5 тајни на Александровата градина, паркот до ѕидините на Кремљ

Legion Media
По што е специфичен овој парк? Што имало претходно на неговото место? И што е „долната градина“ во која никој не може да влезе?

1. На столбовите на оградата околу Александровата градина има фасцеси, чие прикажување е забрането во некои земји

Градината до ѕидините на Кремљ настанала по војната меѓу Руската империја и Франција. Направена е во периодот од 1819 до 1823 година. Била дел од планот за обнова на Москва по пожарот и првично се викала Кремљовски градини. Името Александрови градини (во множина, за што ќе зборуваме подоцна) го добила дури во 1856 година, по крунисувањето на Александар II.

На меморијалната важност на паркот укажува масивната порта од леано железо на влезот од правец на Црвениот плоштад. Додека столбовите се направени во вид на фасцес - сноп од прачки. За време на Римската империја тој го симболизирал правото на магистратот на сила да издејствува извршување на своите одлуки, додека секирата-лабрис врзана со сноп го означувала неговото право да казнува. По Првата светска војна Бенито Мусолини го избрал фасцесот за симбол на својата партија. Затоа зборот „фашизам“ потекнува од латинскиот fasces. 

Денес фасцесот во некои земји се толкува како симбол на единство и државност, додека во други сè уште е дел од фашистичката симболика.

2. На едно место во паркот може да се чуе подземната река Неглинаја 

Устието на реката Неглинаја кон крајот на XVII век. Дело на А.М. Васнецов

До XIX век на местото на паркот течела реката Неглинаја. Некогаш тоа била чиста и голема река на чии брегови се приредувале народни прослави. За прв пат се споменува во пишани извори во 1401 година.

Меѓутоа, со зголемувањето на градското население, реката сé повеќе станувала место каде што слеваат отпадните води. На крајот станала извор на непријатен мирис и нечистотија, па било одлучено да се „скрие“ под земја. Во 1819 година, реката била затворена во подземна цевка долга три километри, а на ослободениот простор бил направен парк.

Меѓутоа, и денес на површината може да се чуе татнежот на подземната река. Вентилационата шахта на стариот подземен колектор на Неглинаја (во меѓувреме е изграден нов, додека стариот функционира како резервен) излегува директно во паркот. Може да се препознае по стилизираниот антички жртвеник кој претставува специфична декоративна вентилациона решетка.

3. Всушност постојат три градини

Денес сме навикнати да го нарекуваме паркот Александрова градина, но до 80-тите години на XX век името можеше да се слушне и во множина, бидејќи се сметаше дека овој комплекс од 10 хектари опфаќа три градини: Горна, Средна и Долна.

Горната и Долната градина ги дели Троицкиот мост, а се поврзани со своден премин. Средната градина била отворена една година по Горната градина - во 1822 година; од XVI до XVII век на тоа место се наоѓала Државната аптекарска градина, каде што се одгледувале лековити билки и се носеле во Аптекарската управа (органот кој порано бил надлежен за сите аптеки).

Долната градина е најмалата од сите три, долга само 132 метри. Се наоѓа помеѓу Боровицката кула и Кремљовскиот кеј. Во неа нема пешачки патеки, а од 2017 година е затворена за посетители.

4. Италијанска пештера направена од урнатини останати по Наполеон

Во 1821 година во центарот на Горна градина била изградена стилизирана пештера наречена „Урнатини“ (исто така се нарекува и „италијанска“). Овој споменик, кој ја симболизира обновата на Москва од пепелта, е изграден на вештачки рид од урнатините на московските згради урнати од француската армија.

Пештерата ја проектирал Осип Бове, руски архитект со италијанско потекло, кој работел на реконструкцијата на Москва по пожарот во 1812 година.

Меѓу неговите проекти се некои од најзначајните знаменитости на градот: целата Александрова градина, театарот Болшој, Триумфалната капија на плоштадот „Тверскаја Застава“.

5. Повеќе од 100 години тука има заедничка гробница

Главна знаменитост Александровата градина се вечниот пламен и меморијалниот споменик „Гробот на незнајниот јунак“, каде почиваат посмртните останки на војниците загинати 1941 година за време на одбраната на Москва. „Твоето име е непознато, твојот подвиг бесмртен“ – е врежано на гранитна плоча.

Пепелта на војниците беше положена овде во 1966 година по повод 25-годишнината од победата над германските сили кај Москва. Пред тоа се наоѓаше во заедничка гробница на 41-от километар на Ленинградскиот автопат, каде што се воделе најжестоките борби. И беше пренесен во Александровата градина, бидејќи таму веќе беа посмртните останки на борците кои паднаа за револуцијата во 1917 година.

Од 1997 година кај споменикот се наоѓа Стражарското место бр. 1 - почесна стража на војниците на Претседателскиот полк. Секој час менувањето на стражата се врши според посебна церемонија и бројни туристи доаѓаат да го гледаат.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња