.

„На враќање запревме во будистички храм во близина на селото Чад, што е мошне свето место. Не знам дали тоа беше поради возбуда што сум се нашол толку длабоко во тувинската внатрешност или навистина нешто почувствував, но се расплакав. Не можам да го опишам она што го почувствував, некаков вид енергија, нешто што фотографиите, снимките, па дури и зборовите не можат да го пренесат“, се сеќава тој.

Подоцна нешто слично почувствувал на друго свето место кое се нарекува „Отпечаток од будиното стапало“. Тувинците веруваат дека токму на ова место Буда се спуштил од небесата. „Тоа е едно од моите омилени места и е неверојатно убаво. Таму почувствував слична енергија“, вели тој.

Место што малкумина ќе го доживеат

За волја на вистината, Тува нема најдобра репутација. Кизил е најопасниот град во Русија со најголем број убиства по глава на жител, а Тува е најсиромашниот руски регион и најлош според квалитетот на животот. Мајкл вели дека сето тоа го знаел пред да дојде, но дека тие факти не го поколебале.

„Сите места имаат опасни делови и лоши луѓе и тие се прилично очигледни. Немав никакви проблеми во текот на моите патувања во Тува, но исто така не излегував навечер и ги избегнував баровите. Да бидам искрен, се чувствував прилично безбеден“, вели тој.

Но, кога зборува за Тува, тој е убеден дека тоа не е место за секого. Луѓето кои заминуваат таму се интересираат за грленото пеење или за шаманизмот, а овие две нешта се најголемата знаменитост во Тува, смета Мајкл.

На Фејсбук Мајкл ја води групата под назив TUVAN MUSIC, која има веќе околу 5.000 членови. Некои од нив веќе ја имаат посетено Тува и се подготвени да го споделат своето искуство.

„Имам пропатувано многу низ светот: Европа, Централна Америка, Јужна Америка, но никогаш не сум бил на толку убаво место како што е Тува. Кога ќе стасате таму, едноставно знаете дека сте на посебно место, место кое малкумина ќе имаат можност да го доживеат“, смета тој.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња