Зошто овој град го нарекуваат „престолнината на Сибир“?

Legion Media
Пред нешто повеќе од еден век, Новосибирск беше мало село со само неколку илјади луѓе. Денес тоа е трет по големина град во Русија по број на жители.

Сместен во југозападен Сибир, Новосибирск е уникатен град на рекорди. Ги има најголемиот планетариум, зоолошка градина, театар и аеродром во азискиот дел на земјата, како и најдолгиот метро мост во светот (2.145 метри). Улицата Красни Проспект долга седум километри е една од најдолгите во светот, додека улицата „Сибстројпут“ долга 40 метри е една од најкратките.

Најголемиот театар на опера и балет во Сибир

Новосибирск (кој до 1926 година го носеше името Новониколаевск во чест на царот Николај II) е основан во 1893 година како мала населба за градителите на железничкиот мост преку реката Об. „Во моментов населбата е куп грди, делумно направени згради, преполни со работници кои дојдоа да ја градат железницата и разни трговци“, напиша Јулиус Шмит, агент на една трговска фирма.

Hовониколаевск на преминот од XIX во XX век. Првиот железнички мост на реката Об. Во преден план реката Каменка.

Меѓутоа, поволната географска положба на населбата не дозволи таа да падне во заборав. Не само што се наоѓаше на брегот на голема река, туку низ неа поминуваше и Големиот сибирски пат (како што тогаш се нарекуваше Транссибирската железница), поврзувајќи ја европска Русија со Далечниот Исток.

Базарниот плоштад (денес Плоштадот „Ленин“) во Новониколаевск, 1913.

Набљудувајќи го брзиот економски и демографски раст на градот, советскиот народен комесар за образование Анатолиј Луначарски во 1928 година го нарече Новосибирск „Сибирски Чикаго“. За помалку од 69 години од основањето, го достигна статусот на милион град, што е апсолутен светски рекорд. Денес има население од над 1,6 милиони луѓе, што го прави Новосибирск трет по големина град во земјата по Москва и Санкт Петербург.

Сместен далеку од фронтот за време на Втората светска војна, Новосибирск стана сигурна заднина на Црвената армија. Во градот за потребите на Црвената армија ефикасно работеа триесетина големи индустриски претпријатија евакуирани од западните региони на земјата. Една четвртина од целата артилериска муниција користена од советските трупи беше произведена во Новосибирск.

Плоштадот „Ленин“, Новосибирск

Градот активно се развиваше не само индустриски, туку и научно. Веќе во 1930-тите беа основани десетици научни лаборатории, истражувачки и проектантски институти. Во 1957 година беше изграден Академгородок - еден од најважните научни и образовни центри на Советскиот Сојуз, а денес неговата слава отиде подалеку од границите на земјата.

Планетариумот

Гордоста на СССР Новосибирск често беше домаќин на многу истакнати и важни гости. Шведскиот премиер Улоф Палме, францускиот претседател Шарл де Гол и американскиот претседател Ричард Никсон беа посета во различни периоди. Во 1970 година, првиот човек на Месечината, астронаутот Нил Армстронг, готвеше рибја чорба на брегот на Новосибирската акумулација, позната како „Опско море“.

Бугринскиот мост на реката Об

Како и за остатокот наземјата, распадот на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти беше тежок удар за Новосибирск. Како резултат на намалувањето на финансирањето и распадот на меѓурегионалните економски врски, индустриското производство се намали за три пати. Дури на почетокот на 2000-тите беше можно да се стабилизира ситуацијата.

Железничкиот мост на реката Об

Денес Новосибирск е најголемиот економски, културен, сообраќаен, образовен и научен центар на Сибир. Како административен центар на Новосибирската област и Сибирскиот федерален округ, сега лесно има право неофицијално да се нарекува „престолнина на Сибир“ и во тоа нема сериозни конкуренти.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња