Како денес живеат Јакутите, најголемиот пагански народ во Русија?

Андреј Сорокин
Автохтониот народ на Јакутија накусо може да се окарактеризира како мошне образован и напреден свет. Меѓутоа, многумина ја имаат зачувано традиционалната паганска вера и не се одрекуваат од носењето носија, иако ја носат само еднаш годишно.

Јакутите или Саха, како што себеси се нарекуваат, се уникатен народ во Русија, а живеат во најголемиот и најстуден регион во земјата Јакутија. Тие го сочинуваат половина од населението на Републиката – 466 илјади од 900 илјади жители (останатите се Руси и други автохтони народи од Северот) и со векови го чуваат својот идентитет.

Јакутија е регион со високи плати, со оглед на тоа што тука се наоѓаат големи компании за експлоатација на дијаманти, научни центри, како и првиот ИТ-парк на рускиот Далечен Исток во кој работат дизајнери на игри и на апликации, иако на север, секако постојат и номади и одгледувачи на елени. Тука се возат јапонски автомобили со волан на десната страна, се јаде рамен, младината ја следи корејската поп-култура.

Притоа, Јакутите имаат своја современа култура, музика, накит, стилизиран според примерот на старинските амајлии, национални спортски игри како што се „влечење палка“, борење или носење камен тежок 115 килограми. А, Јакутите, инаку, до денешен ден се пагани.

На кој јазик личи јакутскиот?

Јакутите се турски народ, а нивниот јазик од една страна е близок на татарскиот и на башкирскиот (на пример, „еден“ на татарски се вика „бер“, а на јакутски „биир“), а од друга страна има голем број конструкции од палеоазиските јазици.

Во јакутскиот јазик постојат и зборови кои многу личат на руските. На пример, тенџере на руски се вика „кастрюля”, а на јакутски „көстүрүүҥкэ“.

Јакутскиот јазик напоредно со рускиот е службен јазик на Република Саха. Се користи и за меѓусебна комуникација и во административните работи и во медиумите заедно со рускиот. И во училиштата и на универзитетите наставата се одвива на обата јазика. На мајчин јазик зборуваат повеќе од 450 илјади Јакути, односно околу 90 отсто од припадниците на овој народ. Меѓутоа, 90 отсто од Јакутите исто така зборуваат и на руски, при што две третини течно ги зборуваат и двата јазика според Серускиот попис од 2010 година.

Уште една занимливост на јакутскиот јазик е поврзана за фактот што без оглед на големата оддалеченост на населените места не постојат многу разлики во дијалектите на северните, на јужните и на централните Јакути.

Најважниот литературен еп на Јакутите се нарекува „Олонхо“ и составен од долги, по 30 илјади зборови, поеми, кои ги интерпретираат раскажувачи.

Како се облекуваат Јакутите?

Јакутите имаат летна и зимска варијанта народна носија. Назима се облечени во сосема долги капути украсени со крзно, дополнети со високи капи.

Мажите налето носат кошули со ремен или црни кафтани, а жените шарени долги фустани од сатен или од свила. Од јакото сонце се штитат со шешири од коњско влакно.

Традиционалниот женски накит е изработен од сребро со различни мотиви. Тука се подразбираат украси за глава, за грб, за коса, обетки, ѓердани, широки алки и прстени. Можете да си замислите колку сето тоа е тешко за носење.

И мажите и жените поседуваат специфичен аксесоар, дрвени мавталки од коњско влакно во различни големини и облици, а дршката дури и е украсена со сребро. Тие служат за бркање комарци кои налето можат да прават големи проблеми.

За разлика од многу други народи, Јакутите мошне често поседуваат примероци на народна носија, иако ја носат многу ретко. Пред сѐ на својот главен празник Исијах, односно на високиот сонцестој.

Во што веруваат Јакутите?

Модерни пагани, токму вака би можел да се опиши поголемиот дел од јакутскиот народ. Јакутите ја имаат зачувано својата традиционална вера, без оглед на покрстувањето во 17 век кога Јакутија влегла во составот на Русија. Нивната религија се нарекува Аар Ајии и запишана е во регистарот на вероисповеди заедно со православието.

Според нејзиното учење светот е составен од три дела: горен, во кој живеат предците на Јакутите, подземен свет во кој живеат злите духови и средниот во кој живеат луѓето. Симбол на ова тројство е Големото џиновско дрво.

Јакутите мислат дека духовите не прифаќаат крвни жртвопринесувања, па затоа ги смилостуваат со нешто вкусно, така што пржат крофнички во нивна чест и пијат кумис (ферментирана напивка од млеко од кобила).

Обредот на очистување од злите духови го обавува „алгисчит“, односно повикувачот на добрите духови.

Не може секој повикувач на добрите духови да стане шаман. Јакутите сметаат дека за тоа е потребна посебна дарба, а самата процедура е поврзана со нечовечки болки. Во Јакутија постојат само неколкумина шамани и тие мошне ретко се појавуваат во јавноста.

Традиционалните верувања ги почитуваат дури и православните Јакути кои ги има повеќе од 40 отсто.

Колку имиња имаат Јакутите?

Јакутите имаат различни имиња, обично руски како што се Евгениј(а), Михаил, Наталија или Ана, но и традиционални јакутски како што се Сардаана, Ајсен, Арилхај.

Популарни се и „двојни“ имиња кои се составени од руско и од јакутско. Николај-Серге, Алексеј-Хомустаан, Елисавета – Тујаарима.

Мошне често се среќаваат и латински имиња, како што се Розалија или Дијана. Се случуваат и ситуации во личните документи да им стои руско или латинско име, а луѓето да се претставуваат со „јакутизирани“ имиња. Да кажеме Дијана е Дајаана, Марија – Маарија, Фјодор – Суодер.

Што јадат Јакутите?

Во националната храна на Јакутите спаѓаат месото, рибата и млекото. Општо земено, хранат треба да помогне да се преживее во тие сурови предели. Од местото популарно е жребиното, а не коњското. Како што велат самите мештани, тоа е зашто во минатото многу жребиња не успевале да ја преживеат зимата. Месото и внатрешните органи се користат за подготвување колбаси.

Од риби, свежа или замрзната обично се прават нарезоци или се пржи. Во Јакутија има многу реки и езера, се одгледуваат чир, омул и муксун.

Мошне популарни се напивките од кравјо и од млеко од кобила.

Но, во јакутската кујна сигурно нема да најдете овошје и зеленчук, зашто тие во овие предели не растат. Главниот десерт е изматена слатка павлака со замрзнати бобинку или со слатко и џем.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња